Серафимова-Стефановска (Христо) проф. д-р Олга е родена на 31 декември 1932 год. во Охрид, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршила во Охрид, во 1951 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1960 год. Со звањето специјалист по максилофацијална хирургија се здобила во 1969 год. Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска, на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1979 год. одбранила хабилитација на тема “Клиничка евалуација на основните карактеристики и методи на лекување на идиопатска невралгија на тригеминалниот нерв”. Првите работни искуства проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска ги добила во Домот за народно здравје во Струга (1960-1964). Во 1964 год. се вработила на Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Во звањето асистент на предметот стоматохирургија на Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, била избрана во 1964 год., а во 1967 и 1972 год. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1980 год., а во 1985 год. била преизбрана во истото звање. Во звањето вонреден професор, на истата Катедра, била избрана во 1990 год., а во 1996 год. била преизбрана во истото звање. Се пензионирала во звањето вонреден професор во 1997 год. Веднаш по дипломирањето проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска имала стручен престој на Военомедицинската академија во Белград, поранешна СФР Југославија. Дел од специјалистичкиот турнус поминала на Клиниката за максилофацијална хирургија во Љубљана, Словенија, кај проф. Челешник, а дел на Воено- медицинската академија во Белград, кај проф. Штајнер, подоцна и кај проф. Шкоклев. Во 1980 год., во траење од еден месец, како гостин на Шведската академија на науките била на стручен престој во Гетеборг кај професор Јохансон и во Малме кај професор Андерсон. Во 1984 год., во склоп на размената од стручњаци на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје и Универзитетот во Братислава, тогашна Чехословачка, била на двонеделен престој на Стоматолошкиот факултет во Братислава и таму одржала неколку предавања. Во потесниот професионален интерес и преокупација на проф. Серафимова-Стефановска се вбројуваат патологијата и терапијата на параназалните шуплини, болните синдроми, трауматологијата и деформациите во лицево- виличната регија. Публицистичкиот опус на проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска опфаќа 72 статии, 67 објавени во домашни и 5 во странски публикации. Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска била претседател на Стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво, а подоцна и член на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво. Била претседател на Советот на Стоматолошката клиника и член на Управниот од- бор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет. Била член на Наставнонаучниот совет при Медицинскиот факултет и член на Советот на Училиштето за забари и забни техничари, член на Советот на Стоматолошкиот оддел и член на Сојузниот одбор на синдикатите за општествена дејност. Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска била раководител на Поликлиниката при Клиниката за максилофацијална хирургија од 1970 год. Во изборниот период 1984-1986 била продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска, уште како студент, во 1954 год., била парично наградена за темата “Хормони и нивното влијание на развитокот на организмот и мастикаторниот апарат” од страна на Ректорот на Универзитетот во Белград. Добитник е на Орден на трудот со сребрен венец (1989) и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004)
Проф. д-р Серафимова – Стефановска Олга
By Stomatoloski Fakultetin професори во пензија1143