Катедра за ортодонција – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Историјат

По формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 година и сѐ поголемата потреба за воведување на организирана и стручна забоздравствена заштита, во 1948/49 година е формирана Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Просторно клиниките биле сместени во 4 простории. Во 1959 година, на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје е формиран Стоматолошки оддел со три предмети: дентална (орална) хирургија, максилофацијална хирургија и ортопедија на вилици и заби. За наставник на трите предмети бил назначен управителот на Клиниката, проф. д-р Димитар Смилев.

Катедрата за ортодонција е формирана во текот на учебната 1959/60 година, истовремено кога Одделението за регулирање на вилици и заби прераснува во Стоматолошки одел при Медицинскиот факултет во Скопје и освен во здравствената дејност, се вклучува и во наставната и научната дејност.

Првите предавања по предметот Ортопедија на забите и вилиците ги изведува доц. д-р Димитар Смилев. Негови соработници биле асистентите д-р Јованка Козарова и д-р Симка Серафимова. Во периодот од 1964 до 1966 година, наставната дејност ја изведувал проф. д-р Иван Бикар со својот асистент д-р Митиќ од Белград, а од 1966 до 1968 година повторно проф. д-р Димитар Смилев.

Д-р Симка Серафимова раководела со Одделението од 1965 година, а во 1968 година била избрана за универзитетски предавач, и е првиот предавач на предметот Ортопедија на вилици и заби. Во тој период, на Одделението за ортопедија на вилици и заби биле вработени д-р Надежда Ѓорчулеска Бајрактарова, д-р Илија Илиевски, д-р Надежда Ќофкарова и д-р Ристо Каркалашев.

Во 1974 година се вработил д-р Тодор Бојаџиев, а во 1975 година д-р Јулијана Ѓоргова и д-р Марија Зужелова. За прв раководител на Катедрата за ортодонција во 1975 година била избрана д-р Симка Серафимова која била и одговорен наставник по предметот Ортопедија на заби и вилици, сѐ до 1984 година кога заминала во пензија.

Наставниот кадар на Катедрата низ годините континуирано бил надополнуван со нови кадри: д-р Лидија Кануркова, д-р Васка Вандевска, д-р Емилија Лазарева,  д-р Маја Поп Стефанова-Трпоска, д-р Бојана Даскалова, д-р Елена Петрова, д-р Роберт Јанев, д-р Маргита Смилева Нацевска, д-р Габриела Ќурчиева Чучкова, д-р Билјана Џипунова, д-р Наташа Тошеска Спасова, д-р Цветанка Бајрактарова Мишевска, д-р Билјана Богдановска, д-р Марија Манева, д-р Стипица Поповски, д-р Јасна Петровска, д-р Ирена Гавриловиќ и д-р Ненад Симоновски.

Во 1984 година за раководител на катедрата за Ортодонција бил избран проф. д-р Тодор Бојаџиев кој ја вршел таа функција до 2004 година. Од 2005 до 2012 година со Катедрата раководеше проф. д-р Марија Зужелова, а од 2012 година до денес раководител на Катедрата за ортодонција е проф. д-р Лидија Кануркова.

Наставниот и помошниот наставен кадар, усовршувајќи се во врвни светски ортодонтски центри, редовно ја следи стручната литература и современите достигнувања во ортодонцијата. Автори се на голем број трудови, печатени во домашни и странски списанија, ментори на студентски теми и активни учесници на конгреси, симпозиуми и едукативни курсеви во земјата и странство. На Катедрата за ортодонција се издадени повеќе учебници за едукација на студентите, последипломците и специјализантите.

Клиниката за ортодонција денес располага со две клинички сали, просторија за стерилизација, заботехничка лабораторија и одделна просторија за излевање на студио и работни модели за изработка на мобилни и фиксни ортодонтски апарати. На Клиниката за ортодонција се изработуваат сите видови на мобилни акрилатни апарати (активни и функционални), Twin блок апарат, Бионатори, Frankel апарат, оптуратори за деца со расцепи на усните и непцето, како и сите современи интраорални и екстраорални фиксни ортодонтски апарати (апарати за ширење и цепење на непце, пендулум апарат, Headgear, Delaire-ова маска, lip bumper).

Ваквата целосна просторна и кадровска поставеност на Катедрата и на Клиниката за ортодонција овозможува современ пристап во лекувањето на сите дентофацијални и скелетни неправилности и, истовремено, реализација на целокупниот наставно-научен процес.

Наставно-научна и здравствена дејност

На Катедрата за ортодонција се изведува континуиран едукативен процес промовиран и акредитиран од страна на Стоматолошкиот факултет. Од 2003/4 година, според Европскиот кредит трансфер систем, се одвива настава за студентите по дентална медицина, стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози по предметите Ортодонција I, Ортодонција II (задолжителни предмети) и Претхируршки ортодонтски третман (изборен предмет) за студиската програма на прв циклус студии за доктори по дентална медицина, Ортодонција I и Ортодонција II за студиската програма за стручни забни техничари, и Ортодонција (задолжителен предмет) и Медицинска документација (изборен предмет) за студиската програма за стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

На Катедрата за ортодонција се одвива и настава за специјализанти и студенти на II и III циклус студии. Во рамките на научната дејност на Катедрата, одбранети се голем број магистерски трудови и докторски дисертации.

Теоретскиот едукативен процес е организиран преку предавања, интерактивна настава, семинарски работи, факултативни активности и консултации. Практичната настава на Катедрата за ортодонција се изведува преку претклинички и клинички вежби за време на кои студентот се стекнува со одредени практични вештини.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

Катедрата за ортодонција ја сочинуваат следните лица избрани во звање и тоа:

проф. д-р Лидија Кануркова
проф. д-р Габриела Ќурчиева Чучкова
проф. д-р Билјана Џипунова
проф. д-р Наташа Тошеска Спасова
проф. д-р Цветанка Бајрактарова Мишевска
доц. д-р Ирена Гавриловиќ
науч. сор. д-р Билјана Богдановска
науч. сор. д-р Марија Манева Ристовска
науч. сор. д-р Јасна Петровска