Проф. д-р Љупка Матовска – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Матовска проф. д-р Љупка е родена на 13. август 1946 год. во Кратово, Р. Македонија. Средно образование завршила во Училиштетот за забари и забни техничари во Скопје. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1975 год.Со одбраната на магистерскиот труд, како прва во генерацијата, на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1976 год., под наслов “Етио-морфо-функционални аспекти на денталната ресорпција”, се здобила со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа дентална патологија и терапија. Во 1982 год. ја одбранила докторската дисертација, исто така на Стоматолошкиот факултет, под наслов “Патолошка дентална ресорпција: процена на етиопатогенезата преку анализа на ресорптивното поле” и се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област.Веднаш по дипломирањето, како стипендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, во траење од година и половина (1972-1973), на Клиниката за дентална патологија и терапија ја изработила темата под наслов “Примена на кортикостероидите во третманот на периапикалните процеси”. Во 1973 год. се вработила на Клиниката за дентална патологија и терапија и истата година била избрана за асистент на истоимената Катедра при Стоматолошкиот оддел на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1977 и 1981 год. била преизбирана во истото звање. Во 1983 год. била избрана во звањето доцент на Катедрата за дентална патологија и терапија, а во 1988 год. била избрана во звањето вонреден професор. Изборот за редовен професор на д-р Љупка Матовска бил извршен во 1993 год., а во 1999 год. била преизбрана во истото звање.На професионален план, професор Матовска била отсекогаш ангажирана во експерименталните истражувања, со посебна нагласка на патолошкиот дентален ресорптивниот процес. Уште во седумдесеттите години работела на тестирање нови медикаменти и материјали.Проф. д-р Љупка Матовска има остварено повеќе студиски престои во странство. Во 1977 год. престојувала на Универзитетот Semmlweis Orvostudomany Egyetem Konserváló Fogarszati, кај проф. Баноши Јолан, во експериментална и хистолошка лабораторија, а за патолошкиот ресорптивен процес кај д-р Хидаси и д-р Шиба. Во 1989 год., на покана на проф. Џејмс Сајмон, престојувала на UCLE, Endodontic Section, Medical Center, во Лос Анџелес, САД, за новите трендови во лекувањето на ресорптивните процеси, особено хируршката ендодонција. Во 1997 год. посетувала предавања на д-р Крах во Центарот за обука на “Вивадент” (Лихтенштајн) во врска со новите производи на “Вивадент”. Во 1997 год. во КаЊо, Биберах, Германија, ги завршила курсевите: (1) за сигурност со ласерот VBG93, MRG / физикални основи на Erbium YAG и работа со KaWo ласери и (2) за практична работа и индикации за KaWo Key ласер, и двата одржани од страна на проф. Келер и доц. Хибст.Публицистичкиот опус на проф. д-р Љупка Матовска опфаќа околу 100 статии објавени во домашни и во странски публикации.Професор Матовска, од нејзиното вработување, била најактивно вклучена во работата на телата и органите на Стоматолошкиот факултет во Скопје и на Универзитетот во Скопје. Во три изборни периода била член на Советот на Факултетот и член на делегацијата на Основната организација на здружен труд при Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје. Во осумдесеттите години била иницијатор и реализатор на идејата за формирање на Библиотеката при Стоматолошкиот факултет. Била потпретседател на Здравствениот одбор на Стоматолошкиот факултет и член на Комисијата за доделување на звањето примариус при Министерството за здравство на Р. Македонија. Била член на разни одбори и комисии на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет: здравствен одбор, постдипломски, кадровски и научен. Во два мандата била член на Универзитетскиот совет при Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Била раководител на Клиниката за дентална патологија и терапија при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје и претседател на Комисијата за реформи во наставата. Во единаесет броја на Билтенот на Македонската академија на науките и уметностите, сукцесивно, проф. Матовска објавувала најголем број толкувања на стоматолошки термини на повеќе светски јазици. Член е на работната група на научниот проект на Темпус-програмата “Развивање систем за вреднување на квалитетот на образованието на македонските универзитети”. Професор Матовска била перманентно општествено активна. Била секретар на Секцијата за болести на устата, забите и пародонтот на Македонија и на Стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво и потпретседател на Здружението на стоматолозите од Македонија; истата функција ја извршувала и за Конгресниот одбор на I-от и II-от конгрес на стоматолозите од Македонија (1991, 1994). Била активен член на Сојузната работна група за термини и дефиниции на Комисијата за стандарди во Белград. Од 1977 год. проф. Матовска е член на Терминолошката комисија за стоматологија во Одборот за изработка на македонска стручна и научна терминологија при Македонската академија на науките и уметностите.Проф. д-р Љупка Матовска е автор на монографијата “Патолошка дентална ресорпција” во издание на “Македонска книга” (1984) и коавтор на “Стоматолошки терминолошки речник” во издание на “Сигмапрес” од Скопје (1999).За својата плодна и долгогодишна дејност проф. Матовска е добитник на разни награди и признанија. Во 1998 год. нејзината биографија била објавена во Marquis -овата едиција за 1998 Who’s Who in Science and Engineering за 1998/99.