Симоновски (Никола) проф. д-р Методи е роден на 18 октомври 1941 год. во с. Ѓавато – Би- тола, Р. Македонија. Средно образование, Гимназија “Јосип Броз Тито” во Скопје, завршил- во 1959/60 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1965 год. Во 1977 год. се здобил со звањето специјалист по болести на устата и забите. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов “Промени во минералошкиот статус кај заболени од пародонтопатија”, во 1982 год. се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа болести на устата и пародонтот. Првото вработување на проф. Симоновски било во 1965 год., во Здравствената станица на ГП “Маврово” во Скопје. Во 1975 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет, а во 1976 год. бил избран за асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот; во 1979 и 1982 бил преизбиран во истото звање. Во 1983 бил избран за доцент на истата Катедра, а во 1988 год. за вонреден професор. Изборот за редовен професор на Катедрата за болести на устата и пародонтот на проф. Симоновски бил извршен во 1993 год., а во 1999 год. бил преизбран во истото звање. Се пензионирал во 2005 год. Долгогодишна преокупација на проф. д-р Методи Симоновски бил хируршкиот третман на пародонталните дефекти и, посебно, на мукогингивалните аберации од типот на инсуфициентна функционална зона на прикрепена гингива, следена од изолирана гингивална рецесија, неадекватна френулум и плика инсерција, како и неадекватна вестибуларна длабочина, во функција на оптимална естетска морфо-функционална реставрација. Во 1980, во траење од еден месец, бил на стручно усовршување во Москва, Русија кај професор Никитина, Централен научноистражувачки институт, а во 1980 год., во траење од пет месеци, на Харвардскиот универзитет во Бостон, САД, кај професор Голдхејвер. Во 1981 год., во траење од 4 месеци, професор Симоновски бил на престој на Државниот универзитет во Колумбус, САД, кај професор Солт, како корисник на Фулбрајтовата стипендија. За публицистичкиот опус на професор Симоновски, за жал, не поседуваме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќал 102 статии, од кои 90 објавени во домашни и 12 во странски публикации. Професор Симоновски бил носител на самостоен научен проект “Клиничко-биометричка евалуација на слободниот гингивален автотрансплантат” (1987), а соработник бил и на научниот проект под наслов “Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија кај населението во Р. Македонија и некои етиопатогенетски механизми” (1979). Проф. д-р Методи Симоновски бил советник на Фулбрајтова асоцијација за стоматолози во поранешна СФРЈ во 1990 год. Во три мандатни периоди (1992/94, 1994/96 и 1996/98) бил декан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Главен и одговорен уредник на стручно-научното списание “Македонски стоматолошки преглед” бил од 1993 до 1997 год. Меѓу општествените активности на професор Симоновски треба да се забележат следниве: член на Републичкиот одбор за доделување на “Климентовата награда” – Скопје, Р. Македонија (1994-1996), а повеќе мандати бил претседател на Републичката специјалистичка секција по болести на устата на Македонија. За својата севкупна дејност професор Симоновски бил наградуван со разни одликувања и награди, како: плакета (1990) и повелба“ Д-р Трифун Пановски”(1994), признание по повод 50-годишниот јубилеј (1995), сите од Македонското лекарско друштво, плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1989, 1999 и 2004). Биографијата на проф. Симоновски е објавена во седмото издание на “The International Directory of Distinguished Leadership” на Американскиот биографски институт. Во 1999год. е добитник на плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” по повод неговиот 50-годишен јубилеј.