Катедра за болести на забите и ендодонтот – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје
Катедра за болести на забите и ендодонтот

Историјат

Со почетокот на примената на законот со кој е формиран Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје, во учебната 1959/60 година, почна да се одвива и наставата по предметот дентална патологија (поранешен назив на предметот) на Институтот на кој се изведуваше наставата по три предмети: дентална патологија, болести на устата и детска стоматологија, при што за одговорен наставник беше назначен доц. д-р Иван Тавчиовски.

Во почетоците на Факултетот, оваа Катедра беше именувана како Катедра за дентална патологија. Прв раководител на Катедрата за дентална патологија беше проф. д-р Иван Тавчиовски, којшто е основач и организатор на Катедрата. Проф. д-р Тавчиовски беше и управник на Клиниката за заби и ендодонт и оваа функција ја извршуваше до неговото пензионирање во 1988 година. Воедно, тој има и значајна улога во донесувањето на наставните програми и во формирањето на идниот наставен и стручен кадар. За реализација на практичната настава, во самите почетоци, беа задолжени асистентите д-р Невена Томчева и д-р Иван Минев, на кои во 1963 година им се придружи д-р Нада Цветковиќ.

Со проширувањето на студиските групи произлезе и потребата за вклучување на дополнителни наставно-научни кадри, па така, во 1965 година, во наставата се вклучија д-р Ристо Рафајловски и д-р Јордан Стојаноски, а во 1968 година и д-р Мирослава Стевановиќ. Во 1972 година, на асистентскиот кадар се приклучија: д-р Љупка Димкова (Матовска) и д-р Славјанка Оџаклиевска.

Од година во година, Катедрата за дентална патологија бележеше постојан подем во наставната, научната и здравствената дејност, благодарение на зголемувањето на бројот на наставно-научниот кадар и неговата едуцираност и посветеност.

Како резултат на големите творечки напори, ентузијазмот и несебичниот труд што го вклучуваа сите досегашни генерации, во изминатите децении, Катедрата за дентална патологија прерасна во препознатлив и почитуван фактор во стоматолошката наука и практика во Република Северна Македонија. Затоа, и генерациите кои остануваат, но и оние што доаѓаат, секогаш треба со пиетет да се сеќаваат на поединечните и заедничките напори на нивните претходници, кои нештедејќи се, успешно ги прифаќаа предизвиците што ги налагаше времето.

По пензионирањето на проф. д-р Тавчиовски, функцијата раководител на Катедрата ја презеде проф. д-р Ристо Рафајловски. Од 1992 до 2005 година со Катедрата за болести на забите и ендодонтот раководеше проф. д-р Мирослава Стевановиќ. Во 2005 година, функцијата раководител на Катедрата ја презеде проф. д-р Љупка Матовска. Од јануари до септември 2013 година, функцијата в.д. шеф на катедра ја извршуваше проф. д-р Лидија Поповска. Од септември 2013  до ноември 2017 година, со Катедрата за болести на забите и ендодонтот раководеше проф. д-р Соња Апостолска. Од ноември 2017 година, раководител на Катедрата за болести на забите и ендодонтот е проф. д-р Василка Ренџова.

Претклинички вежби на Катедрата

Наставно-научна и здравствена дејност

Наставата на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје, за студентите по стоматологија, за специјализантите, последипломските и докторските студии, се одвива на истоимената клиника, која ја користи како наставна база. Сместена е на вториот кат од зградата на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон“ и располага со две современо опремени клинички сали наменети за практична настава на студентите по дентална медицина, опремени со по десет работни единици. Исто така, составен дел на Катедрата се рутинската сала со две работни места и дополнителна просторија за стерилизација. За потребите на практичната претклиничка настава на студентите, постои лабораторија опремена со десет најсовремени фантом – студио модели. Ваквата техничка опременост во потполност ги симулира клиничките услови и овозможува добри предуслови за првично стекнување на практичните вештини на студентите.

Клинички вежби на Катедрата

Од 2002 година на Катедрата се изведуваат и додипломски студии за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози. Во моментов, наставата на Катедрата, за додипломските студии, се одвива по две наставни програми и тоа: по наставната програма за петгодишно студирање, и наставната програма за интегрирани шестгодишни студии. Теоретската настава подразбира предавања со интерактивно учество на студентите, подготовка и презентирање на одредена тема од страна на студентите на семинари и консултации. На предавањата студентите се запознаваат со проблематиките на предметот, предвидени со наставниот план.

Практичната настава на Катедрата за болести на забите и ендодонтот е конципирана во претклинички и клинички вежби. На овие вежби студентите се едуцираат за практичниот начин на дијагностицирање и санирање на заболените тврди забни ткива, како и за принципите на лекување во современата ендодонција. Покрај секојдневните амбулантски интервенции, на овие часови студентите се запознаваат и со современите материјали, техники и методи на работа кои се употребуваат во светот.

Во соработка со наставниот кадар, студентите се воведуваат и во научно-истражувачката работа преку изработка на теми од соодветната област кои потоа се презентираат на домашни и меѓународни студентски конгреси.

Паралелно со додипломската наставна дејност, на Катедрата за болести на забите и ендодонтот се одвива и последипломска настава, настава на докторски студии, како и едукативна програма за специјализанти од областа ендодонција и реставративна стоматологија.

Практична работа на симулациона единица – фантом

Научно-истражувачка дејност

Научната дејност на Катедрата се одвива како составен дел од нејзината севкупна работа преку изработка на научни трудови, магистерски трудови и докторски дисертации, научно-истражувачки проекти (домашни и меѓународни).

Во последните десет години на Катедрата се одбранети 2 магистериуми, пет докторати, а уште три докторати се во фаза на изработка. Исто така, во последните десет години се изработени и два научно-истражувачки проекти, еден домашен со наслов ,,Современи методи за конзервативна санација на деструирани заби“, одобрен од Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, и еден меѓународен, со наслов ,,Корелација помеѓу орална хигиена, pH на плунката и дентален плак во фреквенцијата на кариесот и негова контрола, преку современи превентивни мерки кај различна популација, Македонија и Грција“, финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

Научно-истражувачката работа на оваа Катедра во последните десет години вклучува актуелни теми поврзани со ендодонтската терапија како што е оптурацијата на ендодонтски третираните заби и факторите кои влијаат на нејзиниот квалитет преку испитување на микропропустливоста на дефинитивното полнење во in vivo и in vitro услови. Проширени се научните сознанија за влијанието на озонот и ласерот врз успехот на ендодонтската терапија и улогата на машинската ендодонција во ендодонтскиот третман. Научно-истражувачкиот интерес беше насочен и кон испитување на современи материјали и техники во терапијата на перфорирани коренски канали. Суштински е разработена проблематиката поврзана со патохистолошките промени на пулпното ткиво настанати како резултат на примената на современи материјали за директно прекривање на пулпата.

Направени се повеќе испитувања и од областа на денталните материјали. Испитувана е јачината на врската на материјалите за реставрација со тврдите забни ткива и појавата на микропроток при примена на различни атхезивни системи, како и различни техники на апликација (слоевита и bulk) на композитните материјали. Исто така, следејќи ги трендовите во современата стоматологија, се работеше на усовршување на техниките за постигнување на максимална естетика со композитни реставрации, примена на композитни колчиња во конзервативниот третман на ендодонтски лекувани заби со голема коронарна деструкција, како и техниките на примена на најсовремени композитни ламинати.

Клинички вежби на Катедрата

Во годините што се зад нас, низ најразлични форми, Катедрата за болести на забите и ендодонтот соработуваше со сродни факултети од земјите од регионот и пошироко. Ваквата соработка придонесе и сѐ уште придонесува за размена на искуства и надградување на кадрите.

Континуираната научно-истражувачка дејност резултираше со публикување на бројни научни трудови кои имаат значаен придонес за развојот на стоматологијата, но и за стручно оспособување на идните стоматолошки кадри.

Во изминативе десет години, Катедрата за болести на забите и ендодонтот има издадено учебници, скрипти и монографии кои се користат во реализацијата на предвидените наставни содржини.

Во моментов, творечкиот и едукативен потенцијал на Катедрата го сочинуваат пет професори и еден виш научен соработник: