Ѓоргова (Христијан) проф. д-р Јулијана е родена на 5 јануари 1947 год. во Куманово, Р. Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1964 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 год. Во 1976 год. се здобила со звањето специјалист по ортодонција. Во 1981 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранила магистерскиот труд под наслов “Положбата на инцизивите и нивното влијание на дентоскелетални-мекоткивни структури”, и се стекнала со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа ортодонција. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Карактеристики на краниофацијалните структури кај деца во зависност од типот на лицевата ротација”, на Стоматолошкиот факултет во Скопје во 1990 год., се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област.Првото вработување на проф. Ѓоргова било во 1972 год., на Клиниката за ортодонција во Скопје (Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет). Во 1977 год. била избрана за помлад асистент на Катедрата за ортодонција при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а преизбрана во 1978 год. Во 1982 год. била избрана за асистент на истата Катедра, а реизбирана во истото звање била во 1985 и 1989. Во звањето доцент била избрана во 1991 год., а во 1997 год. во звањето вонреден професор. На стручно усовршување за фиксна ортодонтска техника професор Ѓоргова била во Љубљана, Словенија, во траење од една недела во 1986 год., кај професор Франц Фарчник.Проф. Ѓоргова, во својата долгогодишна посветеност на ортодонцијата, особено внимание посветува на антропометриските испитувања на главата и на денталните лакови на македонска популација. Таа се бави и со испитување на растот на краниофацијалните структури.Публицистичкиот опус на професор Ѓоргова опфаќа над 100 статии објавени во домашни и во странски публикации.Професор Ѓоргова била советник и раководител на Клиниката за ортодонција, член на Редакцискиот одбор на Македонски стоматолошки преглед (1994-1997). Секретар е на Стоматолошката комора на Македонија од 1995 год. и уредник на Balkan Journal of Stomatology за Р. Македонија од 1995. Таа е член на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед од 1997. Од 1997 год. е член и на Советот на Balkan Stomatological Society. За својата севкупна дејност проф. д-р Ѓоргова била наградена со благодарница од Македонското лекарско друштво (1985) и повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989).