Железаров (Христо) проф. д-р Димитар е роденво 1900 год. во Велес, Р. Македонија. Средно образование завршил во 1921 год. во Скопје. Студиите по медицина ги започнал во Грац, Австрија, а дипломирал во Виена, во 1927 год. Веднаш по дипломирањето, специјализирал стоматологија на Стоматолошкиот институт при Универзитетот во Виена, а во 1929 год. се здобил со звањето специјалист за болести на устата и забите. Во 1955 год. се здобил и со звањето примариус. Починал во 1979 год. Во 1959 год., на Стоматолошкиот факултет во Белград, тогашна ФНР Југославија, проф. д-р Димитар Железаров одбранил хабилитациона теза под наслов “Симплекс шина: монографија за фиксација на разлулани заби”. До 1945 год. проф. д-р Димитар Железаров работел во приватна стоматолошка ординација во Скопје. По 1945 год., во траење од три години,работел во Здравствената станица во Прилеп, а во 1948 год. бил назначен за наставник по забна протетика и заботехника во Средното медицинско училиште во Скопје. Во 1960 год. бил избран за вонреден професор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Звањето редовен професор го стекнал во 1970 година. Според податоците со кои ние располагавме, публицистичкиот опус на професор Железаров опфаќа 9 статии објавени во домашни публикации. Во Прилеп, веднаш по Втората светска војна, професор Железаров ја организирал и ја проширил здравствената служба и бил ангажиран во унапредувањето на здравственото просветување и во културниот живот на средината во која работел (1945-1948). Времето поминато како универзитетски наставник го исполнил со интензивна и постојана ангажираност во организирањето, изведувањето и развојот на наставата по претклиничка и клиничка стоматолошка протетика на Факултетот. Првиот напишан стоматолошки збор на македонски јазик потекнува од професор Железаров. Тој е автор на повеќе учебници и скрипти. Во издание на Советот за просвета на НРМ, во 1951 год., за потребите на наставната програма во средното училиште за забари и забни техничари излегла од печат неговата “Забна протетика и заботехника” и во 1960 год. “Познавање на инструментите: скрипта за забни техничари”. Во издание на “Просветно дело”, во 1957 год., била отпечатена “Забна протетика и заботехника: анатомија и артикулација” и во 1958 год. “Забна протетика и заботехника: коронки, мостови и керамика”. Потоа, Советот за просвета бил повторно негов издавач, и тоа на: “Познавање на инструменти и некои материјали за стоматолози” (1961), “Основи на ортодонцијата за забари” (1961) и “Челусна хирургија за забари” (1961), а во соработка со Љ. Трајкова, бил автор и на “Познавање на инструментите: скрипта за забари” (1960). Последните три учебни помагала на професор Железаров, за потребите на образовниот процес на Медицинскиот факултет, Институт за стоматологија, Универзитетот “Кирил и Методиј му ги издал: “Анатомо-морфолошки атлас на човечките заби” (1967), “Стоматолошка технологија” (1968) и “Дентална протетика” (1971). Иако податоците за животниот пат на проф. Железаров со кои располагавме се скудни, од сеќавањата за него навира личност која целосно била посветена на задачите и должностите за унапредување на македонската стоматологија, на наставен и на стручен план, на едукацијата на млад, способен и, во тоа време, толку потребен стоматолошки кадар во земјата.