На 9.12.2021, проф. д-р Мери Павлевска, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска и проф. д-р Мира Јанкуловска од Катедрата за детска и превентивна стоматологија, одржаа работилница со наслов: ,,Изработка на жичано-композитна имобилизација при луксациони повреди на забите”.
Трауматските повреди на забите претставуваат ургентна состојба во стоматологијата кај која е индициран навремен и стручен третман. Бидејќи успехот и дефинитивниот избор на терапија најмногу зависат од времето поминато од моментот на настанување на траумата до почетокот на лекувањето, секој стоматолог мора да ги познава итните постапки во третманот на луксационите повреди на забите. Имобилизацијата на излуксираните заби со жичано-композитна шина во пократок период после повредата, е еден од основните услови за успешен третман на ваквите повреди.
Во практичниот дел од работилницата, учесниците имаа можност, на модел, самостојно да изработат жичано-композитна имобилизација на заби.