Проф. д-р Стевановиќ Мирослава – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Стевановиќ (Трајан) проф. д-р Мирослава е родена на 3 април 1942 год. во Белград, СР Југославија. Средно образование, Гимназија “Јосип Броз Тито”, завршила во Скопје во 1960 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1965 год. Во 1972 год. се здобила со звањето специјалист по болести на забите, устата и пародонтот. Во 1979 год. на Медицинскиот факултет- Стоматолошки оддел, го одбранила хабилитациониот труд под наслов “Клиничка и хистолошка процена на пулподентинскиот орган при кариес профунда”, од областите хистологија и кариологија. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1991 год., под наслов “Аспекти на реакции на пулпо-дентинскиот орган при некомплицирани кариозни лезии и процена на нивната реверзибилност”, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа дентална патологија и терапија. Во 1968 год. се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицински факултет и истата година била избрана за асистент на Катедрата за дентална патологија и терапија; во 1971 и 1976 год. била преизбирана во истото звање. Со звањето доцент се здобила во 1980 год., а во 1985 год. била избрана за вонреден професор. Изборот за редовен професор на проф. Стевановиќ, на Катедрата за дентална патологија и терапија, бил извршен во 1990 год., а во 1996 год. била преизбрана во истото звање. Се пензионирала во 2005 год. Во 1970 год. во траење од два месеца, била на стручно усовршување во Белград, Југославија, кај професор Бергер, а во 1972 год., во траење од три месеци, во Лион, Франција, кај професор Фридел. Во 1981 год., во траење од две недели, била на стручно усовршување во Братислава кај проф. Јан Ковотски. Полето на научноистражувачкиот интерес на професор Стевановиќ е насочен кон проучување на патохистолошките промени предизвикани од заболувањата на забната пулпа и тврдите забни ткива и кон настојување да ја постигне и да ја процени реверзибилноста на тие состојби. За публицистичкиот опус на професор Стевановиќ, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа вкупно 77 статии, од кои 74 објавени во домашни и 3 во странски публикации. Проф. д-р Мирослава Стевановиќ била управник на Клиниката за дентална патологија и терапија од 1988 до 1998 год. Од 1992 до 1999 год. била раководител на Катедрата за болести на забите и ендодонтот. Продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје била во мандатниот период од 1982 до 1984 год. Професор Стевановиќ била член на Сенатот при Универзитетот “Св. Кирил и Методи” во мандатните периоди 1994 -1996, 1996-1998 год., член на Комисијата за доделување на звањето примариус при Министерството за здравство во 1998 год., претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во 1992 год., претседател на Специјалистичката секција за болести на забите во 1970 год. и претседател на Совет на УЦМН во 1980 год. За својата севкупна дејност професор Стевановиќ била наградувана со разни одликувања и на- гради: Орден на трудот со сребрен венец до- делен од Претседателството на поранешна СФР Југославија, повелба “Д-р Трифун Пановски” на Македонското лекарско друштво (1997), плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004) и плакета по повод јубилејот на Македонското лекарско друштво (1995).