Симов (Ахил) проф. д-р Ѓорѓи е роден на 16 јануари 1930 год. во Гевгелија, Р. Македонија. Средно образование, гимназија,завршил во Скопје, во 1949 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал во 1956 год. Со звањето специјалист по ортодонција со стоматолошка протетика се здобил во 1966 год., а во 1975 год. и со звањето примариус. Во 1977 год. одбранил хабилитациона теза на Медицинскиот факултет во Скопје, Стоматолошки оддел, под наслов “Ретенција на тотална протеза”. Првото вработување на проф. д-р Ѓорѓи Симов било во 1956 год., во стоматолошката служба на Здравствениот дом на Гевгелија. Во 1959 год. се вработил на Стоматолошкиот институт при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1960 год. бил избран за асистент по дентална протетика на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, а во 1963 год. бил преизбран во истото звање. Во 1964 год. бил избран во звањето предавач на истиот предмет. Во звањето доцент на предметот дентална протетика бил избран во 1967 год., а во 1978 год. бил избран за вонреден професор на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Изборот за редовен професор на д-р Ѓорѓи Симов бил извршен во 1984 год. Се пензионирал во1993 год. во звањето редовен професор. Проф. Симов починал во 2002 г. Проф. д-р Ѓорѓи Симов бил на повеќе стручни и студиски престои во Белград, Загреб, Љубљана. Во 1966/67 год. престојувал 10 месеци кај професор Флегел во Утрехт, Холандија, и во 1978/79 год., во траење од една година, кај професор Ајхнер во Берлин, тогашна Западна Германија. Истражувачкиот дијапазон на професор Симов, иако многу разнообразен, сепак, се фокусира на ретенцијата на тоталните забни протези и современите маси за отпечатување. Публицистичкиот опус на професор Симов опфаќа 64 статии објавени во домашни публикации. Проф. д-р Ѓорѓи Симов бил долгогодишен раководител на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје и управник на истоимената Клиника при ООЗТ Стоматолошки клиники. Во еден мандатен период (1975-1977) бил продекан на Медицинскиот факултет во Скопје во чиј состав, во тоа време, се наоѓал и Стоматолошкиот оддел. Проф. д-р Ѓорѓи Симов, како долгогодишен наставник по фиксна стоматолошка протетика, автор е на скриптата во издание на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје во 1981 год., под наслов “Стоматолошка протетика: морфологија и коронки” и автор на поглавјето “Наши резултати со Ex-3-N-Gold материјалот за функционален отпечаток” во книгата “Достигнувања во стоматолошката протетика”, во издание на “ЛИБЕР” од Загреб (1977). Професор Симов бил активен учесник во универзитетскиот општествен живот. Бил член на Факултетскиот комитет на СКМ и на Акционата конференција на СКМ при Универзитетот “Кирил и Методиј”. Активно учествувал и во работата на органите на Стоматолошкиот факултет и на Стоматолошките клиники. Бил член и на Колегијалниот работоводен орган на Универзитетскиот центар за медицински науки. За својата долгогодишна и предана работа бил наградуван повеќе пати. Меѓу позначајните признанија и награди на професор Симов е Орденот заслуги за народ со сребрени зраци, доделен со указ на Претседателство на поранешна СФР Југославија (1979) и плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989).