Нечева (Иван) проф. д-р Љубинка е родена на 25 април 1930 год. во Охрид, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршила во Охрид во 1948 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1959 год. Во 1972 год. се здобила со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија, а со звањето примариус во 1978 год. Во 1972 год. одбранила хабилитациона теза на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов “Повреди на предните заби кај деца”. До 1949 год. професор Нечева работела како службеник во Градскиот одбор на Охрид. Од 1959 до 1961 год., како стоматолог, работела во Домот за народно здравје во Велес. За асистент на предметот детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје била избрана во 1961 год., а во 1968 год. за универзитетски предавач. Во звањето доцент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1973 год. Во 1979 год. била избрана за вонреден професор на истата Катедра, а во 1983 год. била преизбрана во истото звање. Во звањето редовен професор била избрана во 1985 год., а во 1990 год била преизбрана во истото звање. Се пензионирала како редовен професор во 1993 год. Професор Нечева била на повеќе стручни усовршувања во разни светски стоматолошки центри: на стоматолошките факултети во Белград, Загреб и Љубљана, потоа во Истмановиот институт и на Стоматолошкиот факултет во Лондон, Велика Британија, на Стоматолошката поликлиника во Женева, Швајцарија, на Истмановиот институт и на Стоматолошкото одделение на детската болница “Сен Винсент” во Париз, Франција. Во фокусот на нејзиното професионално интересирање биле профилаксата на забниот кариес во детската возраст, трауматските повреди на млечните и трајните заби и нивната реставрација, негативното влијание на антибиотиците од широк спектар врз дентиногенезата и конгениталните аномалии на ороденталниот систем од рецесивен и доминантен тип. Публицистичкиот опус на проф. д-р Љубинка Нечева опфаќа 135 статии, од кои 130 објавени во домашни и 5 во странски публикации. Проф. Нечева била долгогодишен раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје и на истоимената Клиника (1972-1990). Била заменик на директорот на Стоматолошки клиники во Скопје (1977-1978), а во текот на 1978 год. била и директор на таа институција. Членувала во разни тела и органи на Медицинскиот и на Стоматолошкиот факултет. Проф. Нечева била раководител на научен проект реализиран на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов “Процена на состојбата на оралното здравје и потребниот третман на населението во СР Македонија преку примената на базичните критериуми на Светската здравствена организација” (1990) и учесник на друг научен проект реализиран на Медицинскиот факултет во Скопје: “Содржина на флуор во водата за пиење со осврт на ендемски подрачја на флуороза како основа за оптимализација на дозите во СР Македонија” (1991). Богат и плоден бил општествениот ангажман на проф. Нечева. Со голем ентузијазам таа учествувала во работата на Стоматолошката секција при Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија, а потоа и во оформувањето на Републичката специјалистичка секција за детска и превентивна стоматологија, чиј прв претседател била. Била долгогодишен активен член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија, а била и негов секретар. Таа била член на Претседателството на Црвениот крст на Македонија. За својата долгогодишна дејност проф. д-р Љубинка Нечева била одликувана повеќе пати: Орден на трудот со сребрен венец (1982), Орден на трудот со златен венец (1989), по- велба “Д-р Трифун Пановски” од Македонското лекарско друштво (1988), плакети по повод одблежувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004).