Серафимова-Теодосиевска(Милан) проф. д-р Симка е родена на 19 декември 1923 год. во Тетово, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршила во Скопје во 1942 год. На Стоматолошкиот факултет во Софија, Бугарија, дипломирала во 1953 год. Со звањето специјалист по ортопедија на вилици и заби се здобила во 1966 год., како прв специјалист по ортодонција во Македонија. Во 1979 год. се здобила и со звањето примариус. Во 1974 год. проф. д-р Симка Серафимова Теодосиевска одбранила хабилитациона теза на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов “Прогени загризи”. Првото вработување на проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска било веднаш по дипломирањето, во Бугарија.Во 1956 год. се вработила во Домот за народно здравје во Тетово. Во 1961 год. се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје и истата година била избрана во звањето асистент по предметот ортопедија на вилици и заби. Во 1968 год. била избрана во звањето предавач по истиот предмет, а во 1977 год. во звањето доцент. Во звањето вонреден професор на Катедрата за ортодонција при Стоматолошкиот факултет во Скопје, д-р Симка Серафимова-Теодосиевска била избрана во 1981 год. Во 1984 год. се пензионирала во звањето вонреден професор. Проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска била на повеќе стручни усовршувања, како: во Белград на Клиниката за ортопедија на вилици и заби кај проф. Бикар во траење од шест месеци (1961), во Загреб на Клиниката за ортопедија на вилици и заби кај проф. Болф во траење од два месеца (1962) и во Љубљана на Клиниката за ортопедија на вилици и заби во траење од три месеци кај проф. Рант. Во 1966 год., од специјалистичкиот турнус поминала уште четири месеци на Клиниката за ортопедија на вилици и заби во Белград. Професионалниот интерес на проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска бил особено насочен кон испитување на етиологијата на мандибуларниот прогнатизам (етиологија, дијагностика и терапија). Публицистичкиот опус на проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска опфаќа 74 статии објавени во домашни и во странски публикации. Проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска, во 1962 год. била организатор на отворањето на Ортодонтска амбуланта при Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Била раководител на Катедрата за ортопедија на вилици и заби и, потоа, управник на истоимената Клиника (1968-1984). Во тој период остварила тесна стручно-научна соработка со еминентни светски научници, како што се: проф. Марковиќ и проф. Озеровиќ од Белград, проф. Фарчник од Љубљана, академик Петровиќ и проф. Штуцман од Стразбур (Франција), проф. Хустон од Лондон и проф. Хопкинс од Кардиф (Велика Британија). Активно учествувала во органите на управата на Стоматолошкиот факултет. Била член на Управниот одбор на Советот на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет. Била иницијатор и организатор за формирање на Секцијата за ортодонција при Сојузот на здруженијата на ортодонтите на Југославија и нејзин прв претседател. Била член на Организациониот одбор на 52. Конгрес на Европската ортодонтска асоцијација, одржан во Белград во 1974 год. Во 1976 год. била избрана за претседател на Здружението на ортодонтите на Југославија. Била претседател на Организациониот одбор на 3. Конгрес на ортодонтите на Југославија одржан во Охрид во 1978 год., на кој учествувала научната елита на ортодонцијата од Европа и од целиот свет. Била организатор на три интерсекциски состаноци помеѓу секциите за ортодонција на Македонија и на Србија, во Дојран (1980), Крушево (1982) и Маврово (1984) и претседател на нивните организациони одбори. Проф. д-р Симка Серафимова-Теодосиевска е ко- автор на поглавјето “Малоклузии” во учебникот “Ортодонција” од поранешните југословенски простори, издаден во Белград во 1982 год. Од 1979 до 1983 год. организирала повеќе курсеви со тематика од разни ортодонтски проблеми, како расцепи, телерендген анализи и од областа на функционалната терапија. За својата богата и плодна дејност проф. д-р Симка Серафимовска-Теодосиевска е добитник на повеќе одликувања и награди. Добитник е на благодарница од Организациониот одбор на 3. Конгрес на Здружението на ортодонтите на Југославија за активно учество, соработка и посебно залагање за успехот на Конгресот (1978). Таа е добитник на Орден заслуги за народ со сребрени зраци (1980), плакета од Здружението на стоматолозите на Југославија за придонес во развојот на стоматолошката струка и наука (1984), плакета од Сојузот на здруженијата на лекарите од СР Македонија за значаен придонес во остварувањето на целите и задачите на Сојузот на здруженијата на лекарите на СР Македонија (1985), плакети по повод одблежувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004), плакета по повод одбележувањето на 40-годишнината на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје (1989) и благодарница од Стоматолошкиот факултет во Скопје за соработка, едукативен придонес и развој на Стоматолошкиот факултет (1994).