Василевски (Никола) проф. д-р Бранко е роден на 13 август 1940 год. во с. Гари, Р. Македонија. Средно образование завршил во Машката Гимназија “Цветан Димов” во Скопје, во 1958 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1964 год, а во 1973 год. се здобил и со диплома на Медицинскиот факултет во Скопје. Со звањето специјалист по максилофацијална хирургија се здобил во 1974 год., а во 1982 год. и со звањето примариус. Со одбраната на магистерскиот труд под наслов “Превентивно-хируршко решавање на карциномите на долната усна”, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1982 год. се здобил со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа максилофацијална хирургија, а со одбраната на докторската теза, под наслов “Компаративна верификација на постигнатите ефекти при конзервативно лекување на хемангиомите со ултракортен-Х и 96% етил-алкохол”, на истиот Факултет, во 1989 год., и со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област. Проф. д-р Бранко Василевски за прв пат се вработил во Здравствениот дом “Скопје” во 1965 год. На Клиниката за максилофацијална хирургија во Скопје се вработил во 1976 год. Во 1976 год. бил избран за асистент на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1982 и 1986 год. бил преизбиран во истото звање, на истата Катедра. Во звањето доцент бил избран во 1990 год., во 1995 год. во звањето вонреден професор. Во звањето редовен професор бил избран во 2000 год. Се пензионирал во 2005 год. Проф. д-р Бранко Василевски го проширувал својот професионален опус во неколку познати европски стоматолошки центри. Во 1976 год. бил на тримесечен студиски престој во Упсала, Шведска, кај проф. Скуг. Во 1977 год., пак во Шведска, сега во Гетеборг, бил на тримесечен престој кај проф. Јохансон. Во 1980 год. поминал три месеци кај професор Штелмах, а во 1985/86 год., една година кај проф. Габка, во тогашен Западен Берлин, поранешна Западна Германија. Во 1991/92, во траење од една година, проф. Василевски престојувал во Ле Локле, Швајцарија, кај проф. Дрогет. Во потесниот научноистражувачки интерес на проф. Василевски спаѓа хируршкото лекување на тумори и деформитетите, вклучувајќи ги и вродените аномалии. За публицистичкиот опус на проф. д-р Бранко Василевски, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа 97 статии, 84 објавени во домашни и 13 во странски публикации. Во 1984 год. професор Василевски бил секретар на Извршниот одбор на Универзитетскиот центар за медицински науки. Бил раководител на Катедрата за максилофацијална хирургија. Проф. Василевски бил уредник на Зборникот на стручни работи од 1. Стоматолошки собир на СРМ (1967). Бил учесник во реализацијата на научноистражувачкиот проект “Конгенитални аномалии во лицево-виличната област” (1986). Тој е автор на монографијата “Хемангиоми – дијагностика и терапија”, во издание на “Студентски збор” (1994). Раководител бил на научноистражувачкиот проект под наслов “Превентивно – хируршко лекување на деформитетите во Р. Македонија”, чии резултати се објавени во 1998 год. Коавтор е на “Амбулантски стоматохируршки интервенции” во издание на “Студентски збор” од Скопје (1999) и на “Стоматолошки терминолошки речник” во издание на “Сигмапрес” од Скопје (1999). Во далечната историја на Стоматолошката секција, во седумдесеттите години, проф. д-р Бранко Василевски бил активно вклучен во иницијативите за нејзиното оформување и, потоа, во 1966 год. бил нејзин прв претседател. Во 1978 год. бил потпретседател на првиот Совет на Стоматолошкиот факултет. Во 1988 год. бил генерален секретар на Здружението на пластичните и максилофацијалните хирурзи на Југославија, а во 1996 год. бил претседател на истото Здружение. Бил советник во Здружението на кранио-максилофацијалните хирурзи на Европа, со седиште во Лондон, Велика Британија. За својата богата и разновидна дејност проф. Василевски бил награден со диплома како особено признание за унапредувањето на стоматологијата во нашата земја, од Здружението на стоматолозите на Југославија (1976), со плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет (1989) и со плакета од Здружението на лекарите на Р. Македонија (1995).