
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска го посети Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде Министерството за образование и наука, заедно со ректорската управа, изминатите две години реализираа инвестиција во опрема за подобрување на условите за настава за студентите.
На посетата беа присутни и ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Стоматолошки факултет проф. д-р Ќиро Ивановски и проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска од Катедрата за детска и превентивна стоматологија.

„Вложувањето во нова опрема за факултетите е истовремено вложување и во развојот на високото образование. На овој начин овозможуваме подобри услови за теоретска и практична настава на студентите – идни стоматолози. Ја препознаваме потребата за капитални инвестиции во високото образование и ќе продолжиме да работиме и вложуваме во таа насока“, рече министерот Шаќири.

Во изминатиот двогодишен период беа комплетно реновирани и опремени со најсовремена опрема четирите клинички сали кои ги користат Катедрата за детска и превентивна стоматологија, Катедрата за орална хирургија, Катедрата за имплантологија, Катедрата за болести на забите и ендодонтот и Катедрата за болести на устата и пародонтот. За набавка на најсовремена опрема, Министерството за образование и наука одвои вкупно 10.000.000,00 денари од кои 5.000.000,00 денари во 2020 година и уште 5.000.000,00 денари во 2021 година.
Со инвестициите во високото образование, од една страна студентите имаат можност својата пракса да ја извршуваат во соодветни и модерни услови, а од друга страна, условите заработа на професорите стануваат соодветни на нивните потреби.

*Преземено од Министерство за образование и наука