Тавчиовски проф. д-р Иван е роден на 25 ноември 1923 год. во Прилеп, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршил во 1943 год. во Прилеп. На Стоматолошкиот факултет во Бел- град, поранешна СФР Југославија, дипломирал во 1953 год. Во 1961 год., одбранил хабилитациона теза на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов “Инфицирана пул- па, проблем во конзервативната стоматологија”. Првото вработување на проф. Тавчиовски било во 1955 год. Во периодот од 1956 до 1959 год. ја изведувал наставата по дентална патологија, детска стоматологија и фармакологија во Училиштето за забари во Скопје. Во 1958 год. бил избран за асистент по предметот стоматологија за студентите по медицина на Медицински- от факултет во Скопје, а со отворањето на Стоматолошкиот отсек, во 1960 год. бил избран за асистент по предметот дентална патологија и терапија. Во звањето доцент на Медицинскиот факултет – Стоматолошки отсек, по истиот предмет, бил избран во 1961 год. Во периодот од 1962 до 1968 год. од страна на Наставничкиот совет на Медицинскиот факултет му било доверено да ја води наставата и по предметот детска и превентивна стоматологија. Во 1967 год. бил избран во звањето вонреден професор. Изборот на д-р Иван Тавчиовски за редовен професор на Катедрата за дентална патологија и терапија при Стоматолошкиот факултет во Скопје бил извршен во 1977 год., во кое звање се пензионирал во 1987 год. Починал во 2001 год. Својот професионален профил професор Тавчиовски го збогатил преку повеќе стручни усовршувања. Во 1958 год. бил на двомесечен престој на Клиниката за болести на устата при Стоматолошкиот факултет во Белград, кај професор д-р Лазар Петровиќ, а во 1960, шест месеци кај проф. Бергер. Истата година се запознал со загрепската и љубљанската школа за дентал- на патологија и терапија, престојувајќи во Загреб кај проф. Њемировскиј и во Љубљана кај проф. Логар. Европските дострели во стоматологијата проф. Тавчиовски имал можност да ги запознае престојувајќи, во два наврата, по еден месец во Париз, Франција, кај професор Дешом и кај проф. Бринел (1963 и 1965). Научноистражувачките преокупации на професор Тавчиовски биле насочени кон проучување на патогенезата на денталниот кариес, превенцијата на пулпата при длабок кариес и терапевтските можности при афекции на апикалниот пародонциум. Негов особен предизвик биле истражувањата на фреквенцијата на кари- есот во Р. Македонија и примената на профилактички мерки. Публицистичкиот опус на проф. д-р Иван Тавчиовски опфаќа 85 статии објавени во домашни публикации. Проф. д-р Иван Тавчиовски го посветил цели- от свој работен век на унапредувањето на македонската стоматологија, особено на дентална- та патологија и терапија. Од 1962 год. до негово- то пензионирање во 1987 год. бил на раководни функции на Клиниката за дентална патологија и терапија, а едновремено бил и раководител на истоимената Катедра, на која вовел и постдипломска настава. Во периодот од 1975 до 1978 год. бил директор на Стоматолошките клиники. Проф. Тавчиовски, уште како асистент, бил актив- но вклучен во формирањето на наставните бази на сегашниов Стоматолошки факултет во Скопје. Од 1971 до 1973 год. бил продекан на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој бил прв декан на Стоматолошкиот факултет (1978-1980), а потоа таа доверба му била давана уште во три мандатни периоди (1980-1982; 1984-1986; 1986-1988). Во 1977 год. професор Тавчиовски бил еден од главните иницијатори за издавањето на стручното гласило на стоматолозите од Македонија – “Македонски стоматолошки преглед”, чиј главен и одговорен уредник бил од 1977 до 1988 год. Забележлив е неговиот придонес во формирањето на Библиотеката при Стоматолошкиот факултет во 1977 год. Богата и плодна била општествената ангажираност на професор Тавчиовски. Бил претседател на Стоматолошкиот одбор на Медицинскиот факултет. Во повеќе наврати бил избиран за претседател на управните органи на Стоматолошките клиники. Бил член во испитни комисии на тогашниот Секретаријат за народно здравје и социјални грижи на Македонија. Бил претседател на Сојузот на забоздравствените работници на Македонија. Учествувал во организацијата и надзорот на работата на сите забоздравствени установи во Републикава. Во 1980 год., како претседател на Републичката специјалистичка секција за болести на устата, забите и пародонтот при истоименото југословенско здружение, на проф. Тавчиовски му било доверено организирањето на 1. Конгрес на специјалистите по болести на устата, забите и пародонтот од Југославија (1983) и бил претседател на Конгресниот одбор. За резултатите од севкупната дејност професор Тавчиовски е добитник на: плакета од Сојузот на лекарските друштва на Југославија (1986), потоа на награда “Климент Охридски” (1987), плакета по повод 30-годишниот јубилеј на Универзитетот “Кирил и Методиј” (1989), плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината и 40-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989 и 1999) и плакета од Сојузот на лекарските здруженија на Македонија.