Катедра за стоматолошка протетика – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Историјат   

Катедрата за стоматолошка протетика за првпат е формирана во учебната 1960/61 год., при Институтот за стоматологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Опфаќала два предмети – претклиничка и клиничка протетика сѐ до 1975 година, кога поради наставните содржини настанува поделба на четири предмети (претклиничка фиксна протетика, претклиничка мобилна протетика, клиничка фиксна протетика и клиничка мобилна протетика). Во 1999 година Клиниката за стоматолошка протетика се одделува од Катедрата која како самостојна единица ги извршува активностите од теоретската и практична настава од областа на стоматолошка протетика – фиксна и мобилна протетика, како претклиничка и клиничка дејност.

Првиот наставник по предметот Дентална протетика бил д-р Димитар Железаров, кој бил избран во 1962 год., и претставува автор на првите учебни помагала од областа на стоматолошката протетика. Во 1962 год. му се придружуваат д-р Ѓорѓи Симов и д-р Марко Фиљански, а потоа д-р Ефтим Мирчев, д-р Владимир Силјановски, д-р Стојан Петровски и д-р Васил Галев. Прв раководител на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика и управник на истоимената клиника бил д-р Ѓорѓи Симов, а по него истата функција ја вршел д-р Ефтим Мирчев.

Прв управник на Катедрата по мобилна стоматолошка протетика бил проф. д-р Марко Фиљански, потоа проф. д-р Игнатие Богдановски, а во периодот 1996-1999, проф. д-р Драгољуб Велески. Од 1999 година раководител на Катедрата по мобилна стоматолошка протетика бил проф. д-р Крсте Дејановски. После повторното спојување на Катедрите за фиксна и мобилна стоматолошка протетика во една Катедра за стоматолошка протетика, раководители биле проф. д-р Ерол Шабанов, проф. д-р Елена Петкова и проф. д-р Јагода Бајевска. Денес, раководител на Катедрата по стоматолошка протетика е проф. д-р Весна Коруноска – Стевковска.

Од 1975 год., после изградбата на сегашната зграда на Клиниката за стоматологија, Катедрата за стоматолошка протетика својата теоретска и практична настава ја изведува на Клиниката за стоматолошка протетика која располага со современа опрема и простории: 2 клинички сали (фиксна и мобилна сала) опремени со 10 работни места за одвивање на клиничка настава, 2 претклинички заботехнички лаборатории: за фиксна стоматолошка протетика и за мобилна стоматолошка протетика, опремени со по 10 места со фантом студио модели за одвивање на претклиничка настава и заботехничка лабораторија со гипс сала (едукативен центар), опремена за одвивање на наставата на додипломските студии за стручни забни техничари. Во состав на клиничката дејност успешно работат и две заботехнички лаборатории за мобилна и фиксна протетика, како и кабинетот за CAD-CAM (за изработка на најсовремени титаниумски и целосно керамички и циркониумски конструкции).

Од 2002 година Катедрата за стоматолошка фиксна протетика и Катедрата за стоматолошка мобилна протетика активно учествуваат во процесот на креирање на студиските програми за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри.

Од 2003 год. Катедрата својата настава ја изведува според ЕКТС (Европскиот кредит трансфер систем), со што се создаваат услови за поквалитетна едукација и пообјективно оценување, како и унифицирање на знаењата со високообразовните системи од земјите на Европска Унија.

Развојот на Катедрата во последната декада

Во последната декада од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје, Катедрата за стоматолошка протетика учествува во едукацијата на студентите на додипломски и последипломски студии од II и III циклус на студии, едукација на специјализанти од областа на стоматолошка протетика, применувајќи ги најсовремените техники и методи за изработка на протетичките конструкции. Освен стандардните клинички, дијагностички и терапевтски методи, наставниот кадар на Катедрата е обучен и за изработување на современи изработки како: безметална керамика – коронки, мостови, ламинати, инлеј, онлеј, изработка на супраструктури над импланти, користење на фрез техника, ласерско поставување на подвижни колчиња, прес керамика, се користат и методи за здравствени и научни цели како компјутерска анализа на оклузијата со T-Scan систем, CAD-CAM техниката за изработка на протетички конструкции, ФА-ДЕ модел за избирање на вештачки заби, CONDYLOKOMP систем, електромиографија, компјутеризирана томографија и др. Заботехничката лабораторија каде што се изведува практичната настава на претклиничка фиксна протетика е опремена со 10 нови симулациски дентални модели – фантоми, места со кои се овозможува претклиничките вежби да се одвиваат користејќи современа опрема и материјали.

Трите заботехнички лаборатории каде што се одвиваат вежбите за студентите од студиските програми за доктори по дентална медицина и стручни забни техничари, се снабдени со нови заботехнички мотори со кои се овозможува прецизна обработка на протетичките конструкции.

На Катедрата за стоматолошка протетика во реализацијата на поливалентната дејност учествува наставно-научниот, научниот и соработничкиот кадар. За реализирање на практичната настава вклучени се и дипломирани забни техничари како стручњаци од практиката.

Наставно-научна и здравствена дејност

На Катедрата за стоматолошка протетика денес работат искусни, високостручни и едуцирани наставно- научни кадри кои ја водат теоретската и практичната додипломска настава за доктори по дентална медицина, стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри. Од 2016 год., со почетокот на интегрираните шестгодишни студии за прв циклис на студентите по дентална медицина, предвидените програми кои треба да ги совладаат студентите од областа на стоматолошката протетика се предметите: Претклиничка фиксна протетика, Претклиничка мобилна протетика, Клиничка фиксна протетика, Клиничка мобилна протетика, Анатомија и морфологија на вилици и заби, Дентални материјали, Гнатологија, одреден број на часови по предметот Имплантологија, Дентална естетика, Геронтостоматологија. Во последната година од нивните студии Катедрата учествува во изведувањето на предвидената клиничка пракса – ресторативна стоматологија, со едукација на студентите теоретски и практично, користејќи современи клинички дијагностички и терапевтски методи.

Катедрата за стоматолошка протетика, користејќи софистицирана опрема и најквалитетни стоматолошки материјали, со својот високостручен наставно-научен кадар учествува во изведувањето на теоретската и практичната настава на студиската програма за стручни забни техничари со следниве предмети: Анатомија и физиологија на џвакалниот систем, Заботехнички апарати и инструменти, Морфологија на заби I, Морфологија на заби II, Технологија на фиксни протези – коронки, Технологија на фиксни протези – мостови, Технологија на заботехнички материјали I, Технологија на заботехнички материјали II, Технологија на мобилни протези – тотални протези, Технологија на мобилни протези – парцијални протези, со одреден број на часови за супраструктурите кај Дентална имплантологија, Биомеханика на џвакален систем, Скелетирана парцијална протеза, Протетичка естетика, Вилично-лицева реконструктивна протетика, Стоматолошка керамика, Геронтостоматологија. Преку изведувањето на практичната настава во заботехничките лаборатории за фиксна и мобилна протетика, како и заботехничката лабораторија со гипс сала, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, како и предвидениот стаж што студентите го изведуваат во заботехничките лаборатории за фиксна и мобилна протетика од Клиничкиот стоматолошки центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје, се врши квалитетно и високодиференцирано обучување на студентите од студиската програма за стручни забни техничари.

Во студиската програма за стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози, Катедрата за стоматолошка протетика учествува во едуцирањето на студентите со предметите: Стоматолошка протетика, Стоматолошки материјали и Геронтостоматологија.

На Катедрата за стоматолошка протетика се одржуваат и наставните единици од предметите: Медицинска етика и психологија за студиската програма доктори по дентална медицина; Медицинска психологија со медицинска етика и Менаџмент во стоматологијата за студиската програма за стручни забни техничари; Медицинска психологија со медицинска етика, Професионализам и тимско работење и Менаџмент во стоматологијата за студиската програма за стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

Студентите од Стоматолошкиот факултет-Скопје, заедно со наставниците и соработниците од Катедрата за стоматолошка протетика, како ментори, со свои трудови учествуваат на бројни домашни и меѓународни студентски конгреси.

Наставно-научниот кадар од Катедрата за стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје има издадено повеќе учебници, скрипти, практикуми, монографии и атласи кои се користат во реализирањето на наставата за методските единици од предметите на Катедрата.

Покрај наставната, не изостанува и здравствената дејност која се одвива во рамките на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје каде што заедно со едукаторите се изведува и специјалистичка едукација. Наставниците, соработниците, како и забните техничари, постојано ги усовршуваат своите знаење преку престои во странство, соработка со други факултети, активно и пасивно учество на курсеви, семинари и конгреси.

Денес Стоматолошкиот факултет во Скопје заедно со ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје, благодарение на современата опрема и високостручниот кадар, постигнува завидни резултати од областа на здравствениот и образовниот дел на стоматопротетичката терапија.

На Катедрата за стоматолошка протетика континуирано се одвива наставата и на постдипломски студии од II и III циклус на студии.

Научноистражувачка и применувачка дејност на Катедрата

Научноистражувачката дејност на вработените на Катедрата за стоматолошка протетика се забележува од бројните научни и стручни трудови со кои учествувале на многу конгреси, собири, стручни и научни манифестации, или ги објавувале во домашни или странски стручни и едукативни гласила.

Во последната декада од постоењето на Стоматолошкиот факултет на Катедрата за стоматолошка протетика одбранети се 26 магистерски трудови и 15 докторски дисертации. На Катедрата, за овој десетгодишен период, се реализирани два научни проекта, додека вработените на Катедрата имаат учествувано во реализацијата на уште три научноистражувачки проекти во соработка со други катедри од Стоматолошкиот факултет во Скопје, како и со други организации и институции, обработувајќи соодветна проблематика.

Проблематиките кои се предмет на испитување на нашата Катедра се базираат на искуствата од секојдневната пракса, како и следењето на најсовремена светска литература.

Интерес на научните испитувања беше дистрибуцијата на оклузалните сили кај парцијалните протези со дистално слободни седла. Истражувањата водеа и кон процена на вредностите на CAD/CAM системот во однос на конвенционалниот начин на изработка на парцијалните скелетирани протези. Од особена важност беше и испитувањето направено за процена на трајноста на суптотална телескоп протеза.

Во истражувањата особен интерес предизвика влијанието на површинската обработка на керамичките надградби и нивниот ефект на фрактурната резистентност на ендодонтски третирани заби, како и испитувањата in vitro за процена на јачината на керамичко-цементното поврзување кај целосно керамичките системи.

Во фиксната протетика особен предмет на испитување беше безметалната керамика. Истражувањата беа насочени кон процена на механичката отпорност на безметалните коронки во однос на видот на препарацијата на забите во корелација со ferrule effect, како и врската помеѓу цирконијата и порцеланските маси за фасетирање. Не помалку важни беа и испитувањата во врска со цементните маси кои се применуваат во стоматолошката фиксна протетика.

Беа направени и истражувања за важноста од носење на ноќни протези при естетско-протетичката рехабилитација кај пациенти со бруксизам.

Во секојдневната практика се судираме со предизвици кои нѐ наведуваат кон примена на посовремени методи, следејќи ги светските трендови, во границите на нашите можности. Нашите научноистражувачки насоки водат во правец да се подобри, пред сѐ, функционалноста и естетиката при протетичката рехабилитација на нашите пациенти, при што се наметнува потребата од користење на софистицирани методи и техники, како и користење на современи материјали при изработката на протетичките конструкции.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

проф. д-р Весна Коруноска Стевковска
проф. д-р Никола Гиговски
проф. д-р Билјана Капушевска
проф. д-р Јадранка Бундевска
проф. д-р Гордана Ковачевска
проф. д-р Јулијана Николовска
проф. д-р Сашо Еленчевски
проф. д-р Сања Панчевска
доц. д-р Емилија Бајрактарова Ваљакова
виш. науч. сор. Сашо Јовановски
науч. сор. Анета Мијоска
науч. сор. Наташа Ставрева
науч. сор. Благоја Даштевски
науч. сор. д-р Надица Јанева
науч. сор. д-р Марјан Петков
науч. сор. д-р Весна Јуруковска Шотаровска
асс. д-р Анета Ангеловска