Првиот напишан стоматолошки збор на македонски јазик потекнува од професор Железаров. Во издание на Советот за просвета на НРМ, во 1951 година, за потребите за наставната програма во Средното училиште за забари и забни техничари излегла од печат неговата ,,Забна протетика и заботехника’’.
Во 1967 година, Стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво го организирала првиот, историски, I собир на стоматолозите од Македонија во Катлановска бања и го отпечатила првиот зборник на трудови од областа на стоматологијата под наслов ,,Зборник на стручните работи од стоматолошки собир на РМ’’, што претставува зачеток и темел на афирмација и ширење на современите дострели и развојот на македонската стоматологија.
Како потреба за периодична афирмација на македонската стоматолошка стручна и научна мисла, во 1977 година, Стоматолошкиот факултет во Скопје отпочна да го издава, а во континуитет излегува до денес, првото стручно гласило на стоматолозите од Македонија, чии основоположници се: проф. д-р Иван Тавџиовски и неговиот прв главен и одговорен уредник, проф. д-р Благородна Лазаревска, унив. предавач д-р Јордан Стојановски и многу други. Тие ги удрија темелите на македонската периодика.
Во 1973 година, во издание на Универзитетот ,,Кирил и Методиј’’ излегоа од печат истражувањата за кариес фрекфенцијата при оптимална застапеност на флуорот во водата за пиење, под наслов ,,Кариес фрекфенција во подрачје со оптимална и минимална застапеност на флуорот во водата за пиење’’ од Тавџиовски И., Стевановиќ М., Цветковиќ Н., Рафајловски Р., Стојановски Ј., сите ентузијастички кадри на Катедрата, тогаш дентална патологија и терапија при Стоматолошкиот факултет.
Потребата од учебници за студентите на Стоматолошкиот факултет на македонски јазик се чувствуваше се повеќе, па, во 1982 година проф. Мирчев, со богато знаење и искуство во образовниот процес по предметот стоматолошка протетика, својот долг кон генерациите стручњаци што ги продуцирал, но и поради сопствен афинитет кон образовно-едукативниот процес, го исполни со издавање на ,,Стоматолошки материјали’’ (скрипта) во издание на Универзитетска печатница, Скопје, а потоа и со четири други учебника, наменети за студенти, специјализанти, магистранти, докторанти и кон сите што се повеќе или помалку заинтересирани за проблемите од областа на стоматолошката протетика.
Во 1983 година, доајенот на максилофацијална хирургија академик д-р Илија Васков, го издаде својот учебник ,,Трауматологија на лицевовиличните коски’’, за постапно својата долгогодишна практика да ја пренесе во 13 други учебника и атласи од областа на максилофацијалната хирургија.
Во годините што следеа, студентите се повеќе имаа можност наставните содржини по предметите што се изучуваат на Стоматолошкиот факултет да ги совладуваат на македонски јазик, па, денес сме горди што можеме тој тренд да го прикажеме со една импозантна бројка учебници, учебни помагала, практикуми, атласи, речници и монографии.