Лазаревски проф. д-р Слободан е роден на 1. септември 1939 год. во с. Орланци, Кичевско, Р. Македонија. Средно образование завршил во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје во 1959 год. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје дипломирал во 1968 год. Со звањето специјалист по максилофацијална хирургија се здобил во 1974 год., а во 1982 год. и со звањето примариус. Во 1980 год. одбранил хабилитационен труд на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов “Согледувања на функционалните параметри при хируршкиот третман на мандибуларниот прогнатизам”. Првото вработување на проф. д-р Слободан Лазаревски, кое траело две години, било во 1959 год., во Кичево, кога работел како забар. Потоа, по дипломирањето, три години работел во Универзитетската поликлиника во Скопје и волонтирал на Клиниката за максилофацијална хирургија, се до вработувањето на таа Клиника во 1970 год. Во звањето асистент на предметот максилофацијална хирургија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје бил избран во 1973 год., а во 1978 год. бил преизбиран во истото звање. Изборот во звањето доцент на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје на д-р Лазаревски бил во 1980 год., а преизборот во истото звање бил во 1989 год. Изборот за вонреден професор му бил во 1990 год., а во звањето редовен професор на истата Катедра д-р Лазаревски бил избран во 1995 год. Се пензионирал во 2004 година. Своето богато професионално искуство проф. д-р Слободан Лазаревски го продлабочувал преку повеќе стручни престои: бил на двомесечен престој на Воено-медицинската академија во Белград, два месеца престојувал во Гетинген, поранешна Сојузна Република Германија, а во 1985 год. го посетувал и 18. Интернационален Линколнов семинар за орална имплантологија во Диселдорф, Германија. За публицистичкиот опус на проф. д-р Слободан Лазаревски, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа 46 статии, 39 објавени во домашни и 7 во странски публикации. Соработник е во изданијата на “Студентски збор” од Скопје, “Тумори во максилофацијалната регија” (1998) и “Амбулантски стоматохируршки интервенции (1999). Ангажираноста на проф. Лазаревски во сите сегменти на професијата и во општеството може да се следи од неговите школски денови, кога бил младински активист во школскиот комитет. Потоа, во Домот за народно здравје во Кичево учествувал во органите на управата. Бил активно вклучен и во работата на стручните и на управните органи и тела на Клиниката за максилофацијална хирургија, на Стоматолошкиот факултет и во Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје. Проф. д-р Слободан Лазаревски бил продекан на Стоматолошкиот факултет во три изборни периоди: 1988/90, 1990/92, 1992/94. Бил член на Советот за здравство при Министерството за здравство на Р. Македонија. Проф. д-р Слободан Лазаревски бил директор на Клиниката за максилофацијална хирургија во Скопје. За својата дејност проф. д-р Слободан Лазаревски бил наградуван повеќе пати, меѓу другото, добитник е на плакета од Универзитетот “Кирил и Методиј” по повод одбележувањето на 40-годишнината на Универзитетот “Кирил и Методиј” (1989) и плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1989, 1999 и 2004).
Проф. д-р Лазаревски Слободан
By Stomatoloski Fakultetin професори во пензија1726