Катедра за орална хирургија – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје
Катедра за орална хирургија

Историјат

Почетоците на Катедрата за орална хирургија датираат од учебната 1959/60 година кога е формиран Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Сите активности на одделот се одвиваа на единствената Клиника за болести на устата, забите и виличните коски под раководство на проф. д-р Смилев. Веќе во следната учебна година, 1961/62 се одделија и започнаа самостојно да работат одделенијата за дентална хирургија, ортодонција, болести на устата и забите и Клиниката за стоматохирургија, каде што теоретската и практичната настава ја изведуваа проф. д-р Смилев, д-р Васков, д-р Милошевиќ и д-р Симовска.

Во 1969 година, Одделението за дентална хирургија премина во Клиниката за орална хирургија чијшто организатор и основач е д-р Теменуга Симовска, која е и прв раководител на Катедрата за орална хирургија. Таа ги направи и првите чекори во областа на македонската дентална имплантологија и реконструкција на виличните коски. Од самиот почеток, како нејзини соработници во здравствениот и наставниот процес се вклучија ас. д-р Југослав Стефановски и ас. д-р Марија Муровска. Во периодот потоа, Клиниката за орална хирургија со своето доаѓање кадровски ја дополнија д-р Павле Царчев, д-р Христо Чолаков во 1975 година и д-р Јордан Јанев во 1977 година.

Иако во скромни услови и со редуциран број, стручниот тим на Клиниката за орална хирургија заеднички, со ентузијазам, успешно ги разрешуваше секојдневните професионални предизвици.

Ас. д-р Југослав Стефановски во 1980 година на Стоматолошкиот факултет во Скопје одбрани хабилитационен труд од областа на оралната хирургија под наслов „Клинички, рендгенолошки и гнатодинамометриски вредности на оперираните заби со хронични периапикални процеси во горната вилица“. Овој хабилитационен труд е кулминација на повеќегодишната посветеност на проф. д-р Југослав Стефановски кон хируршката терапија на хроничните периапикални инфламаторни процеси, што доведе до усовршување и осмислување на автентични терапевтски концепти кои и денес се актуелни. Ас. д-р Марија Муровска во 1981 година на Стоматолошкиот факултет во Скопје го одбрани хабилитациониот труд од областа на оралната хирургија под наслов „Проблемот на акутната одонтогена инфекција во орално-хируршката практика“. На професионален план, проф. д-р Муровска се фокусира на расветлување на проблемите кои произлегуваат од акутните инфекции во лицево-виличниот комплекс и на превенција на професионалните заболувања на стоматолошкиот тим.

Кадровската карта на Клиниката за орална хирургија во периодот на 80-тите години се заокружи со вработувањето на д-р Љубчо Чортановски и д-р Борис Величковски во 1985 година.

Д-р Јордан Јанев во 1986 година во Сараево ја одбрани докторската дисертација од областа на оралната хирургија под наслов „Клинички, рендгенолошки и гнатодинамометриски аспекти испитивањa реимплантираних зуба“. Денталната имплантологија и примената на алопластични материјали во оралната хирургија претставува примарна професионална преокупација на проф. д-р Јордан Јанев.

По пензионирањето на проф. д-р Теменуга Симовска, проф. д-р Југослав Стефановски е избран за раководител на Катедрата за орална хирургија во период од 1985 до 1991 година.

Во 1989 година на Клиниката се вработуваат д-р Сашо Поп-Ацев и д-р Драгољуб Миљковиќ, д-р Цена Димова и д-р Љуба Симјановска.

Проф. д-р Јордан Јанев раководи со Катедрата за орална хирургија од 1992 до 2005 година.

Во 1991 година на Клиниката се вработуваат д-р Марина Стефановска (Кацарска) и д-р Марија Пеева Петреска. Д-р Оливер Димитровски се вработува во 1993 година.

Оттогаш до денес, кадaрот на Катедрата по орална хирургија постојано се зголемува.

Раководител на Катедрата за орална хирургија од 2006 година е проф. д-р Борис Величковски.

Во 2020 година, од Катедрата за орална хирургија се одвојува Катедра за имплантологија, при што проф. д-р Марија Пеева Петреска, проф. д-р Едвард Јанев и проф. д-р Даниела Велеска Стевковска преминуваат на новоформираната катедра, но тесно соработуваат со наставниот кадар од Катедрата за орална хирургија.

Наставна база на Катедрата за орална хирургија (просторна и техничка опременост)

Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје се наоѓа во рамките на Клиниката за орална хирургија и е сместена на вториот кат од Универзитетскиот стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон“.

Практичната настава на Катедрата се изведува во амбуланта со шест работни места, фантом-сала, четири операциони сали и просторија за стерилизација.

Операционите сали се опремени со четири нови работни места. Во нив се изведуваат хируршки и имплантолошки интервенции.

Просторијата за стерилизација е стратешки позиционирана помеѓу амбулантниот и оперативниот дел на Клиниката. Во неа, покрај стерилизација на инструментариумот се изведува практична претклиничка настава за доктори по дентална медицина и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

На Катедрата за орална хирургија одредени мекоткивни интервенции се изведуваат со високоенергетски ласер од генерацијата Fidelis III: NdYAG и ErYAG. Станува збор за претпротетски мекоткивни хируршки интервенции како френулектомии, ексцизии, продлабочување на вестибулум и отстранување на мали бенигни туморозни формации.

Шеста деценија на Катедрата (2009-2019)

На Катедрата за орална хирургија се изведува едукативен процес за студенти по дентална медицина, специјализанти, последипломци и докторанди. Истовремено, Катедрата претставува наставна база за студенти на додипломска студиска програма за стручни стоматолошки сестри и стручни забни техничари.

Во додипломската настава за студенти по дентална медицина, Катедрата интегрира пет предмети: три задолжителни и два изборни. Задолжителни предмети кои се изучуваат се претклиничка орална хирургија, орална хирургија 1 и орална хирургија 2. Изборни предмети се дентални интервенции кај пациенти со ризик и дентална имплантологија.

Наставата ја реализираат три редовни и три вонредни професори, еден виш научен соработник, еден научен соработник и два асистента.

Начинот на изведување на наставата е од интерактивен тип, согласно со препораките на Европскиот кредит трансфер систем кој на Катедрата за орална хирургија успешно се спроведува.

Студентите преку различен облик на ангажираност учествуваат во изведувањето на наставниот час. Тие можат да ја изразат својата креативност, да иницираат дискусија за одредена проблематика, да изработат семинарска работа за одредена наставна материја и подобро да се запознаат со неа.

Практичната клиничка настава по сите предмети се изведува во амбулантантниот сегмент на Клиниката за орална хирургија и имплантологија.

Клиничка практична настава

Преку клиничката практична настава студентите учат како да воспостават квалитетна реципрочна комуникација со пациентот, да земаат анамнеза и клинички преглед, да диференцираат патолошки од физиолошки состојби, да постават индикација за екстракција, да аплицираат инфилтративна анестезија и да изведат атрауматски некомплицирани екстракции. Во рамките на ЕКТС, низ практичната настава студентите се вклучени во следењето на современите трендови во оралната хирургија и имплантологија. Се запознаваат со современи методи на хируршка терапија на хронични периапикални инфламаторни лезии, хируршка терапија на импактирани и полуимпактирани заби, ортодонтско-хируршки третман на импактирани заби, претпротетска хирургија, примена на дентални графтови и мекоткивни оралнохируршки интервенции. Особено се промовираат и актуелизираат основните и напредните имплантолошки техники.

Покрај додипломската настава, на Катедрата долги години се организира последипломска настава и специјалистичка едукација.

Специјалистичка едукација

Студентите на Стоматолошкиот факултет, покрај секојдневните активности, организираат и активно учествуваат на студентски конгреси. Студентските теми се изработуваат под менторство на наставниот и помошниот наставен кадар, стекнувајќи искуство за изработка и презентација на стручна и научно-истражувачка работа.

Во 2002 година на Стоматолошкиот факултет во Скопје се воведоа додипломски студии за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози. Катедрата за орална хирургија учествува во конципирањето и збогатувањето на наставната содржина и во реализацијата на програмата. Со оваа едукација, стручно едуцираните стоматолошки сестри и забни техничари имаат можност да се запознаат со современите трендови од разни области на стоматологијата.

Покрај додипломските, последипломските и специјалистичките студии, Катедрата учествува во реализацијата на континуирана едукација, промовирана и акредитирана од Стоматолошкиот факултет и Стоматолошката комора на Македонија.

Научно-истражувачка и публицистичка дејност

Научната дејност на Катедрата претставува нераскинлив дел од нејзината севкупна активност. Се изработуваат научни магистерски и докторски трудови, научно-истражувачки проекти и индивидуални или тимски научни и стручни трудови, кои се публикуваат и презентираат на стручни манифестации на Здружението на орални хирурзи при Македонското стоматолошко друштво, домашни и странски конгреси и симпозиуми.

Катедрата има унифицирани, автентични, научно потврдени ставови за хируршки терапевтски постапки при акутни одонтогени инфекции и хронични периапикални инфламаторни лезии.

Темелно и суштински е разработена проблематиката поврзана со импактираните заби; индикациите за примена на високо софистицирани имиџинг модалитети во дијагностичките и тераписките процедури на импактиранитe заби, како што се компјутеризираната томографија и компјутеризираната томографија со конусен зрак (CBCT).

На научна основа се ревидирани клиничките, рендгенолошките, патохистолошките и современите имунолошки аспекти на инфламаторните цисти.

Сериозно се работи на полето на коскена аугментација и примена на современи методи на подготовка и апликација на тромбоцитно богата плазма (PRP).

Научните истражувања во доменот на хируршкиот третман на хроничните периапикални инфламаторни лезии, резултираа со диференцирање и промовирање на современи хируршки методи и издавање на учебник во 2013 година: ,,Дијагноза и хируршка терапија на периапикалните инфламаторни лезии“ од д-р Марина Кацарска.

Проблематиката на алергиски реакции од локалните анестетици и апликативната вредност на in vivo и in vitro алерголошките тестови е иследувана.

Темелно е истражено прашањето на континуирана антитромбоцитна терапија во релација со интра и постоперативно крварење кај оралнохируршките интервенции.

На научна основа е детерминирано периоперативното однесување на комплемент системот, акутните фазни протеини и цитокините при оралнохируршките интервенции.

Направени се сериозни истражувања насочени кон влијанието на коскените маркери во релација со степенот на минерализација на оралнохируршки коскени дефекти кај пациенти со diabetes mellitus.

Испитана е можноста за остеоинтеграција на денталните импланти кај пациенти со diabetes mellitus.

На Катедрата за орална хирургија се изработени пет научноистражувачки проекти, од кои еден од областа на денталната имплантологија, два од областа на хемостазата, еден кој ја опфаќа проблематиката на периапикалните лезии и уште еден проект кој го обработува проблемот на имунолошката реактивност кај пародонталната болест.

Насочувајќи ја научната мисла кон различни аспекти од научноистражувачкото поле во доменот на оралната хирургија, во изминатиот период се објавени бројни публикации со нагласена научна и апликативно-стручна тежина. Со нив се дава несомнено голем придонес во расветлувањето на сѐ уште присутните научни дилеми, а истовремено се проширува хоризонтот на научните сознанија.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

Проф. д-р Борис Величковски
Проф. д-р Оливер Димитровски
Проф. д-р Марина Кацарска
Науч. сор. д-р Љуба Симјановска
Доц. д-р Гордана Апостолова
Ас. д-р Владимир Филиповски