Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, го посети Стоматолошкиот факултет – Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје.
На состанокот остварен со деканот на Стоматолошкиот факултет – Скопје, проф. д-р Ќиро Ивановски, се разговараше за унапредување на новите планови и програми за специјализации и супспецијализации од областа на стоматологијата кои се во постапка на одобрување и објавување. Имено, новите планови и програми се во согласност со последните трендови на земјите членки на Европската унија и ќе придонесат за продуцирање на високостручен специјалистички кадар од областа на стоматологијата.
По состанокот, министерот ги посети клиничките сали за практична настава во рамките на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон’’ во Скопје и новонабавената опрема која е во функција на наставната, научната и применувачката дејност на Стоматолошкиот факултет – Скопје. Новите клинички сали се целосно реконструирани и опремени со најсовремена стоматолошка опрема.