Целта на оваа студиска програма е едукација на компетентен професионалец, доктор по дентална медицина, способен да ги следи и примени современите достигнувања во струката и науката, да ги воочува научните проблеми, критички да размислува и да ги анализира добиените резултати, да се изгради во одговорна личност со усвоен систем на вредности кои гарантираат успешна и високо професионална работа. Оваа студиска програма ќе придонесе да се оспособи кадар којшто доминантно ќе се занимава со спроведување на превентивни и тераписки постапки, со примена на најсовремени биотехнолошки средства во стоматологијата и ќе го најде своето место на пазарот на трудот во нашата држава.
Студиската програма за интегрирани студии од I и II циклус е со траење од 12 семестри. Вкупниот број на кредити кои студентот ги освојува со положување на сите предмети и одбраната на дипломската работа изнесува 360 ЕКТС.
Факултетот дејноста ја врши на наставните бази и тоа на претклиниките и клиниките во состав на ЈЗУ Универзитетски клинички центар „Св. Пантелејмон“ и во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за максилофацијална хирургија. Наставата по одредено предмети од студиската програма се изведува и на Медицинскиот факултет, Природно-математичкиот факултет, Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески’’ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Студентот изучува задолжителни предмети (т.н. јадро, core) и тоа: базични, медицинско – биолошки и предмети од општа медицина, како и претклинички и клинички стоматолошки предмети. Студентот во текот на студирањето, треба да запише и совлада и дел од понудените изборни предмети, кои се предвидени во секоја година (освен во последната) во различен опсег. Во студиската програма има 25 изборни предмети, од кои студентот избира вкупно 9 предмети.
Зарди спецификите во совладувањето на вештините идните доктори по дентална медицина, по отслушување на клиничките предмети во 4-та и по отслушување на клиничките предмети во 5-та година, студентот задолжително треба да обави летна пракса во траење од 3 недели (15 работни дена). Летната пракса по 4-таta година се обавува кај специјалисти по болести на заби и ендодонтот и орална хирургија, а после 5-та година кај специјалисти по болести на устата и пародонтот и стоматолошка протетика. Обавена летна пракса по 4-та година е услов за запишување на предмети во 5-та година, а обавената летна пракса по 5-та година е услов за запишување на предмети во 6-та година. Истата може да се изведува во ЈЗУ УСКЦ ,,Св.Пантелејмон” Скопје или во друга специјалистичка ординација, од соодветните специјалности.
Студентот напредува во студирањето со редовна посета на предавања, вежби и други облици на наставата предвидени во студиската програма и со полагање на испити. За да може студентот да запише предмети во наредна година (пример во втора, трета итн.) потребно е да ги има отслушано сите задолжителни предмети од претходната година) како и да ги има положенo предметите, и тоа според следниот редослед: за запишување на трета година, положени сите задолжителни предмети од 1-ва година; за запишување на четврта година, положени сите задолжителни предмети од 2-ра година; за запишување на петта година, положени сите задолжителни предмети од 3-та година; за запишување на шестата година, положени сите задолжителни предмети од 4-та година. Студентот во семестарот може да запише предмети кои вкупно носат најмногу 37 ЕКТС.
Научниот назив со којшто се стекнува студентот по завршувањето на студиската програма е Доктор по дентална медицина / doctor of dental medicine.
Студиската програма дава можност за продолжување на студиите на втор циклус на стручни студии за доктори по дентална медицина, на магистерски студии, на трет циклус на студии и на здравствени специјализации кои се регулирани со Законот за здравствена заштита.
Преглед на структурата на студиската програма