Туџаров проф. д-р Томе е роден на 25 мај 1935 год. во Струмица, СР Македонија. Средно образование, гимназија, завршил во Струмица во 1954 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал во 1961 год. Со звањето специјалист по максилофацијална хирургија се здобил во 1969 год. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Прилог кон конзервативното и хируршкото лекување на сублуксациите на темпоромандибуларниот зглоб базирано на клинички истражувања” на Военомедицинската академија во Белград, поранешна СФР Југославија, во 1976 год. се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа максилофацијална хирургија. Проф. д-р Томе Туџаров е првиот доктор на стоматолошки науки во РепубликаМакедонија. Првото вработување на проф. Туџаров било во Здравствениот дом во Струмица, веднаш по дипломирањето, во 1961 год. Потоа, учествувал во формирањето на Здравствената станица при ГП “Пелагонија” во Скопје, а од 1962 до 1966 год. работел во неа. Во 1966 год. се вработил на Стоматолошката клиника при Медицинскиот факултет во Скопје. Во звањето асистент по предметот максилофацијална хирургија бил избран во 1971 год., а во 1976 год. бил преизбран во истото звање. Во звањето доцент на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје бил избран во 1977 год. Изборот за вонреден професор на истата Катедра на д-р Туџаров бил извршен во 1982 год., а во 1986 год. бил избран во звањето редовен професор. Преизбори во звањето редовен професор д-р Туџаров имал во 1990 и 1996 год. Проф. Туџаров имал статус на визитинг професор за традиционална медицина и акупунктура при Европскиот центар за мир и развој на науката на Универзитетот при Обединетите нации, со седиште во Белград, од 1992 год. Тој бил постојан професор за постдипломски и специјалистички студии на овој Универзитет, со седиште во Белград и негов специјален советник. Проф. Туџаров се пензионирал во 1998 год. во звањето редовен професор. Проф. Туџаров починал во 2003 год. Проф. д-р Томе Туџаров, во смисла на својата професионална надградба, бил на повеќе студиски и стручни усовршувања во странство. Дел од времето пропишано за изведување на специјалистичкиот турнус тој го поминал на Военомедицинската академија во Белград, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на Клиниката за максилофацијална хирургија. Потоа, во осумдесеттите години, бил повторно на стручен престој на Военомедицинската академија во Белград, кај проф. д-р Антоние Шкоклев. Меѓу многуте стручни престои заслужува внимание и тој во Вирцбург, кај проф. Вит и проф. Шредер, во Гетинген кај проф. Лур и во Фрајбург кај проф Шили, поранешна Западна Германија. Престојувал и кај проф. Шампри и проф. Петровиќ во Стразбур, Франција. Престојувал и на Клиниката за максилофацијална хирургија во Цирих и на Одделението за максилофацијална хирургија во Луцерн, Швајцарија. Широкиот дијапазон на научноистражувачкиот интерес на проф. Туџаров се фокусира на полето на функцијата на мастикаторната мускулатура, плунковните жлезди и нивните заболувања и на проблемот на темпоромандибуларниот зглоб. Во 1977 год. Европската научно-медицинска асоцијација со седиште во Стразбур, Франција, на тема “Сублуксации на темпоромандибуларни- от зглоб”, со проф. Туџаров организирала научна конфронтација во Париз, Стразбур, Нант и Бордо, за што во 1977 год. добил јавно признание на 3. Конгрес на француските максилофацијални хирурзи во Бордо. Во 1986 год. одржал три предавања на Универзитетот во Гетинген, Западна Германија. За публицистичкиот опус на проф. д-р Томе Туџаров, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа 100 статии, од кои 13 објавени во странски публикации. Проф. д-р Томе Туџаров е автор на прирачниците “Плунковните жлезди и нивните заболувања” (1983) и “Темпоромандибуларен зглоб” (1991), во издание на “Студентски збор” од Скопје, и на книгата “Акупунктура во теоријата и практиката” (1994), во издание на “Коста Абраш” од Охрид. Проф. д-р Томе Туџаров бил мошне ангажиран во општествениот живот уште како младинец и студент. Бил претседател на Младинскиот средношколски комитет и член на Градскиот и Околискиот младински комитет. Потоа,во академските денови, забележителна е неговата самопрегорна работа во унапредувањето на Стоматолошкиот факултет. Бил член на повеќе одбори и комисии при Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет и на Советот на Факултетот. Бил делегат на Факултетот во Здружението на лекарите од Македонија и член во Одборот за иновации во медицината при истото Здружение, во два изборни периода. Во работата на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во деведесеттите години, учествувал како член на Универзитетскиот совет; бил претседавач на Одборот за настава на Универзитетското собрание. Бил член во Претседателството на Здружението на максилофацијалните и пластичните хирурзи на поранешна СФР Југославија. Во три изборни периоди проф. Туџаров бил продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1980-1982, 1982- 1984, 1986-1988). Бил претседавач на една сесија на 3. Конгрес на француските максилофацијални хирурзи во Бордо во 1977 год. Во 1978 год. бил претседател на 3. Собир на стоматолозите наР. Македонија што се одржал во Охрид. Бил претседател на 3. Интерсекциски собир на ортодонтите на Македонија и Србија што се одржал во Охрид во 1982 год. и, истата година, на 4. Стоматолошка недела на Р. Македонија, во Струга. Бил член на Претседателството на 11. Сесија на Медицинските балкански денови во Истанбул, Турција (1989). Претседавал со работно претседателство на Европскиот конгрес на максилофацијалните хирурзи во Белград, поранешна СФР Југославија (1990). Во 1991 год. бил потпретседател на 1. Медитерански конгрес на оралните и максилофацијалните хирурзи во Атина, Грција, Проф. д-р Томе Туџаров, за неговата долгогодишна и плодна работа, добитник е на повеќе награди и признанија. Добитник е на: благодарница по повод 12. Стоматолошка недела на Србија (1977), плакета за значаен придонес во остварувањето на целите и задачите на Сојузот на здруженијата на лекарите на Македонија (1985), признание од Медицинскиот центар во Штип за остварена меѓусебна соработка и за покажани посебни залагања во унапредувањето на здравствената заштита при овој Центар во периодот 1988-1989 год., Орден заслуга за народ со сребрена ѕвезда (1989). По повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет во Скопје, добил плакета (1989). Добитник е на наградата “13 Ноември” за долгогодишна здравствена заштита во областа на максилофацијалната хирургија (1995), потоа на повелба во знак на признание за придонес во развојот и унапредувањето на наставно- образовната дејност на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1998).