Преглед на наставниот план за магистерски студии на Стоматолошкиот факултет донесен во учебната 1990/1991 година

Во учебната 1990/1991 година бил донесен и усвоен вториот наставен план на Стоматолошкиот факултет во Скопје за постдипломска настава, кој опфаќа двегодишно студирање, односно четири семестра, според кој наставата се изведува и денес на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Наставниот план и програма се реализираат преку 235 часа теоретска настава и 80 часа практична настава.

Во првите два семестра на магистерските студии кандидатите се воведуваат во научноистражувачката работа, во биостатистиката и во биоинформатиката со кибернетика и во основите на хуманата генетика и имунологија. Истовремено, кандидатите се здобиваат со продлабочени теоретски и практични познавања и вештини во примената на современите научни и технолошки достигнувања кои се однесуваат на заболувањата и неправилностите во орофацијалната регија. Комбинираната теоретска и практична настава обезбедува оптимални услови за едукација преку интерактивна настава, семинари и изработка на стручни трудови.

Во третиот семестар, наставата е фокусирана на специфичниот предмет на Стоматолошкиот факултет во Скопје за кој кандидатот се одлучил (осум предмета-насочен предмет), пребарување на литература, додека четвртиот семестар е предвиден за консултирање на стручна и научна литература, консултации со менторот и изработка на магистерскиот труд.

Во наставата е вклучен искусен кадар и еминентни наставници од Медицинскиот и од Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

 

Предмети Часови
Методологија во научноистражувачката работа со клинички приод 50+10
Биомедицинска статистика 50+0
Биоинформатика со кибернетика 30+10
Основи на хумана генетика 25+0
Основи на имунологија 30+10
Актуелности во орофацијалната регија 50+50
Сите специфични предмети на Стоматолошкиот факултет во Скопје (осум предмети – насочен предмет)