Функционално-работната единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје е основана со Правилникот за внатрешни односи и работење на Стоматолошкиот факултет во Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје од 2009 година и има за цел да ги задоволи растечките потреби на здравствените работници од областа на стоматологијата за соодветна обука и усовршување во различни сфери од нивното работење.
Единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје е динамична и институционализирана единица, посветена на организирање и реализација на современи, креативни, високо квалитетни и акредитирани облици на стручно усовршување со учество на лица избрани во наставно-научни и научни звања како и на лица кои професионално се занимаваат со стоматологијата и сродните научни дисциплини. Водечки начела во работењето се актуелизирање на научните и етички вредности и развивање на практични вештини во програмите за континуирана едукација.
Основни цели на функционално-работната единица за континуирана едукација се:
- Популаризација и афирмација на идејата за континуирана едукација;
- Поттикнување и реализација на различни облици на стручно усовршување кои ќе ги задоволат потребите на јавниот и приватниот сектор;
- Oбезбедување на капацитети, опрема и референтен материјал за реализација на стручното усовршување;
- Следење на квалитетот и користа од стручното усовршување;
- Создавање “синергизам” во рамките на универзитетските единици и развој на стратегиjа за зголемување на “индивидуалниот придонес” на академските лица во стручното усовршување на заинтересираните лица и институции;
- Воспоставување на интердисциплинарна академска, научна и стручна соработка со други институции во земјата и странство посветени на развој на програми за континуирана едукација;
- Вклучување во интернационалниот систем за континуирана едукација на земјите – членки на Европската Унија и надвор од неа;
- Воспоставување на соработка преку меѓународни проекти во областа на континуираната едукација.
Наставно-научниот совет на факултетот, на предлог на раководителот на функционално-работната единица за континуирана едукација, донесува програма за стручно и професионално усовршување и различни облици на неформално учење. За реализацијата на програмата е одговорен раководителот на единицата и Деканатската управа на факултетот.
Како предлагач може да се јави лице избрано во наставно-научно или научно звање или општествено-афирмиран стручњак од одредена област или институција од јавниот и приватниот сектор.
Функционално-работната единица за континуирана едукација се обврзува да ја достави документацијата за акредитација на обликот и програмата за стручно усовршување до Стоматолошката комора на Македонија, доколку тоа го побара предлагачот или доколку за тоа одлучат органите на факултетот.
Цената на услугите кои ги дава функционално-работната единица за континуирана едукација ги утврдува Деканатската управа.
Образец за организирање на континуирана стоматолошка едукација можете да го симнете тука.
Пополнетиот образец доставете го до писарницата на факултетот.


