Накова (Благој) проф. д-р Марија е родена во 1946 год. во Радовиш, каде во 1965 год. го завршила средното образование, гимназија. На Медицинскиот факултет – Отсек за стоматологија, дипломирала во 1971. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1975 год. Во 1976 год., на Медицинскиот факултет – Стоматолошки оддел во Скопје, магистрирала на тема “Прилог кон познавањето на протеините, јаглените хидрати и мастите во плунката и плазмата од пациенти со прогресивна пародонтопатија” и се здобила со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа болести на устата и пародонтот. Научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област го добила во 1980, со одбрана на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов “Процена на метаболните промени во гингивалното ткиво од пациенти со прогресивна пародонтопатија преку следење на вградувањето на маркирани аминокиселини и хијалуронидазната активност”, како прв доктор на стоматолошки науки промовиран на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Македонија. Во 1971 год., како дипломиран стоматолог, на Клиниката за болести на устата и била одобрена изработка на темата: “Промени во протеинскиот состав на плунката при разни патолошки состојби во устата”, како стипендист на Републичкиот секретаријат за образование и култура. Во 1972 год. се вработила на Клиниката за болести на устата при ООЗТ Стоматолошки клиники и истата година била избрана за асистент. Во 1981 год. била избрана за доцент на Катедрата за болести на устата и пародонтот, а во 1986 за вонреден професор. Со звањето редовен професор се здобила во 1992, а во 1998 била преизбрана во истото звање. Својот насочен интерес и предизвикот за унапредување на лекувањето на прогресивната пародонтопатија професор Накова го продлабочила преку стручниот престој во Турку, Финска, кај реномираниот експерт за пародонтални заболувања проф. Паунијо Кејо. Од 1991 до 1997 била помошник на главниот и одговорен уредник на списанието Македонски стоматолошки преглед. Во периодот 1997 до 2000 год. била главен и одговорен уредник, а во 2005 била повторно избрана за главен и одговорен уредниик, која функција ја обавува и денес. Професор Накова била раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот, а раководител на истоимената Катедра била во периодот 1994- 1998 год. Во три мандатни периоди (1992/1994, 1994/96 и 1996/98) била продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во три мандатни периоди, исто така, почнувајќи од 1998 до 2009, ја обавувала функцијата декан на Факултетот. Учесник е во изработката на два научни проекта: “Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми” (1979), “Процена на состојбата на оралното здравје и потребниот третман на населението во СР Македонија преку примената на базичните критериуми на Светската здравствена организација” (1990). Проф. Накова била ментор во изработката на повеќе студентски трудови за конгресите на студентите по стоматологија, магистерски трудови и докторски дисретации. Професор Накова има објавено над 200 стручно- научни статии. Била член на Уредувачкиот одбор на Македонска стоматолошка библиографија, издадена по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989) и главен и одговорен уредник на второто преработено издание Македонска стоматолошка библиографија (2004). Била уредник и автор е на повеќе поглавја (“Неврофизиолошки и патогенетски карактеристики на болката”, “Болката како субјективен симптом во оралната патологија и пародонтологија”, “Диференцијално-дијагностички разлики помеѓу денталната, пулпалната и психогената болка”, “Менаџмент на болката”) во монографијата “За стоматолошката болка”, во издание на Стоматолошкиот клинички центар (1998). Проф. Накова била уредник на едицијата “Галерија на кадрите (1959-1999)” издадена по повод јубилејот 45-години Стоматолошки факултет и на второто издание на “Македонска стоматолошка библиографија”, издадена по повод одбележувањето на 45-годишнината на Факултетот во 2004 год. Автор е на учебникот “Основи на оралната физиологија и биохемија” (2002), “Орална патологија” (2003) и “Практикум за орална патологија” (2006). Проф. Накова била активно вклучена во работата на повеќе одбори и комисии на Наставно- научниот совет на Стоматолошкиот факултет: во периодот од 1992 до 1998 год. била претседател на Наставниот одбор во повеќе мандати; член на Кадровскиот одбор (1992-1994), член на Комисијата за постдипломски студии (1992-1994) и член на Научниот одбор (1996-1998). Од 2006 до 2008 била член на Републичкиот одбор за доделување на “Климентовата награда”. Од 1984 до 1986 год. проф. д-р Марија Накова била делегат на Стоматолошката секција во Македонското лекарско друштво. Била и член на Републичкиот синдикат на здравствените работници на Македонија (1984-1986). Проф. Накова била потпретседател на Здружението на стоматолозите од Македонија во повеќе мандатни периоди (1992-1999) и потпретседател на конгресните одбори на I-от и II-от конгрес на стоматолозите од Македонија (1994 и 1998) и на симпозиумите “Трансфер на науката” (1995, 1996 и 1997). Во периодот од 1998 год. до денес, во рамките на Континуирана едукација, иницијатор е и организатор на повеќе семинари и курсеви за усовршување на знаењата на стоматолозите од Македонија. Во 2002 год., била иницијатор и реализатор на основањето додипломски студии на програмата за забни техничари и стручни стоматолошки сестри, а во 2003 год., иницијатор и реализатор на програмата за додипломски образовен процес во траење од 5 години според Европскиот кредит трансфер систем. Во 2005 год., како декан на Стоматолошкиот факултет, вовела компјутерска проверка на знаењата на студентите. За својата дејност, добитник е на повеќе одликувања и признанија: плакета на Стоматолошкиот факултет во Скопје по повод одбележувањето на 30-годишнината од неговото формирање (1989), плакета (1990) и повелба “Д-р Трифун Пановски” (1995), двете од Македонското лекарско друштво, плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1999 и 2004). Биографијата на проф. Накова е објавена во седмото издание на “The International Directory of Distinguished Leadership” на Американскиот биографски институт.