Лазаревска (Сотир) проф. д-р Благородна е родена на 17 јануари 1932 год. во Прилеп, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршила во Прилеп, во 1951 год. На Стоматолошкиот факултет во Белград, поранешна СФР Југославија, дипломирала во 1957 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1974 год. Во 1974 год., на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје професор Лазаревска го одбранила хабилитациониот труд под наслов “Учество на локалните фактори во етиологијата на прогресивната пародонтопатија”. Веднаш по дипломирањето, во 1957 год., се вработила како стручен наставник по дентална патологија, болести на устата и екстракција на заби во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Благородна Лазаревска се вработила во 1961 год., како избран асистент на предметот болести на устата, а во 1964 била избрана за универзитет- ски предавач. Со звањето доцент професор Лазаревска се здобила во 1967 год., а во 1975 год. била избрана за вонреден професор. Во 1980 год. била избрана за редовен професор на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1986 год. била преизбрана во истото звање. Во 1992 год. се пензионирала во звањето редовен професор. Проф. д-р Благородна Лазаревска била на повеќе стручни усовршувања: во 1963 год. престојувала еден месец на Клиниката за болести на устата при Стоматолошкиот факултет во Белград; во 1966 год., како стипендист на Свет- ската здравствена организација била на четири- месечно стручно усовршување во СССР: во Мо- сква кај професор Рибаков и проф. Евдокимов, во Одеса кај проф. Фјодоров и во Ленинград кај проф. Литваев. Научниот интерес на проф. д-р Благородна Лазаревска навлегува во различни области на стоматологијата, но нејзин особен предизвик била прогресивната пародонтопатија. Публицистичкиот опус на професор Лазаревска опфаќа 136 статии, од кои 135 се објавени во домашни и една во странска публикација. Во текот на работниот век професор Лазаревска вршела бројни функции: била раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот при Стоматолошките клиники во Скопје (1964-1990) и раководител на истоимената Катедра при Стоматолошкиот факултет во Скопје (1964-1990). Во два мандатни периода (1978-1980 и 1980- 1982) била продекан и во еден мандатен период (1982-1984) била декан на Стоматолошкиот факултет. Претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во Скопје била од 1984 до 1986 год. Во 1979 год. биле објавени резултатите од научниот проект со кој раководела професор Лазаревска, под наслов “Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми”. Професор Лазаревска била еден од најпреданите поборници за основањето на стручно-научното списание на стоматолозите од Македонија, Македонски стоматолошки преглед, и негов заменик главен и одговорен уредник во периодот од основањето во 1977 до 1990 год. Во периодот од 1970 до 1972 год. била член на Републичката комисија за изработка на план и развој на научните дејности на СРМ. Била апстрактор на Научниот билтен на Сојузот на академиите на науките и уметностите на Југославија. Била прв претседател на Секцијата за болести на устата, забите и пародонтот. На општествен план, професор Лазарева била постојано вклучена во органите на управата на матичната институција: била член и претседател на Работничкиот совет на Стоматолошките клиники, претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет и претседател и член на повеќе одбори и комисии на Наставно-научниот совет на Факултетот. Исто така, во два наврата, била член на Комисијата за доделување на наградата “13. Ноември” на град Скопје и еднаш била член на Републичката комисија за доделување на награ- дата “11. Октомври” на Р. Македонија. За својата севкупна дејност, професор Лазаревска е носител на повеќе одликувања и награди: Орден на трудот со сребрен венец (1982), Орден на трудот со златен венец (1989), обата од Претседателството на СФРЈ, пофалница и парична на- града за најдобар студент на генерацијата од Стоматолошкиот факултет во Белград, поранешна СФРЈ (1957), плакета од Универзитетскиот совет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1984) и плакета од Медицинскиот факултет во Приштина, поранешна СФРЈ (1984) и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината,40- годишнината и 45 годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004).