Д-р Силвана Георгиева е вонреден професор на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет – Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
На Стоматолошкиот факултет дипломирала во 1985 година. Во 1992 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје го одбранила магистерскиот труд под наслов ,,Прилог кон етиологијата на глосопирозите“ и се стекнала со звањето магистер по стоматолошки науки. Во 1994 година се здобила со звањето специјалист по болести на устата и пародонтот.
Со одбраната на докторскиот труд, во 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов ,,Биохемиска и цитолошка анализа на глосопирозите кај пациенти со хипохромна анемија“ се стекнала со звањето доктор на стоматолошки науки.
Првото вработување го остварила на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ООЗТ Стоматолошки клиники во 1989 година. Во звањето помлад асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1992 година, во 1994 била избрана за асистент на истата Катедра, а во 1998 и 2002 година била реизбрана за асистент. Во 2008 година била избрана во звањето насловен доцент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет. Во 2013 година била избрана во звањето вонреден професор, а во 2018 год. во звањето редовен професор.
Проф. д-р Георгиева своите стручни и научни усовршувања ги насочила кон проблематиката од областа на оралната патологија, пародонтологијата и фокалните инфекции. Од 2008 година, д-р Георгиева била именувана за раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св.Пантелејмон“ Скопје и оваа функција ја вршела до 2013 година. Автор е на над 120 научни и стручни трудови, учебници и книги.
E-mail: sgeorgieva@stomfak.ukim.edu.mk