Рафајловски (Владо) проф. д-р Ристо е роден на 16 април 1933 год. во Скопје, Р.Македонија. Средно образование завршил во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1952 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1964 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобил во 1972 год. Проф. д-р Ристо Рафајловски одбранил хабилитациона теза на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје во 1978 год., под наслов “Долни и горни моларни заби: локализација, проодност на нивните канали и foramen apicis dentes”. Првото вработување на проф. д-р Ристо Рафајловски било по неговото завршување на средното образование, кога, во 1952 год., добил задача во рудникот “Радуша” во Радуша, Р. Македонија, да формира забна амбуланта. Во 1953 год. се вработил во здравствената служба на тогашниот Републички секретаријат за внатрешни работи, а потоа и во Втората градска поликлиника во Скопје, каде работел до 1964 год. На Клиниката за дентална патологија и терапија се вработил во 1964 год. Во 1967 год. бил избран за асистент по дентална патологија и терапија. Во звањето доцент на Катедрата за дентална патологија и терапија при Стоматолошкиот факултет во Скопје бил избран во 1980 год., а звањето вонреден професор, на истата Катедра, го добил во 1983 год. Во 1991 год. го напуштил работното место на Стоматолошкиот факултет и отворил сопствена стоматолошка ординација. Починал во 1997 год. Меѓу проблемите на кои проф. д-р Ристо Рафајловски им посветил особено внимание се: флуорот во превентивната стоматологија и анатомо-топографските карактеристики на коренските канали и пулпата. Публицистичкиот опус на проф. д-р Ристо Рафајловски опфаќа 39 статии објавени во домашни списанија. Уште како асистент на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет проф. Рафајловски бил делегиран во Наставно-научниот совет на Факултетот, а повеќе пати бил претседател на разни комисии на Стоматолошкиот факултет. Бил претседател на Специјалистичката секција по болести на устата, забите и пародонтот на Македонија. Општествените активности на проф. д-р Ристо Рафајловски се следат уште во неговите средношколски и студентски денови. Во неколку мандати бил избиран за секретар на средношколските и студентските основни организации на СКЈ. Како вљубеник во спортовите, повеќе пати учествувал во управните органи на разни спортски друштва. Бил активист и во Црвениот крст на Македонија. За својата долгогодишна дејност бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец, а носител е и на Орден на трудот со златен венецод 1989 год. Истата година, по повод одбележувањето на 30-годишнината, Стоматолошкиот факултет му доделил плакета за особен придонес во развојот на Факултетот.