Катедра за орална хирургија

Историјат

Стоматолошкиот оддел формиран при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје, почна со работа во учебната 1959/60 година. Севкупната дејност на Одделот се одвиваше преку заедничката Клиника за болести на устата, забите и виличните коски, под раководство на проф. Смилев. Веќе во 1961/62 година се издвојуваат и самостојно работат одделенијата за дентална хирургија, ортодонција, болести на устата и забите и Клиниката за стоматохирургија, каде теоретската и практичната настава ја изведуваат проф. Смилев, д-р. Васков, д-р Милошевиќ и д-р Симовска.

Во 1968 година, д-р Симовска е назначена за раководител на предметот стоматохирургија со наставно звање универзитетски предавач. Во 1969 година Oдделението за дентална хирургија е преименувано во Клиника за орална хирургија. Д-р Симовска претставува организатор и основач на Клиниката за орална хирургија, раководител на Катедрата за орална хирургија (1968-1985) и основоположник на Специјалистичката секција на оралните хирурзи. Таа ги направила и првите чекори за македонската дентална имплантологија и реконструкција на виличните коски. Во 1968 година Катедрата се надополнува со нови кадри, пa, се вработуваат д-р Стефановски и д-р Муровска, кои веднаш се избрани за асистенти. Две години подоцна пристигнува д-р Царчев; во 1975 год. д-р Чолаков и во 1977 год. д-р Јанев. Заокружувајќи ја персоналната наставна и помошно наставна карта на Клиниката во 1985 година, примени се д-р Чортановски и д-р Величковски.

Егзистенцијалните тераписки процедури посебно во хируршкото разрешување на хроничните периапикални процеси, како и појавата на можните компликации, проф. д-р Југослав Стефановски, со својот автентичен приод, ги прошири, правејќи ги можни и во оние случаи кои инаку биле вбројувани во редот на индикации за егзодонција. Во 1980 година д-р Стефановски го одбранил хабилитациониот труд под наслов “Клинички, рендгенолошки и гнатодинамометриски вредности на оперираните заби со хронични периапикални процеси во горната вилица”. На професионален план проф.д-р Муровска била фокусирана на расветлување на проблемите што произлегуваат од акутните инфекции во лицево-виличниот комплекс. Таа била посебно посветена на превенција на професионалните заболувања на стоматолошкиот тим. Во 1981 година д-р. Муровска го одбранила хабилитациониот труд под наслов “Проблемот на акутната одонтогенаинфекција во орално-хируршката практика”. Првата докторската дисертација од областа на оралната хирургија, под наслов “Клинички, рендгенолошки и гнатодинамометриски аспекти испитивањa реимплантираних зуба” ја одбранил д-р Јанев во Сараево, во 1986 година. Денталната имлантологија и остеологија како и актуелизацијата на примената на алопластичните материјали во стоматологијата претставуваат долгогодишна професионална преокупација за проф.д-р Јордан Јанев.

По пензинирањето на проф. Симовска, во 1985 година, проф. Стефановски бил избран за раководител на Катедрата за орална хирургија (1985 – 1991). Во 1989 година се вработуваат д-р Сашо Поп-Ацев и д-р Драгољуб Миљковиќ, д-р Цена Димова и д-р Љуба Симјановска. Во учебната 1991/92 избрани се во звањето асистенти д-р Сашо Поп-Ацев и

д-р Драгољуб Миљковиќ. Проф. д-р Јордан Јанев ја извршувал функцијата раководител на Катедрата за орална хирургија од 1992 до 2005 година. Актуелен раководител на Катедрата за орална хирургија, од 2006 год., е доц. д-р Борис Величковски.

 

Актуелна кадровска поставеност на Катедрата за орална хирургија

 

Проф. д-р Борис Величковски

Проф.д-р Борис Величковски е шеф на Катедрата за орална хирургија од 2006 година. Во 1994-та година магистрирал на тема “Фреквенција на локализација на импактиран и полуимпактиран долен трет молар и можности за тераписки третман”. Со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2002 година, со одбрана на докторска дисертација со наслов “Примена на компјутеризирана томографија и магнетна резонанца во хируршкиот третман на импактирани заби”. Во 2006-та година е избран за доцент, во 2009-та година во вонреден професор, а во 2014-та година е избран во редовен професор.

 

Проф.д-р Марија Пеева Петреска

Др. Марија Пеева Петреска е вработена на Клиниката за орална хирургија во 1990 година како клинички лекар.  Магистрирала во 2002 година на тема„Проценка на хемодинамските и електрокардиографските промени кај пациенти со кардиоваскуларни заболувања во тек на оралнохируршки интервенции”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2007 со одбрана на дисертацијата „Влијанието на плазма богата со тромбоцити на коскената регенерација на хумани дефекти во виличните коски”. Во 1993 година е избрана за помлад асистент на Катедрата за орална хирургија, а во 2002 година избрана е за асистент. Во 2011 година избрана е за доцент, а во 2014 за вонреден професор на истата Катедра.

 

Проф.д-р Оливер Димитровски

Д-р Оливер Димитровски, вработен на Клиниката за орална хирургија ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар “Св. Пантелејмон” во Скопје, со дата на раѓање 28.08 1969 година во Скопје. Доктор стоматолог, во 1991/1992 – дипломирал на Стоматолошкиот факултет  при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, со среден успех 9,81. 1998 – Специјалист по орална хирургија на Стоматолошки факултет во Скопје 2003 – Магистер на стоматолошки науки од областа на орална хирургија (Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Стоматолошки факултет во Скопје), со одбрана на магистерски труд под наслов  “Имунолошки промени кај пациенти со хронични пародонтити”2007 – Доктор на стоматолошки науки од областа на орална хирургијаа (Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Стоматолошки факултет во Скопје) со одбрана на докторската дисертација под наслов “ Клинички, микробиолошки, патохистолошки и рендгенолошки аспекти на инфламаторните цисти”.Вработување и избори во наставни звања1992 – клинички лекар на Клиниката за орална хирургија 1996- Избор во наставното звање помлад асистент на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје 1999 – Реизбор наставно звање помлад асистент на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје 2003 – Избор во наставно звање асистент  на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје   2005 – Реизбор во наставно звање асистент  на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје 2008 – Избор во наставно звање насловен доцент на Катедрата  за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје 2013- Избор во наставно-научно  звање вонреден професор на Катедрата  за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје

 

Доц. д-р Марина Кацарска

Др. Марина Кацарска е вработена на Клиниката за орална хирургија во 1991 година како клинички лекар.  Магистрирала во 2003 година на тема „Морфолошка диспозиција на апикалните варијации на каналниот систем кај хуманите максиларни премолари, ендодонтско орално-хируршки тераписки проблем”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2009 со одбрана на дисерацијата „ Валоризација на клиничко-тераписките атрибути на ултрасоничната наспроти конвенционална ретропрепарација- in vivо студија”. Во 1993 година е избрана за помлад асистент на Катедрата за орална хирургија, а во 2007 година избрана е за асистент. Во 2014 година избрана е за научен соработник на истата Катедра, а во 2018 година во доцент.

 

Доц. д-р Едвард Јанев

Првото вработување го остварува во 1998 година на Клиниката за орална хирургија, Стоматолошки клинички центар Скопје. Магистрира 2004 година од областа на оралната хирургија на УКИМ во Скопје ,со магистерски труд “Рендгенолошка евалуација на коскениот ткивен одговор на вилиците по апликација на алопластични материјали”. Во звањето помлад асистент на Катедрата за орална хирургија бил избран во 2000 година. Во 2004 година бил реизбран во постар асистент на истата катедра. Доктор на стоматолошки науки на Универзитетот”Св.Кирил и Методиј”во Скопје постанува со одбрана на докторска дисертација под наслов “Импликација на континуираната антитромбоцитна терапија врз интраоперативното и постоперативното крвавење при изведувањето на оралнохируршките интервенции” во 2012 година. Во звањето научен соработник е избран 2014 година на Катедрата за орална хирургија, а во 2018 година во доцент.

 

Науч.сор.д-р Љуба Симјановска

Др. Љуба Симјановска е вработена на Клиниката за орална хирургија во 1989 година како клинички лекар.  Магистрирала во 2002 година на тема „Рационална проценка на можните алергиски и псеудоалергиски реакции на локалните анестетици при оралнохируршки интервенции”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2009 со одбрана на дисерацијата ационална дијагностичка и прогностичка проценка на локалните алергиски реакции на локални анестетици-in vivо и in vitro тестирање”. Во 1997 година е избрана за помлад асистент на Катедрата за орална хирургија, а во 2003 година избрана е за асистент. Во 2014 година избрана е за научен соработник на истата Катедра.

 

Науч.сор.д-р Даниела Велеска Стевковска

Др. Даниела Велеска Стевковска е вработена на Клиниката за орална хирургија во 2001 година како клинички лекар.  Магистрирала во 2008 година на тема „Периоперативно однесување на комплемент системот, акутните фазни протеини и цитокините при оралнохируршки интервенции”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2013 со одбрана на дисерацијата „Евалуација на имунолошките, микробиолошките и вирусолошките аспекти на денталните импланти”. Во 2008 година е избрана за помлад асистент на Катедрата за орална хирургија, а во 2011 година избрана е за асистент. Во 2014 година избрана е за научен соработник на истата Катедра

 

Ас.д-р Гордана Апостолова

Др. Гордана Апостолова е вработена на Клиниката за орална хирургија во 1997 година како клинички лекар.. Магистрирала во 2011 година на тема „Промени на концентрацијата на глукоза во крв кај пациенти со контролиран дијабет при оралнохируршки интервенции”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2015 со одбрана на дисерацијата „Влијание на коскените маркери во проценка на минерализацијата на оралнохируршки коскени дефекти кај пациенти со diabetes mellitus”. Во 2005 година е избрана за помлад асистент на Катедрата за орална хирургија, а во 2011 година избрана е за асистент

 

Ас.д-р Владимир Филиповски

Др. Владимир Филиповски е вработен на Клиниката за орална хирургија во 1992 година како клинички лекар.. Магистрирал во 2006 година на тема „Тераписка примена на имплантен систем во корелација со параметрите на периимплентната инфекција”, а со степенот доктор на стоматолошки науки се стекнува во 2013 со одбрана на дисерацијата „Осеоинтеграција на ендоосеалните дентални импланти кај пациенти со дијагностициран  diabetes mellitus”. Во 1997 година е избран за асистент на Катедрата за орална хирургија.

 

  

Просторна и техничка опременост

Во периодот 2004-2005 година свечено се отворени нови работни простории на Клиниката за орална хирургија како наставна база на истоимената Катедра, проектирани според современи ергономски принципи за установи од ваков тип со што е зголемен работниот капацитет на клиничкиот простор. Практичната настава за прв циклус студии т.е. за доктори по дентална медицина се изведува во две амбуланти. Една со две стоматолошки столици е наменета за претклиничка а другата со шест стоматолошки столици за клиничка настава. Практичната настава предвидена со програмата за специјализација по орална хирургија се изведува во   и четири операциони сали, од кои една е наменета за имплантолошки интервенции.

Стерилизација на хируршкиот инструментариум се врши во специјално опремен простор за стерилизација. Овој простор е од особена важност за практичната настава предвидена во програмата за стручни стоматолошки сестри. Одделот за имплантологија е оформен врз основана претходни детално разработени проекти и анализи кои датираат од

2000/2001 година. Како носители на имплантолошките тимови именувани се: Проф. д-р Марија Пеева-Петреска, Проф. д-р Оливер Димитровски, Науч.сор.д-р Едвард Јанев и Ас. д-р Владимир Филиповски.

 

Наставнонаучна и здравствена дејност

На Катедрата за орална хирургија се изведува теоретска настава, како едукативен процес промовиран и акредитиран од Стоматолошкиот факултет. Практичната настава по предметот орална хирургија за студентите, стажантите, специјализантите и постдипломците се изведува на Клиниката за орална хирургија.

Европскиот кредит трансфер систем – ЕКТС е воведен наСтоматолошкиот факултет во 2003 година. На Катедрата за орална хирургија се реализира теоретска и практична наста за следните студиски програми:

– I циклус додипломски студии за доктори по дентална медицина;

– специјалистички студии од областа орална хирургија;

– студиска програма за стручни забни техничари;

– студиска програма за стручни стоматолошки сестри-орални хигиенолози;

– II циклус постдипломски студии за магистри по дентална медицина и

– III циклус докторски студии

Изучувањето на предметот орална хирургија подразбира анализа на индикациите за локална анестезија и егзодонција, запознавање со принципите на асепса, проучување на компликациите од анестезија и компликации во тек на екстракција, орално-хируршки приод кај пациенти со акутни или хронични интернистички заболувања, потоа акутни одонтогени инфекции, хемостаза, хронични периапикали процесии нивни хируршко-ендодонтски третман, третман на цистите во оралната празнина, третман на импактираните заби, претпротетичка хирургија, дентална имплантологија и дентални графт-материјали.

Теоретскиот едукативен процес е организиран преку предавања, интерактивна настава, припрема на презентации на одредена тематска единица од страна на студентите, семинарски работи, факултативни активности и консултации. На предавањата се разработуваат теми предвидени со наставниот план и програма за предметот орална  хирургија. Предавањата ги изведуваат наставниците по соодветната наставно-научна област. Активноста на предавање подразбира слободно изразена волја на студентот со свои знаења и сознанија интерактивно да учествува во дискусии поврзани со наставната единица која се обработува на часот. Под активност се подразбира и индивидуален ангажман на студентот за припрема на методска единица и презентација за време на часовите по теоретска настава. Изработката на семинарскиот труд подразбира индивидуален приод кон одредена тема од областа на оралната хирургија. Концептуално вклучува: вовед, главен дел или текст на семинарската работа, заклучок и библиографија. Факултативна активност е секоја онаа активност (писмена или усна) која студентот не е задолжен да ја изработи. Консултација со предметниот наставник подразбира лична комуникација на студентот со предметниот наставник по орална хирургија за своите активности предвидени со наставните содржини.

Паралелно со едукативните процеси на студентите се одвива и едукативната програма за специјализантите по орална хирургија. Практичната настава на Катедрата за орална хирургија е конципирана во претклинички и клинички вежби по предметот орална хирургија завреме на кои студентот се стекнува со одредени практични вештини. Се работи со помали групи на студенти, при што се разработуваат одредени аспекти од оралнохируршките интервенции (анамнестички, дијагностички и тераписки процедури). Студентите се запознаваат и со основните принципи на создавање на асептички услови за работа. Освен со амбулантските интервенции, студентите се запознаваат и со оперативните процедури кои се изведуваат во посебен оперативен блок. Се бодира редовноста на студентите на практичните вежби како и нивната ангажираност, спремност и активност.

Во практичната настава студентот има можност да се запозне со рутински, типични и атипични екстракции на заби и други оралнохируршки интервенции (апикотомии со ортоградно и ретроградно полнење, цистектомии, хируршки екстракции на импактирани заби, ортодонтско-хируршки третмани на импактирани заби, претпротетичка хирургија и мекоткивни оралнохируршки интервенции). Посебно се актуелизираат и промовираат основните и напредните имплантолошки третмани.

Научната дејност на Катедрата се одвива како неделив дел од нејзината севкупна активност преку изработка на научни трудови од типот на магистерски и докторски трудови, научноистражувачки проекти и индивидуални или тимски научни и стручни трудови презентирани на стручни манифестации на Здружението на орални хирурзи при Македонското стоматолошко друштво, на домашни и странски конгреси и симпозиуми.

Студентите се ангажирани во соработка со помошно наставниот кадар на Катедрата да изработуваат теми од областа на оралната хирургија кои потоа се презентираат на годишните студентски стоматолошки конгреси.

Катедрата ги има унифицирано и оформено автентичните ставови за терапевтските постапки при акутните одонтогени инфекции и за хируршко-ендодонтскиот третман на хроничните периапикални процеси.

Темелно и суштински е разработена проблематиката поврзана со импактираните заби; користењето на компјутеризирана томографија и магнетната резонанца, високо софистицирани имиџинг модалитети, во дијагностичките и тераписките процедури при хируршкиот третман на импактирани заби.

Проширени се научните сознанија за приодот, механизмите на периоперативната хемостаза, фибринолитичката активност на крвта и употребата на локални хемостатски модалитети при оралнохируршките интервенции кај пациенти со тромбоза.

На научна основа се ревидирани клиничките, рендгенолошките, патохистолошките и современите имунолошки аспекти на инфламаторните цисти.

Многу сериозни зафати се постигнати во доменот на коскената аугментација и употребата на современите техники на припрема и апликација на препаратот тромбоцитно богата плазма (PRP).

Направени се сериозни истражувања насочени кон областа на периапикалните лезии и промовирање на ултрасоничната ретро препарација како суптилeн и прецизeн метод на избор при ендодонтско-хируршкиот третман на периапикалните лезии.

Суштински е разработена проблематиката поврзана со алергиските реакции од локалните анестетици, а во тој контекст, и апликативната вредност на in vivo и in vitro алерголошките тестови.

Темелно е разработена проблематиката поврзана со континуираната антитромбоцитна терапија во релација со интра – постоперативното крварење при изведување на оралнохируршки интервенции.

На научна основа е детерминирано периоперативното однесување на комплемент системот, акутните фазни протеини и цитокините при оралнохируршки интервенции.

Направени се сериозни истражувања насочени кон влијанието на коскените маркери во релација со степенот на минерализација на оралношируршки коскени дефекти кај пациенти со diabetes mellitus.

На Катедрата за орална хирургија се изработени петнаучноистражувачки проекти, од кои еден од областа на денталната имплантологија, два од областа на хемостазата, еден кој ја опфаќапроблематиката на периапикалните лезии и уште еден проект кој го обработува проблемот на имунолошката реактивност кај пародонталната болест. Од мај 2009 година започна изработка на нов проект за постава на bone level имплантатите од Straumman системот во постериорната регија во максилата. Во проектот учествуваат, како референтни центри, и други Стоматолошки факултети од земјите на Западен Балкан.

Насочувајќи ја научната мисла кон различни сегменти од богатото научноистражувачко поле од доменот на оралната хирургија, во изминатиов период објавени се бројни публикации со нагласена научна и апликативно–стручна тежина. Со нив е даден несомнено голем придонесво расветлувањето на сеуште присутните научни дилеми, а истовремено и проширување на хоризонтот на научни сознанија.

 

Перспективи

Колегиумот на Катедрата за орална хирургија пред себе амбициозно има зацртано голем број на задачи за актуелизација и практицирање на најсовремените стоматолошки дисциплини од областа на регенеративната стоматологија (презервација и инјектирање на матични клетки), орална имплантологија, водена коскена регенерација, напредни техники на коскена аугментација и sinus lift, постектракциона презервација на алвеоларниот гребен, апликација на ласерската енергија при оралнохируршките интервенции, пиезохирургија и креирање на услови за централно поставена стерилизација.

Тимски, Катедрата подготвува практикум за дентален менаџмент кај пациенти со хронични интернистички заболувања, книга за дентална имплантологија и книга за претклиничка орална хирургија.