Проф. д-р Муровска Марија – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Муровска (Владо) проф. д-р Марија е родена на 27 мај 1942 год. во с. Кривогаштани, Р. Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1960 год. На Медицинскиот факултет, Стоматолошки отсек, во Скопје дипломирала во 1965 год. Со звањето специјалист по орална хирургија се здобила во 1973 год. Во 1982 год. се здобила и со звањето примариус. Во 1981 год., проф. д-р Марија Муровска одбранила хабилитационен труд на Стоматолошкиот факултет, под наслов “Проблемот на акутната одонтогена инфекција во орално-хируршката практика”. Проф. д-р Марија Муровска се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје во 1969 год., а во 1971 год. била избрана за помлад асистент. Во 1974 год. била избрана за асистент на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1977 и 1980 год. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент на истата Катедра била избрана во 1981 год., а во звањето вонреден професор во 1990 год. Во 1991 год. го напуштила Стоматолошкиот факултет и отворила сопствената приватна стоматолошка ординација “Д-р Муровска” во Скопје. Професор Муровска поминала низ неколку стручни усовршувања: кај проф. Френкел во Франкфурт на Мајна, Германија во 1976 год., во траење од три месеци; кај проф. Челешник во Љубљана, поранешна СФРЈ, во 1972 год., во траење од еден месец, кај проф. Мише во Загреб, поранешна СФРЈ, во 1972 год., во траење од 1 месец, и кај проф Перовиќ во Белград, поранешна СФР Југославија, во траење од еден месец. На професионален план, проф. Муровска била особено фокусирана на расветлување на проблемите што произлегуваат од акутните инфекции во лицево-виличниот комплекс. Таа била посебно посветена на превенцијата на професионалните заболувања на стоматолошкиот тим. Публицистичкиот опус на професор Муровска опфаќа 45 статии објавени во домашни публикации. Била член на првиот Совет на Стоматолошкиот факултет што се конституирал во 1979 год. Во периодот од 1988 до 1990 год. проф. Муровска била претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во Скопје и член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија (1988-1990). Проф. Муровска активно била вклучена во општествено-политичкиот живот уште во школските денови. Била ангажирана во работата на тогашниот Сојуз на комунистите и во Сојузот на синдикатите. Проф. д-р Марија Муровска е добитник на Орден на трудот со сребрен венец (1989) и плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет (1989).