Историјат

Осврнувајќи се кон минатото, трагајќи по архивските материјали, податоци и сведоштва за историјата на македонската стоматологија, денес, по 60 години, забележуваме дека нема доволно документи кои ќе посведочат за трудот и ентузијазмот на основоположниците на стоматологијата. Ќе се обидеме да ги забележиме достапните податоци за развојот на македонската стоматологија, како од аспект на клиничката пракса, така и од аспект на едукацијата на потребните кадри за овој дел од здравствениот систем.

Записите кои сведочат за првите зачетоци на организирано школување на кадри кои ќе се грижат за здравјето на населението во нашата земја, бележат дека во 1945 година бил мобилизиран и организиран постојниот малоброен кадар и бил спроведен курс за проверка на знаењата и за оспособување на лица кои пред војната работеле во приватни ординации и заботехнички лаборатории, но биле без формални квалификации. Всушност, пред Втората светска војна, јавна стоматолошка служба речиси и немало, освен 2-3 јавни пунктови каде што забните лекари работеле по неколку часа, додека останатото време ординирале во своите приватни ординации. Неколкумина забни лекари кои работеле завршиле одонтолошки студии во странство, но имало и неколку лекари специјалисти по болести на устата и забите кои звањето го стекнале специјализирајќи, по завршувањето на медицинските студии. Освен тоа, уште неколку забари-дентисти и извесен број забни техничари ја сочинувале фелата која се занимавала со забоздравство.

Веќе во 1945/46 година е отворена првата школа за забни техничари под раководство на д-р Методија Тројачанец. Наредната 1947 година е отворено државно училиште за забари, раководено од д-р Милева Златановиќ, а во наставата се вклучени д-р Васил Фиљански, д-р Димитар Смилев, д-р Никола Шајбер, д-р Димитар Железаров, д-р Вера Калпакова, како и дентистите Љупчо Делов, Чочков, Милошевиќ, Чаникијан, Блајер и други. Забните техничари со двегодишно образование, како и првите три генерации забари, се првите школувани кадри за забоздравствена заштита на популацијата во Северна Македонија.

На овие пионери на стоматологијата подоцна им се приклучуваат стоматолози дипломирани во Белград или други факултети и тие се вклучуваат не само во здравствената заштита, туку и во едукацијата на идните кадри.

Првиот студент од Македонија кој дипломирал на Универзитетот во Белград и се вработил во Скопје, во 1953 година, е д-р Димитар Дуљанов. Веќе во 1954 година респектибилен број на дипломирани стоматолози се вклучуваат во јавната служба, со што забоздравствената заштита квалитативно се менува и поминува во стоматолошка служба.

По формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 година, во учебната 1948/49 година е основана Клиниката за усни, забни и вилични болести, што претставува прв сигнал за потребата од организирана и стручна стоматолошка заштита во Република Северна Македонија.

Први простории на Клиниката за усни, забни и вилични болести

Почетокот на Клиниката датира од 1948 година кога е сместена во приземна барака со четири простории, а потоа се дополнува со една монтажна барака со заботехнички лаборатории и во 1949 година се именува во Клиника за усни, забни и вилични болести. Во 1951 година е оформен стационар со 12 болнички кревети кој во 1956 година се зголемува на 22 болнички кревета, а во истата година се отвора и Одделение за регулација на вилици и заби. Во 1958 година стационарот се преселува во западниот партер и подрумските простории на Хируршката клиника, при што, покрај него се врши и поликлиничка дејност: конзерватива, протетика, ортодонција и болести на устата.

Просториите на клиниката за усни, забни и вилични болести како база за формирање на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет и за студии по стоматологија

Почетоците на стоматолошкото високо образование се означени со првите часови по предметот Стоматологија за студентите по медицина на Медицинскиот факултет, одржани во 1952 година од страна на тогаш доц. д-р Димитар Смилев. Истата година почнуваат и првите часови на практична настава по стоматологија за студентите по медицина. Во 1954 година, на Клиниката, покрај доц. д-р Димитар Смилев и д-р Димитар Железаров се вработуваат д-р Иван Тавчиовски, д-р Невенка Томчева, д-р Иван Минев, д-р Звонко Котник, д-р Ѓорѓи Симов и д-р Војтех Санто. Овие кадри се усовршуваат во Белград, Загреб и Љубљана.

проф. д-р Димитар Смилев

Соочувајќи се со недостиг од кадар кој ќе одговори на стоматолошките проблеми на населението, комисија составена од проф. д-р Јожа Рант од Стоматолошкиот факултет во Љубљана, проф. д-р Лаза Петровиќ од Стоматолошкиот факултет во Белград и доц. д-р Смилев, го подготвуваат предлогот за формирање на Оддел за стоматологија во рамките на Медицинскиот факултет во Скопје.

Матична комисија за изготвување на елаборат за оправданоста и потребите од отварање стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Одлево на десно: проф. д-р Јожа Рант (Љубљана), проф. д-р Лаза Петровиќ (Белград) и доц. д-р Димитар Смилев (Скопје)

Народното собрание на НРМ, на 19 јуни 1959 год. донесува Закон за основање на Оддел стоматологија при Медицинскиот факултет во Скопје и, во 1959/60, била запишана првата генерација од 37 студенти на Одделот за стоматологија при Медицинскиот факултет со наставен план и програма во траење од 8 семестри. За наставна база на Одделот била користена Клиниката за усни, забни и вилични болести со три предмети: Дентална (орална) хирургија, Максилофацијална хирургија и Ортопедија на вилици и заби. Прв наставник на трите предмети бил управителот на Клиниката за усни, забни и вилични болести, тогаш доц. д-р Димитар Смилев, а истовремено биле формирани и два института. Потоа се избрани наставници за стоматолошка протетика, д-р Димитар Железаров, и за Дентална патологија и терапија, Болести на устата и Детска стоматологија, одговорен наставник бил доц. д-р Иван Тавчиовски. Во наставата учествувале и асистентите Ѓорѓи Симов и Невенка Томчева. За базичните предмети наставата ја изведувале кадрите на Природно – математичкиот факултет, за општомедицинските и за медицинските, наставниците на Медицинскиот факултет.

Исечок од весникот Нова Македонија во кој се објавува започнувањето настава по стоматологија

Стоматолошкиот одбор при Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет (проф.д-р Д. Смилев, доц.д-р Иван Тавчиовски, проф. д-р А. Андреевски, проф. д-р П.Караѓозов, проф.д-р Ј.Панов), поради просторната стеснетост на Одделот за забоздравствена заштита кој истовремено бил активно вклучен во наставата на Факултетот, донел одлука за изградба на нов објект.

Индекс бр. 1 на студиите по стоматологија на Медицинскиот факултет во Скопје

Вежбите по предметите претклиничка протетика, клиничка протетика, дентална патологија, детска и превентивна стоматологија и болести на уста, првата генерација студенти ги изведувала во поранешниот Хемиски институт, а потоа следните генерации во изградениот наменски објект наречен „провизориум I“( учебната 1962/63 година). На Клиниката за усни и вилични болести се изведувала практичната настава по дентална хирургија, стоматохирургија, ортопедија на заби и вилици и стоматолошка рендгенологија, и студентските вежби за медицинари по предметот стоматологија. Зголемените потреби за наставата наложиле, во 1964 година, по земјотресот, да се изгради и „провизориум II“.

Објектот Провизориум I каде се изведувала наставата на Стоматолошкиот оддел

Стоматолошката дејност по катастрофалниот земјотрес во Скопје

Првата генерација на дипломирани студенти по стоматологија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје дипломирала во 1963/64 година, кога се бележи и пораст на бројот на запишани студенти. Имајќи предвид дека во тој период , иако кусо, било можно и вонредно студирање, била неопходна помош во наставата за што биле ангажирани и кадри од Медицинскиот и од Стоматолошкиот факултет во Белград (проф. д-р Иван Бикар, проф. д-р Милисав Теодосијевиќ, проф.д-р Драгољуб Џајиќ и проф. д-р Милутин Кремжар). Во овој период биле ангажирани нови кадри, д-р Илија Васков, д-р Благородна Лазаревска, д-р Љубинка Нечева, д-р Стојан Петровски, д-р Теменуга Симовска, д-р Васил Галев и д-р Симка Серафимова.

Првите генерации на дипломирани доктори по стоматологија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје

Во 1965 година, Клиниката за усни, забни и вилични болести, во којашто биле интегрирани двата института: Институт за стоматолошка протетика и Институт за конзерватива, прераснува во Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет, со следниве одделенија: максилофацијална хирургија (стационар со 28 кревети), орална хирургија, стоматолошка протетика, дентална патологија и терапија, болести на устата, ортодонција, детска и превентивна стоматологија, рендген-одделение, заботехнички лаборатории и механички сервис (всушност ја формираат Стоматолошката клиника при Медицинскиот факултет).

Паралелно со додипломската настава започнува процесот на едукација на првите специјализанти по стоматологија. Во учебната 1965/66 биле одобрени првите специјализации по стоматологија, и тоа ортодонција со протетика. Прв специјалист е д-р Ѓорѓи Симов, подоцна редовен професор на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика. Како што се менувале студиските програми за додипломската настава, така се менувал и овој вид на едукација, и во 1970 година, според утврден Правилник, специјализациите се изведувале како тригодишен турнус и завршен специјалистички испит. Деталите за наставните програми, како и биографските податоци за доајените на стоматологијата се зачувани во јубилејните монографии и претставуваат трајно наследство на генерациите кои доаѓаат. Во периодот на 70-тите и 80-тите години на минатиот век, работат и творат втемелувачите на современата стоматологија, кои го трасираа патот на самостоен растеж во рамките на македонската медицина.

Стручниот кадар учествувал на конгреси на Македонското лекарско друштво, а стручните сооопштенија ги објавувале во Македонскиот медицински преглед.

Во 1967 година, формираната Стоматолошка секција при Македонското лекарско друштво го организира историскиот I собир на стоматолозите од Македонија, во Катлановска Бања. Оваа секција прераснува во Здружение на стоматолозите од Македонија, и подоцна во Македонско стоматолошко друштво, најстар репрезент на стоматолозите во нашата земја, но и надвор од нејзините граници.

Покрај наставната и здравствената, се развива и научно-истражувачката дејност и во учебната 1973/74 започнува редовна настава за првите студенти на магистерски студии во траење од четири семестри. Научниот степен магистер по стоматолошки науки, во 1976 година, со одбрана на магистерскиот труд, одбранет на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет, прва го добила д-р Љупка Димкова, подоцна проф. д-р Љ. Матовска.

Првиот доктор на стоматолошки науки во Републиката е проф. д-р Томе Туџаров, кој звањето го стекнува во Белград.

проф. д-р Томе Туџаров

Во 1979 година, на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет била одбранета првата докторска дисертација од областа на стоматологијата, од д-р Марија Накова, подоцна редовен професор на Катедрата за болести на устата и пародонтот.

Потребата од ширење на стручно-научните сознанија преку свое гласило се остварува во 1977 година кога излегува од печат првото стручно списание на стоматолозите од Македонија – Македонски стоматолошки преглед. Прв главен и одговорен уредник е проф. д-р Иван Тавчиовски кој заедно со неговиот заменик, проф. д-р Благородна Лазаревска и редакцискиот одбор ја втемелуваат македонската периодика.

Истата година, 1977 година, била основана првата самостојна библиотека, а во записите од историјата го наоѓаме името на проф. д-р Љупка Матовска ( тогаш асистент) како одговорна за овој значаен сегмент во едукацијата.

Во 1977/78 година, Стоматолошкиот оддел прераснува во Стоматолошки факултет, кога е избран првиот декан на Факултетот, проф. д-р Иван Тавчиовски и првиот продекан, проф. д-р Благородна Лазаревска. Веќе формираните осум одделенија прераснуваат во осум катедри на стоматолошките предмети. Востановена е организацијата на Факултетот и неговите тела, и првата редовна седница на Наставно-научниот совет била одржана на 3 јули 1979 година. Кадровската екипираност, изразена со бројки, била: 6 редовни професори, 13 вонредни, 9 доценти, 1 универзитетски предавач, 25 асистенти, 6 помлади асистенти и 18 доктори стоматолози.

Проф. д-р Иван Тавчиовски, прв декан на Стоматолошкиот факултет
проф. д-р Благородна Лазаревска, прв продекан

Стоматолошкиот факултет во 1980 година се преобликува во посебна организација со две наставни бази: ООЗТ Стоматолошки клиники и ООЗТ Максилофацијална хирургија. Деканатот на Факултетот го сочинува посебна Работна заедница, Секретаријат.

Факултетот, од самиот негов почеток до денес, перманентно води грижа за усовршување на кадрите, по пат на едукации во земјата и странство, како и по пат на гостувања на предавачи од реномирани светски центри.

Неопходноста од постојано следење на новитетите во стоматологијата во посебно организирана форма датираат од 1989 година, кога проф. д-р Ефтим Мирчев, по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет, ја востановува првата континуирана едукација, симпозиум под наслов „Научни достигнувања во стоматологијата“.

Проф. д-р Ефтим Мирчев и проф. д-р Димитар Смилев на првата континуирана едукација организирана од Стоматолошкиот факултет во 1989 година, сипозиум ,,Научни достигнувања во стоматологијата”

Во средината на деведесеттите години, двата објекта кои биле изградени како наставни бази на Факултетот се одделуваат и му припаѓаат на Министерството на здравство.

Денес, Факултетот, својата високообразовна, научно-истражувачка и применувачка, односно високостручна здравствена дејност, како единствена функционална целина ја врши во наставните бази и тоа на претклиниките и клиниките во состав на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“- Скопје и во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за лице, вилици и врат – Максилофацијална хирургија ,,Aкадемик Илија Васков”, кои претставуваат наставни бази на Факултетот.

Јубилејни Изданија на Стоматолошкиот факултет

На Стоматолошкиот факултет во Скопје постојат седум катедри: Катедра за болести на устата и пародонтот, Катедра за болести на забите и ендодонтот, Катедра за стоматолошка протетика, Катедра за орална хирургија, Катедра за ортодонција, Катедра за детска и превентивна стоматологија и Катедра за максилофацијална хирургија. Наставно-научниот кадар на Стоматолошкиот факултет од април 2010 година е со двоен работен однос, како на Факултетот, така и на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ и Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат -Максилофацијална хирургија „Академик Илија Васков“.

Во изминатиот период се вложуваа напори за санација на амфитеатрите на Факултетот, како и адаптирање на просториите во кои се изведува наставата – училници во стариот објект на Деканатот и на Клиниката за максилофацијална хирургија. Денес, амфитеатарот на Стоматолошкиот факултет е потполно реновиран, опремен со современи аудиовизулени средства за изведување на наставата, потполно реновирана и соодветно опремена за настава е и училницата во стариот Деканат. Кога станува збор за осовременувањето на капацитетот на Стоматолошкиот факултет, за одбележување е потполното реновирање на просториите каде што се изведува практичната настава од претклиничките протетички предмети, како и од областа на денталната патологија, но и повторното активирање на биохемиската лабораторија.

По периодот на стагнација на Библиотеката, таа е повторно активна, реновирана, и претставува катче каде што сите студенти, специјализанти и наставно-научниот кадар можат да ги користат нејзините придобивки, вклучувајќи го и бесплатниот пристап до базата Hinari.

Во фокусот на интерес на вработениот кадар на Стоматолошкиот факултет, пред сѐ, се студентите, нивната едукација, во чекор со современите едукативни постулати, како и начини на пренос и проверка на знаењето, особено залагајќи се за стекнување практични вештини кои ќе овозможат дипломираните кадри да се вклопат во барањата на струката во земјата и странство. Најстариот Стоматолошки факултет во нашата земја е посакувана студентска дестинација, за што сведочи бројот на запишани студенти од неговото основање до денес, како за домашни, така и за странски студенти. Од 1959 година до 2019 година дипломирале 4 608 студенти на студиската програма за доктори по дентална медицина.

Во годините на постојан раст на наставно-научната дејност и активност, особена грижа се води не само за квалитетот на наставата, туку и за почитување на академската слобода.

Не помалку значајно е ширењето на научните дострели на македонската стоматологија ширум меридијаните, преку бројните презентации на семинари, конгреси, како и престои во релевантни научни центри.

Истовремено, Факултетот е база која продуцира кадри кои високопрофесионално се грижат за оралното здравје на населението, како за време на студиите, така и по дипломирањето. Горди сме што дел од студентите кои го оформиле своето високо образование на нашиот Факултет се етаблирани имиња во светот, а дел од нив и професори на престижни универзитети во Европа и во САД.

Гледајќи кон иднината, актуелната генерација на кадри на Стоматолошкиот факултет со гордост ги памети основоположниците на Факултетот, со благодарност се сеќава на ценетите професори -наши учители, продолжувајќи да испишува нови страници во архивата на најстарата високообразовна институција во нашата земја.