Проф. д-р Богдановски Игнатие
By in
1274

Богдановски (Богдан) проф. д-р Игнатие е роден на 14 декември 1938 год. во с. Радибуш, Крива Паланка. Средно образование завршил во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1957 год. Студиите по стоматологија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје ги завршил во 1964 год. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика со ортодонција се здобил во 1971 год. Во 1977 год. хабилитирал на тема “Корекција на вертикалната димензија по емпириското одредување на висината на загризот и централната оклузија кај пациенти со тотална беззабност”. Дисертацискиот труд на тема “Прилог кон проучувањето на ефикасноста на примената на томографијата при одредувањето на интервиличната релација во текот на изработката на тотални забни протези” го одбранил на Универзитетот во Сараево, во 1989 год., и се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа на стоматолошката протетика. Првото вработување на проф. Богдановски било во 1957 год., како стручен наставник во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје. На Клиниката за стоматолошка протетика во Скопје (Медицински факултет – Стоматолошки оддел) се вработил во 1968 год., а во 1969 год. бил избран за асистент по дентална протетика; во 1974 год. бил преизбран во истото звање. Во 1978 год. бил избран за доцент на Катедрата за стоматолошка протетика, а во 1984 год. за вонреден професор; во 1989 год. бил избран за редовен професор, а во 1995 год. бил преизбран во истото звање. Се пензионирал во звањето редовен професор во 2000 год. Во 1973 год. престојувал на повеќемесечно стручно усовршување на клиниките за стоматолошка протетика во Загреб кај проф. Сувин и во Келн кај проф. Фос и проф. Швикерат. Стручни престои остварил и во Шан и Биберах. Проф. д-р Игнатие Богдановски има објавено 127 статии, од кои 15 во странски публикации. Од 1965 до 1968 год. бил директор на Училиштето за забари и забни техничари. Од 1978 до 1998 год. бил директор на Стоматолошки клинички центар. Како претседател на Стоматолошката секција и на Секцијата за стоматолошка протетика има организирано два собира на стоматолозите од Македонија (1987, 1991). Професор Богдановски бил втемелувач на идејата и реализатор на иницијативата за прераснување на Стоматолошката секција во Здружение на стоматолозите од Македонија и за формирањето на Стоматолошката комора. Како прв претседател на Здружението на стоматолозите, традиционалните стоматолошки собири ги издигнал на ниво на стоматолошки конгреси, организирајќи два конгреса на стоматолозите од Македонија (1994, 1998). Меѓу другите активности на Здружението, го втемелил годишниот симпозиум “Трансфер на науката” предвиден за доедукации на стоматологот практичар (1995, 1996 и 1997). За развојот и афирмацијата на македонската стоматологија професор Богдановски го дал својот придонес како: претседател на Секцијата за стоматолошка протетика (од 1983 до1995); претседател на Стоматолошката секција при МЛД (1987- 1991); претседател на Здружението на стоматолозите на Македонија (1991-1999); претседател на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед (од 1985); претседател на Комисијата за изготвување доктринарни ставови за стоматологијата во Република Македонија (1990-1992); раководител на работната група за спроведување и контрола на АНТИСИДА програмата во Република Македонија. Професор Богдановски бил учесник во изработката на три научни проекти: “Реакција на потпорните ткива кај парцијални протези во корелација со конструкциската изведба на врската помеѓу протезите и забите” (1991),”Томографски проучувања на висината на загризот кај тоталните забни протези” (1992), “Примена на биокерамички ендоосеални имплантати” (1991). Во 1998 год., бил уредник и автор на неколку поглавја на монографијата “За стоматолошката болка”, во издание на Стоматолошкиот клинички центар. Ретроспективата на општествените ангажмани на професор Богдановски не води во неговите студентски денови. Проф. Богдановски бил: раководител на Студентската организација на Стоматолошкиот факултет (1960-1962); член на Општинската конференција на СКМ при Општина Идадија (1963-1965); член на Универзитетскиот комитет на СК (1966-1968); секретар на Синдикалниот одбор на Стоматолошкиот оддел (1968- 1970); секретар на Извршниот одбор на Сојузот на синдикатите на Болничката конференција (1970-1972); претседател на Советот на ООЗТ Стоматолошки оддел (1972-1974); член на Советот на Медицинскиот факултет (1974-1976); член на Извршниот совет на Универзитетскиот центар за медицински науки (1978-1980); член на Извршниот одбор на Заедницата на здравствените работни организации на СРМ (1980-1982); член на Управниот одбор на Републичкиот завод за здравствена заштита (1996-1998); претседател на Комисијата за здравство при Собрание на Република Македонија (1994 -1998); пратеник во Собранието на Република Македонија (1994-1998). За вкупната активност – општествена, стручна и наставно-научна, проф. д-р Игнатие Богдановски е добитник на повеќе признанија и одликувања: Орден заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на трудот со сребрен венец, повелба “Д-р Трифун Пановски” на Македонското лекарско друштво за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практиката и развојот на здравствената заштита, плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” по повод 40-годишнината од неговото формирање и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004). Тој е добитник на плакета за значаен придонес во остварувањето на целите и задачите на Македонското лекарско друштво, признание по повод 50-годишниот јубилеј на Македонското лекарско друштво за придонес даден во афирмацијата на неговите задачи и цели, плакета и признание на Здружението на стоматолозите на Југославија за вложениот труд и вонредното залагање за развојот на стоматолошката струка, наука и дејност и други дипломи и благодарници. Биографијата на проф. Богдановски е објавена во седмото издание на “The International Directory of Distinguished Leadership” на Американскиот биографски институт. Во 1998 год. професор Богдановски бил добитник на наградата “11 Октомври” која му беше доделена како највисоко општествено признание на Р. Македонија за долгогодишни особено значајни остварувања во областа на науката и образованието.

54321
(1 vote. Average 5 of 5)