Петкова-Иванова (Васил) проф. д-р Елена е родена на 31 мај 1947 год. во Скопје, Р. Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари, Отсек забари, во Скопје, во 1966 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 год. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика се здобила во 1976 год., а во 1985 и со звањето примариус. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1989 год., под наслов “Влијанието на местоположбата на гингивалниот раб на вештачката забна коронка врз здравјето на пародонциумот”, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика.Веднаш по дипломирањето, како стпендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, во траење од една година (1972), на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика ја изработила темата под наслов “Хеилогнатопалатошиза”. Првото вработување на професор Петкова било во 1973 год. на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ООЗТ Стоматолошки клиники во Скопје. Во 1978 год. била избрана за помлад асистент на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во 1980 год. била избрана за асистент, а во 1983, 1987 и 1991 год. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент, на истата Катедра, била избрана во 1991 год., во звањето вонреден професор во 1997 год. и во звањето редовен професор во 2002 година.Проф. д-р Елена Петкова, во 1985 и 1987 год. била на стручни престои на Военомедицинската академија во Белград, СР Југославија, кај проф. Грковиќ. Во 2001 година, проф. Петкова престојувала во Минесота, Минеаполис, САД.Публицистичкиот опус на проф. д-р Елена Петкова опфаќа повеќе од 1000 статии. Коавтор е на учебникот “Инструменти и апарати за заботехничка лабораторија (2005), во издание на Стоматолошкиот факултет.Во 1993 год. професор Петкова била назначена за одговорен наставник на Одделот за претклиничка фиксна протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Од 1999 год. е раководител на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ЈЗУ Стоматолошки клинички центар а била и шеф на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Проф. д-р Елена Петкова била постојано вклучена во работата на управните органи на матичната институција и во телата на Стоматолошкиот факултет. Била член на Кадровскиот одбор во неколку мандати (1990-1999), на Извршниот одбор (1988) и на Библиотечниот одбор. Од 1991 до 1994 год. била член на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед, а од 1995 наваму член е на неговиот Редакциски совет. Во три изборни мандати била член на Советот на Стоматолошкиот факултет (1993-1999). и на Комисијата за нострификација на дипломи при Министерството за образование.За својата дејност проф. Петкова е добитник на повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во знак на признание за успешна работа и придонес во основањето и извршувањето на задачите на факултетот (1989) и на диплома од Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија за придонес и ангажирање во работата на Сојузот (1991). Во 1993 год. е добитник на плакета за значаен придонес во остварувањето на задачите на Македонското лекарско друштво.