Мирчева (Пејо) проф. д-р Мила е родена на 28 август 1939 год. во Д. Лапац, СР Југославија. Средно образование, гимназија, завршилаво 1958 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1964 год. Во 1972 год. се здобила со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија. Во 1978 год., на Медицинскиот факултет – Стоматолошки оддел во Скопје, го одбранила хабилитациониот труд под наслов “Ефектот на администрацијата на тетрациклините во првите години од животот на забите во развој”. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1988 год., под наслов “Некои патогенетски основи и клинички манифестации на стравот кај децата во стоматолошката практика”, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа детска и превентивна стоматологија. Првото вработување на проф. Мирчева било во 1964 год., во Здравствената амбуланта при комбинатот “Борово” во Борово (СР Југославија). Во 1965 год. се вработила на Стоматолошката клиника, на Одделот за детска и превентивна стоматологија во Скопје. Во 1969 год. била избрана за асистент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1972 била преизбрана. Во 1979 била избрана за доцент на истата Катедра, а во 1984 год. за вонреден професор. Изборот за редовен професор на проф. Мирчева бил извршен во 1989 год., а во 1996 год. била преизбрана во истото звање. Се пензионирала во 2004 год. Во 1977/78, во траење од една година, била на стручно усовршување во Берлин, кај професор Ванделт, а во 1979 год., во траење од три месеци, во Ерфурт, кај професор Кинцел, во тогашната Западна Германија. Во потесниот домен на професионален ангажман на професор Мирчева се психолошките аспекти во детската стоматологија. Нејзиниот интерес е насочен и кон проучување, преку примена, на современите материјали во превентивната и реставративната стоматологија во детската возраст. Публицистичкиот опус на професор Мирчева, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа вкупно 93 статии, од кои 88 објавени во домашни и 5 во странски публикации. Професор Мирчева е коавтор на учебникот “Дјечја и превентивна стоматологија”, во уредништво на проф. Рајиќ и во издание на ЈУМЕНА, Загреб (1985), и на “Македонско-германски стоматолошки речник” во издание на “Студентски збор” (1999). Проф. д-р Мила Мирчева била раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија од 1990 до 1998 год. Во 1998 год., во еден мандатен период, била избрана за продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Меѓу општествените активности на професор Мирчева треба да ги наброиме следниве: таа била претседател на Работничкиот совет на ООЗТ Стоматолошки клиники, член на Црвениот крст на Македонија, потпретседател на Секцијата за детска и превентивна стоматологија и делегат во Здружението на лекарите на град Скопје. За својата севкупна дејност професор Мирчева била наградувана со разни одликувања и награди: Орден на трудот со сребрен венец (1980) и Орден на трудот со златен венец (1989), двете од Претседателството на бившата СФРЈ, и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004), повелба на Лекарското друштво на Македонија “Д-р Трифун Пановски”, за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развој на здравствената заштита (1996), плакета по повод 50 години на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (1999).