Лабораторија за реставративна стоматологија и ендодонција – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Во рамките на Катедрата за болести на забите и ендодонтот постои лабораторија опремена со 10 современи симулациони фантом – студио модели, со соодветен инструментариум и стоматолошки материјали, со што се овозможува симулација на изведувањето на интервенциите исто како и во клинички услови. Со својата техничка опременост лабораторијата нуди можност студентите да се запознаат со најсовремените методи и техники на работа во современата реставративна стоматологија и ендодонција, како и можност за изведување на научно-истражувачка работа.

Оваа лабораторија првенствено е наменета за изведување на настава за студенти од програмата за доктори по дентална медицина по предметите Претклиничка кариологија и претклиничка ендодонција, што претставува добар предуслов за првично стекнување на практични вештини на студентите. На овој начин студентите се подготвуваат за вклучување во практичната настава на предметите кои се изведуваат во клинички услови. Исто така, во оваа лабораторија се врши и подготовка и на студентите од програмата за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

Во 2019 е извршено целосно реновирање на просторијата, комплетно сервисирање на симулационите дентални единици, набавени се ергономски столови за секое работно место, како и насадни инструменти (турбини и коленици) за секоја единица. Годинава, во оваа лабораторија, за првпат се набавени шест ендомотори со реципрочни движења, со вграден апекс локатор. Тие се неопходна потреба во современата ендодонција. Со тоа се осовремени практичната обука на студентите и специјализантите, а овие апарати ќе бидат од полза за спроведување на различни облици на континуирана едукација.

Со набавката на инструменти и апарати за машинско и рачно одржување на насадните инструменти, студентите од студиската програма за орални хигиенолози ќе можат да ги научат принципите и техниките за правилно одржување на насадните инструменти.