Почитувани колеги,
Почитувани наставници, соработници и студенти,
Ја започнуваме академската 2020/21 година во исклучително отежнати околности предизвикани од пандемијата со COVID-19. Наставата во оваа академска година, со оглед на нејзината специфичност, ќе ја започнеме комбинирано: преку on-line настава но и со физичко присуство во просториите на Факултетот.
Теоретската настава на студиската програма за доктори по дентална медицина и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози ќе се изведува on-line преку платформата Microsoft Teams. Исто така, преку оваа платформа, ќе се изведуваат и дел од вежбите. Свесни сме дека on-line настава не може во целост да го замени директниот контакт помеѓу студентот и наставникот, но во овие условите, тоа е неизбежно. Поради тоа, потребни се поголеми напори како од наставниците така и од студентите а со цел совладување на наставната материја. Од студентите очекувам проактивен пристап и поголема интеракција во текот на изведување на on line наставатa.
Практичната настава, како претклиничка, така и клиничка, но и теоретската настава за студентите од студиската програма за стручни забни техничари, ќе ја започнеме со физичко присуство. Во вакви услови, навистина е извонредно тешко да се направи најдобар распоред за одвивање на наставниот процес. Поради тоа, очекувам разбирање и од наставниците и од студентите доколку настанале определени пропусти. Истите ќе бидат навреме исправени.
Во просториите за изведување на практичната настава се преземени и ќе се преземаат сите мерки за превенција на ширење на инфекцијата, како за студентите така и за вработените на Факултетот. Очекувам од Вас, сериозен пристап за применување на сите превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот.
Како наставници или соработниците на Стоматолошкиот факултет, имаме професионално искуство и на нас лежи поголемата обврска за примена и почитување на мерките. Исто така, ние наставниците, освен што ќе водиме сметка за примена на овие мерки во просториите на Факултетот, ние имаме и одговорнос постојано да им укажуваме на нашите студенти за почитување на истите и надвор од просториите на Факултетот, особено водејќи сметка студентите да не се групираат, да држат растојание помеѓу себе и да носат заштитни маски.
Почитувани студенти,
Очекувам од Вас, и искрено се надевам дека сериозно ќе ја разберете новата реалност и нашите напори за безбедно изведување на наставната дејност. Ситуациите во кои Вашите наставници ќе ве предупредуваат, разберете ги само како искрен напор за заштита на вашето здравје, здравјето на вашето семејство како и нашето здравје.
Студентите кои нема да бидат во можност да посетуваат настава заради пропишана изолација или симптоми на вирусот, должни се да го известат предметниот наставник (преку објавените електронски адреси на веб страната) и стручната и административната служба на Факултетот на следниот e-mail: sfs@stomfak.ukim.edu.mk
Со оглед дека епидемиолошката состојба непредвидливо се менува, будно ќе ја следиме и согласно состојбата, Деканатската управа на Стоматолошкиот факултет – Скопје ќе презема соодветни мерки.
Поради тоа, Ве молам за разбирање и флексибилност во прифаќањето на евентуалните промени.
Со почит,
Проф. д-р Ќиро Ивановски
Декан