Симовска (Петар) проф. д-р Теменуга е родена на 30 октомври 1925 год. во Благоевград, Бугарија. Средно образование, гимназија,завршила во 1944 год. во Благоевград. На Стоматолошкиот факултет во Софија, Бугарија, дипломирала во 1949 год., а диференцијален испит по медицина положила на Медицинскиот факултет во Букурешт, Романија, во 1961 год. Со звањето специјалист по орална хирургија се здобила во 1974 год. Во 1974 год. хабилитирала на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје на тема “Учество на едентацијата во етиопатогенезата на хроничните гастроинтестинални заболувања”. Првите работни искуства проф. д-р Теменуга Симовска ги добила во Благоевград, Бугарија (1949-1955). Потоа, во Букурешт, Романија, работела во специјалистичка поликлиника (1956- 1962). Проф. д-р Теменуга Симовска се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје во 1962 год. и била избрана за асистент. Во 1968 год. била избрана за предавач по орална хирургија., во кое звање била еднаш преизбрана. Во звањето доцент на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1975 год. Во 1980 год. била избрана во звањето вонреден професор на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во 1985 год. се пензионирала во звањето вонреден професор. Проф. д-р Теменуга Симовска има остварено неколку стручни престои во странство. Во 1963 год. престојувала три месеци на Стоматолошкиот факултет во Белград, кај професор Кеслер. Во 1970 год. била на престој на Стоматолошкиот факултет во Западен Берлин, поранешна Сојузна Република Германија, кај проф. Френкел. Во 1972 год. има остварено престој и на Военомедицинската академија во Белград, поранешна СФР Југославија, кај професор Шкоклев . За проф. д-р Теменуга Симовска треба да се забележи дека е прва која се занимавала со акупунктурата во стоматологијата. Таа ги направила првите чекори за македонската дентална имплантологија и реконструкција на виличните коски. Професионалниот интерес на проф. Симовска бил особено насочен кон санирање на постекстракционите компликации и хемостаза- та по хируршка интервенција. Публицистичкиот опус на проф. д-р Теменуга Симовска опфаќа 42 статии објавени во домашни публикации. Проф. д-р Теменуга Симовска била член на управните органи во својата работна заедница. Била организатор и основач на Клиниката за орална хирургија (1968), раководител на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје и управник на истоимената Клиника при Стоматолошките клиники (1968-1985). Таа е основоположник на Специјалистичката секција на оралните хирурзи на Македонија. Во општествениот живот, меѓу активностите на проф. д-р Теменуга Симовска се бележи членството во Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, а била и делегат од СР Македонија во Сојузната конференција на ССРНЈ, на Општествено-политичкиот собор на Собранието на СР Македонија. За својата богата и плодна дејност проф. д-р Теменуга Симовска е добитник на повеќе одликувања и награди. Таа е добитник на Орден заслуги за народ со сребрени зраци (1980), плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004), плакета по повод одбележувањето на 40-годишнината на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1989) и благодарница од Стоматолошкиот факултет во Скопје за соработка, едукативен придонес и развој на Стоматолошкиот факултет (1994).