Заботехничката лабораторија за стоматолошка фиксна протетика е опремена со 10 симулациони дентални модели – фантоми, сет од насадни инструменти (турбина и насадник) за секое работно место одделно, гипстример, 10 заботехнички работни места, 10 ергономски терапевтски столови и технички микромотори за работните места.
Во оваа заботехничка лабораторија се изведува практична настава за студентите од студиските програми за доктори по дентална медицина и стручни забни техничари. Студентите се стекнуваат со мануелни вештини уште во првите години од студирањето, како нивна подготовка за практичните вежби кои во подоцнежните години од студирањето се изведуваат на пациенти. Тие ги учат правилата и постапките на препарација на забите со цел изработка на фиксно-протетички конструкции (коронки и мостови), како и сите лабораториски фази од нивната изработка (моделирање на коронките и мостовите во восок, нивно вложување, излевање и обработка). Се запознаваат со материјалите и апаратите што се користат во заботехничките лаборатории, како и начинот на работа со нив.
Во оваа заботехничка лабораторија се изведува практична претклиничка настава и од областа на ортодонцијата, при што студентите ги усвојуваат постапките при изработка на мобилни и интерцептивни ортодонтски апарати.
Заботехничката лабораторија за стоматолошка фиксна протетика е целосно реновирана во 2019 година кога се набавени и монтирани 10 нови работни места.