Проф. д-р Фиљански Марко – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Фиљански (Васил) проф. д-р Марко е роден на 13 октомври 1932 год. во Скопје, Р. Македонија. Средно образование завршил во Машката гимназија “Јосип Броз Тито”, во 1951 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал во 1958 год. Со звањето специјалист по ортопедија на вилици со протетика се здобил во 1968 год. Во 1970 год. на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје го одбранил хабилитациониот труд под наслов “Акрилати: наши експерименти и искуство со нив”. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Изработка на акрилати со сопствена модификација со цел спречување на појавата на алергиски стоматитис”, на Военомедицинската академија во Белград, во 1984 год., се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика. Првите работни искуства проф. д-р Марко Фиљански ги стекнал како наставник во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје (1959). Во 1961 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје и бил избран за асистент на предметот стоматолошка протетика, а во 1964 и 1972 год. бил преизбран во истото звање. Во 1974 год. бил избран во звањето доцент на истиот предмет. Изборот за вонреден професор на Катедрата за стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје на професор Фиљански бил извршен во 1979 год., а преизборот во истото звање во 1985 год. Во 1986 год. д-р Марко Фиљански бил избран во звањето редовен професор на Катедрата за мобилна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Се пензионирал во 1996 год. во звањето редовен професор. Проф. Филјански починал во 2009 год. Ќе останат забележени методите на професор Фиљанскиза примена на биолошкиот пренос на џвакопритисокот врз забите и лигавичниот сегмент под подвижните плочести парцијални протези и неговите истражувања и значајни придонеси во лекувањето на протетичкиот стоматитис. Публицистичкиот опус на проф. д-р Марко Фиљански опфаќа 111 статии. Проф. д-р Марко Фиљански бил раководител на научноистражувачкиот проект под наслов: “Протетички стоматит: студија за откривање на неговата етиологија и откривање на начини за превенција” (1986) и соработник во друг, под наслов “Реакција на потпорните ткива кај парцијалните протези во корелација со конструкционата изведба на врската меѓу протезите и забите” (1991). Тој е автор на поглавјето “Етиолошки фактори Stomatitis prothetica” во едицијата “Достигнувања во стоматолошката протетика”, во издание на Либер, Загреб (1985). Проф. д-р Марко Фиљански бил активно вклучен во органите на управата на матичната организација, а потоа и на Стоматолошкиот факултет. Бил член на Извршниот одбор на Синдикалната организација на ООЗТ Стоматолошки клиники и нејзин претседател. Бил секретар на Основната организација на Сојузот на комунистите на стоматолозите и член на Болничкиот комитет при Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје . Во 1974 год. бил назначен за раководител на Отсекот за мобилна стоматолошка протетика, а во 1979 за управник на Одделот. Во периодот од 1977 до 1980 год. проф. д-р Марко Фиљански бил член на Редакцискиот совет на “Македонски стоматолошки преглед”. Првите награди и признанија проф. Фиљански ги добил уште како студент. Во два наврата бил наградуван од деканот на Стоматолошкиот факултет во Белград, а бил награден и од ректорот на Универзитетот во Белград. Проф. д-р Марко Фиљански е добитник на Орден на трудот со сребрен венец (1979), Орден на трудот со златен венец, доделен од Претседателството на поранешна СФР Југославија (1985), плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004). Добитник е на повелбата “Д-р Трифун Пановски” од Македонското лекарско друштво (1992).