Катедра за болести на устата и пародонтот – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје
Катедра за болести на устата и пародонтот

Историјат

Напоредно со формирањето на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1959 година започнува и наставата по предметот болести на устата и пародонтот. На почетокот, целокупната наставна дејност се одвивала преку два института, од кои во едниот од нив се изведувала и наставата по предметот, за подоцна да прерасне во Kатедра за болести на устатa и пародонтот. Почетоците на Катедрата ги одбележуваат низа кадровски и просторни проблеми, но од друга страна, ентузијазам и голема посветеност. Првата година, теоретската настава ја изведувал д-р Железаров, а подоцна биле вклучени доц. д-р Џајиќ, доц. д-р Теодосијевиќ и доц. д-р Кремжар од Стоматолошкиот факултет во Белград.

Забрзан развој на Катедрата за болести на устата и пародонтот настанува во периодот на раните шеесетти години, со доаѓањето на, тогаш, ас. д-р Благородна Лазаревска, која претставува втемелувач на наставната, здравствената и научната дејност. Со амбиција и самопрегор, таа ја организирала практичната настава и постепено ја осовременувала теоретската. Набрзо, како нејзин прв соработник, во наставниот процес била вклучена ас. д-р Лилјана Милошевска.

Во почетокот, теоретската настава се одржувала во амфитеатрите на Медицинскиот факултет, а практичната настава се одржувала во вежбалната во тогаш новоизградениот провизориум II. Воедно, доаѓа и до кадровско доекипирање, па во 1970г. и периодот на раните осумдесетти, во наставата се вклучуваат д-р Вангел Димитровски, д-р Марија Накова, д-р Методи Симоновски, д-р Златанка Белазелкоска, a нешто подоцна и д-р Ана Миновска, д-р Мирјана Поповска и д-р Елизабета Атанасовска.

Иако во скромни услови и со мал број на соработници, проф. д-р Благородна Лазаревска, како одговорен наставник по предметот и негов вистински основоположник, а потоа раководител на Катедрата за болести на устата и пародонтот, до 1990 г. ги поставува темелите на денешната Kатедра за болести на устата и пародонтот.

Во 1974 г., со изградбата на двата современи објекта, Одделението за болести на устата добива сопствени простории и прераснува во Клиника за болести на устата и пародонтот, која послужи како наставна база за истоимената катедра, каде што и денес се изведува практичната настава за студенти, специјализанти, магистранти и докторанди.

Во услови на просторно проширување, наставниот и помошно-наставниот кадар постојано не само што бројно се зголемува, туку и постојано се надградува со нови знаења и вештини.

Во рамките на првобитното Одделение за болести на устата, речиси од самиот почеток, работела и хематолошката лабораторија, која со поддршка на проф. д-р Лазаревска ја развивала д-р Красимира Тасевска, а подоцна во работата се вклучува и дипл. биохемичар Лилјана Ангеловска. Покрај секојдневните лабораториски услуги, во неа се изведувале вежби: микроскопски и цитолошки истражувања.

Со пензионирањето на проф. д-р Лазаревска, на Катедрата се променија повеќе раководители од кои секој даде свој придонес во нејзиниот развој. Во 2003 година, предметот болести на устата и пародонтот се подели на два предмети: пародонтологија и орална патологија. На Катедрата се воведоа предметитe: орална биохемија, орална хигиена, фокални инфекции и други.

Катедрата за болести на устата и пародонтот на Стоматолошкиот факултет во Скопје, користејќи ја истоимената клиника како наставна база, е сместена на третиот кат од објектот ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон“ – Скопје и располага со една сала за практична настава со 10 работни места, една рутинска сала со 3 работни места, една операциона сала, сала за стерилизација и биохемиска лабораторија.

Наставно-научна и здравствена дејност

На Катедрата за болести на устата и пародонтот се одвива настава за студентите по дентална медицина, специјализантите, студентите од втор циклус студии и докторандите. Истовремено, Катедрата претставува наставна база за студентите на додипломските студиски програми за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

Начинот на изведувањето на теоретската настава на Катедрата за болести на устата и пародонтот во последните дваесет години претрпе измени во позитивна насока. Денес таа се изведува според Европскиот кредит трансфер систем, кој успешно се реализира на Катедрата.

Студентите преку различни облици на ангажираност, учествуваат во наставниот час. Тие имаат можност да го креираат часот, да развиваат дискусија на определена тема, со цел што полесно и потемелно да ја совладаат наставната содржина.

Денес, Стоматолошкиот факултет, па оттука и Катедрата, располага со современи нагледни средства за изведување на теоретската настава: компјутери, LCD проектори и камери и на тој начин се олеснува совладувањето на содржините од наставната единица, што влијае на интересот на студентите.

Практична клиничка настава

Практичната клиничка и претклиничка настава по сите предмети се изведува во салите за вежби на Клиниката за болести на устата и пародонтот и во биохемиската лабораторија. На оваа Катедра, студентите од студиската програма по дентална медицина, преку практичната настава по предметот орална хигиена, го остваруваат својот прв контакт со пациентот од стоматолошката практика.

Практична настава во биохемиската лабораторија

Преку претклиничката практична настава студентите ги изучуваат основите на оралната физиологија и биохемија. Преку клиничката практична настава студентите најнапред го остваруваат контактот со пациентот, ги разграничуваат патолошките од физиолошките состојби, ја дефинираат прогнозата на болеста и учествуваат во ординирањето на терапија. Исто така, во рамките на ЕКТС, во практичната настава, студентите се вклучуваат во следење на современите трендови во пародонтологијата и оралната патологија, раната детекција на оралните заболувања, ги изучуваат индикациите и контраиндикациите за примена на ласер-терапијата.

Ласер терапија како дел од терапевтските процедури

Покрај додипломската, долги години наназад, се организира последипломска настава и специјалистичка едукација. На Катедрата за болести на устата и пародонтот се изведува настава и обука за специјалностите од областа на пародонтологијата и оралната патологија, кои произлегоа од поранешната специјализација – болести на устата и пародонтот.

Студентите на последипломски и специјалистички студии, покрај сите конзервативни и физикални методи, се едуцираат и за изведување на хируршки третман на пародонталната болест.

Хируршки третман на пародонталната болест

Студентите од Стоматолошкиот факултет, покрај секојдневните наставни активности, се организатори и учесници на студентски конгреси. Студентските теми кои беа изработени под менторства на наставниот кадар на Катедрата, во 2002, во 2009, во 2013, и во 2018 година беа првонаградени. Една од студентските теми која е работена на Катедрата, на меѓународен конгрес во Словенија, освои две први награди, и од страна на студентите, и од страна на наставниците кои беа во стручната комисија која ги оценуваше темите. Секако, придобивката од учеството на студентите е збогатување на практичните искуства и вовед во научно-истражувачката работа.

Од 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје започна реализацијата на додипломски студии за стручни забни техничари и за стручни стоматолошки сестри, во кои Катедрата зема учество во креирањето на студиските програми и реализацијата на наставата.

Работилница за орална хигиена

Освен во додипломските, последипломските и специјалистичките студии, Катедрата учествува и во реализацијата на континуираниот едукативен процес на докторите по стоматологија/дентална медицина.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

Катедрата за болести на устата и пародонтот брои 11 професори, еден виш научен соработник и еден асистент: