Димитровски проф. д-р Вангел е роден на 15. февруари 1943 год. во с. Попадија, Леринско, Грција. Средно образование завршил во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1966 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобил во 1974 год. Во 1978 год. на Стоматолошкиот факултет во Скопје го одбранил хабилитациониот труд под наслов “Прилог кон патогенезата на воспалителните форми на прогресивната пародонтопатија”. Докторската дисертација под наслов “Промени во имунолошката реактивност кај заболени од пародонтална болест” ја одбранил во 1990 год. и се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа болести на устата и пародонтот. Првото вработување на проф. д-р Вангел Димитровски било во Здравствениот дом “Идадија” во Скопје во 1968 год. Потоа, се вработил на Клиниката за болести на устата и пародонтот при Стоматолошките клиники, а во 1971 год. бил избран за асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во звањето доцент на Катедрата за болести на устата и пародонтот бил избран во 1979 год., а во 1984 год. во звањето вонреден професор. Изборот за редовен професор на д-р Димитровски бил извршен во 1996 год. Се пензионирал во звањето редовен професор во 2008 год. Уште во студентските денови, во рамките на меѓународната размена на студентите, бил на едномесечен престој во Берлин, Германија. Во 1984 год. бил на стручно усовршување и во Источен Берлин, поранешна Германска Демократска Република, на Фрај Универзитетот. Потесна специјалност на проф. Димитровски се патогенетските аспекти на пародонтопатијата и внесување нови методи во лекувањето на пародонталната болест, со посебна нагласка на нејзиниот имунолошки аспект. Професор Димитровски бил учесник во изработката на научноистражувачкиот проект под наслов “Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми” (1979) и “Промени во имунолошката реактивност кај пародонталната болест кај млада популација (2003). Публицистичкиот опус на проф. д-р Вангел Димитровски опфаќа 114 статии. Проф. Димитровски е автор на монографијата “Промени во имунолошката реактивност кај заболени од пародонтална болест”, во издание на “Софија” од Богданци (1996). Автор е на “Основи на оралната пропедевтика”, во издателство на Стоматолошки факултет (2002) и на „Диференцијална дијагноза на оралните лезии” во издателство на МагнаСкен од Скопје во 2004 год. Во 1977 год., проф. д-р Вангел Димитровски бил назначен за раководител на Отсекот за пародонтологија при Клиниката за болести на устата и пародонтот на Катедрата за болести на устата и пародонтот и раководител на истоимената Клиника бил во периодот од 1990 до 1992 год. Од 1999 до 2003 год. бил повторно раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје, за во 2005, до неговото пензионирање во 2008 год, повторно да ги обавува функциите раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот и раководител на истоимената Катедра. Богата и плодна била општествената активност на проф. Димитровски. Уште како средношколец и студент учествувал во работата на организациите кои во тоа време го организирале општествениот живот: бил член на советите на година во сите четири години на студии, член на Факултетскиот одбор на Стоматолошкиот факултет, претседател на Комисијата за наставни прашања на Факултетот и член на истоимената Комисија при Универзитетот. Подоцна, бил член на Советот на Стоматолошкиот факултет, член на неговиот Извршен одбор. Бил и секретар на Акционата конференција на Стоматолошкиот факултет. Проф. Димитровски бил генерален секретар на I-от конгрес на специјалистите по болести на устата, забите и пародонтот на Југославија. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои: повелба “Д-р Трифун Пановски” за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развојот на здравствената заштита (1985), благодарница по повод одбележувањето на 35-годишнината од основањето на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” за соработка, едукативен придонес и развој на Стоматолошкиот факултет (1994).