Катедра за детска и превентивна стоматологија – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје
Катедра за детска и превентивна стоматологија

Историјат

Почетоците на развојниот циклус на Катедрата за детска и превентивна стоматологија датираат од 1959/60 година, кога функционирала како составен дел на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, а наставата ја изведувал наставникот по дентална патологија, тогаш доц. д-р Иван Тавчиовски, сѐ до изборот на наставник по детска и превентивна стоматологија, универзитетски предавач, д-р Љубинка Нечева. Одделението за детска стоматологија прераснало во Клиника, а Одделот во Стоматолошки факултет во 1977/78 година. Во 1965 година се вработени д-р Мила Мирчева и д-р Даринка Њего; во 1974 година д-р Снежана Иљовска и д-р Миле Царчев, а во 1975 година д-р Бона Бајрактарова. За развојот на Катедрата за детска и превентивна стоматологија несомнено голем придонес имаат проф.д-р Љубинка Нечева и проф.д-р Мила Мирчева, како нејзини основоположници. Тие, во рамките на своите обврски, мошне одговорно се заложуваа за унапредување на теоретската настава и како основна задача си поставија создавање на нов кадар и негово стручно-научно усовршување. Ваквото водење на кадровската политика на Катедрата набргу донесе позитивни резултати, со што кадровскиот потенцијал на Катедрата постојано се зголемуваше со млади, надежни кадри.

Прв раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија е проф. д-р Љубинка Нечева, а од 1996 год. на оваа функција доаѓа проф. д-р Мила Мирчева. По заминувањето на проф. д-р Мирчева во пензија, со Катедрата раководеа проф. д-р Снежана Иљовска и проф. д-р Марија Стевановиќ.

Од 2018 година со Катедрата за детска и превентивна стоматологија раководи проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска.

Просторна и техничка опременост

Почетоците на Катедрата за детска и превентивна стоматологија датираат од 1959/60 година, во рамките на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет, кога практичната настава по овој предмет се одвивала во т.н. „провизориум бр.1“. Со префрлувањето во новоизградениот објект на Стоматолошкиот клинички центар во 1975 година, Катедрата добива нови, современи простории.

Со текот на времето, континуирано се подобрува техничката опременост, така што во моментов, Катедрата располага со најсовремени КаVo работни места, поставени во две сали, од кои, во едната има десет работни места, а во другата три работни места, со дополнителна просторија за стерилизација.

Новоопремена клиничка сала

Салата за општа анестезија е опремена со апарат за општа анестезија DrägerFabius Tiro, дефибрилатор, хируршки аспиратор, како и дневна болница со два кревета.

Катедрата располага со современ диоден ласер кој може да се користи за повеќе индикации во детската возраст.

Интервенции под општа анестезија

Едукативна и здравствена дејност

Неспорен е фактот дека развојот на Катедрата за детска и превентивна стоматологија во текот на овие 60 години, од аспект на стручно-научно напредување и осовременување со нови технолошки-технички и научни дисциплини, постојано оди во нагорна линија.

Практична клничка настава

Од самите почетоци на Факултетот, во рамките на додипломските студии, оваа Катедра ја изведуваше практичната и теоретската настава по предметот детска и превентивна стоматологија. Со воведувањето на Европскиот кредит трансфер систем на Стоматолошкиот факултет во 2003 година, се обезбедува можност за пообјективна и потранспарентна евалуација на постигнувањата на студентите. Катедрата за детска и превентивна стоматологија, како составен дел на Стоматолошкиот факултет, го примени овој систем во својата наставна дејност. Со тоа се стандардизираат стекнатите знаења на студентите и се создаваат услови за признавање на студиите во земјите на Европската Унија. Кредитите кои студентите ги обезбедуваат со цел да ги положат испитите, зависат како од волуменот на работа опфатен со еден предмет, така и од неговата корелација со вкупниот волумен на работа потребен за комплетирање на целата студиска година. Во овој контекст, едукацијата е од интерактивен тип, што подразбира организирање на предавања, практична работа, присуство на семинари, изработка на семинарски задачи и слично. Крајниот долгорочен ефект на примената на овој систем е уште поблиска соработка со образовните институции од Европската Унија, со стремеж нашата институција да им овозможи на своите студенти да бидат составен дел од едукативните текови во современите европски општества.

Тука, во рамките на едукацијата на студентите на Стоматолошкиот факултет, студентските програми за стручни стоматолошки сестри и за стручни забни техничари, се изведува настава и по предметите: превентивна стоматологија, исхрана и орално здравје, рендгенологија во стоматологијата и забоздравство во заедницата.

Примена на диоден ласер

Во рамките на научната дејност, на оваа Катедра се изведуваат последипломски студии и се реализираат докторски дисертации (прилог).

Активностите на Катедрата опфаќаат и последипломска едукација на специјализанти од истата област. Во тие рамки, денес, на целата територија на Република Северна Македонија работат 109 специјалисти по детска и превентивна стоматологија, и 8 специјалисти по примарна стоматолошка здравствена заштита, одговорни за спроведувањето на стоматолошката заштита кај децата, кои своето професионално усовршување го завршиле на оваа Катедра.

Од 1998 година, во рамките на Катедрата за детска и превентивна стоматологија функционира и Одделот за општа анестезија и реанимација, каде што се третираат, пред сè, дентофобичните и пациентите со посебни потреби. Со тоа, на овие специфични популациони групи им е овозможен адекватен стоматолошки третман, кој претходно им беше недостапен.

Во едукацијата на студентите од апликативен аспект, особено внимание се посветува на третманот на децата со трауми, се применуваат најсовремени методи во лекувањето на заболувањата и трауматските повреди на млечните и младите трајни заби, а особено внимание се посветува на згрижувањето на пациентите со системски заболувања. Се изучуваат и имунолошките аспекти при патолошките промени на денталните ткива кај млечните и трајните заби.

Специфична вредност во едукацијата на студентите претставува користењето на диодниот ласер. Едукацијата се спроведува со употреба на најсовремени реставративни материјали, а на Катедрата се изведуваат истражувања кои водат кон подобрување на нивните перформанси и биокомпатибилност.

Научноистражувачка и публицистичка дејност

Публицистичката дејност е исклучително значаен дел од активноста на Катедрата. Вработените се автори на голем број трудови кои се објавени како во домашни, така и во влијателни странски списанија. Покрај тоа, издадени се повеќе учебници, прирачници и монографии кои се средство во едукацијата на студентите, последипломците и специјализантите (прилог).

Вработените на Катедрата за детска и превентивна стоматологија се редовни и активни учесници на домашните, регионалните и светските конгреси во оваа област (FDI, ORCA, IADR, BaSS, EADPH, МСД и др.).

Во активностите на вработените се вбројуваат и учествата во повеќе национални (7) и меѓународни проекти (прилог).

Во досегашното постоење на Катедрата, искуствата се збогатувани со бројни студиски престои на повеќе реномирани универзитети и институти во странство, меѓу кои, вредно е да се споменат и издвојат факултетите во Њујорк, Хал ин Тирол, Лион, Париз, Лондон, Цирих, Ерфурт, Амстердам, Токио, Бон, Берлин, Антверпен, Солун, Белград, Загреб, Љубљана, Ниш и др.

Во изминатите години е остварена соработка со повеќе сродни организации, а од особено значење е континуираната истражувачка релација со University of Greenwich од Велика Британија, каде што се изработени или се во тек на изработка неколку докторски дисертации.

Со задоволство може да се констатира дека кадровскиот потенцијал на Катедрата за детска и превентивна стоматологија е со висока стручно-научна подготвеност. Напредувањето на Катедрата се одвива со вонредна динамика следејќи ги сите најнови достигнувања и иновации од оваа област во светот. Сето тоа е во согласност и во рамките на високото образование во земјава кое се стреми да се доближи до барањата и нормите на високото образование во светот.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

Во изминатите години, бројот на вработените не се зголемуваше, но постојано се усовршуваше, така што денес, стручно-научниот и едукативниот потенцијал на Катедрата, кој учествува во реализацијата на поливалентната дејност, го сочинуваат пет редовни професори, два вонредни професора и три виши научени соработници и тоа: