Стојаноски (Петко) д-р Јордан е роден на 11 ноември 1932 год. во Прилеп, Р. Македонија. Средно образование завршил во Државното училиште за забари во Скопје, во 1951 год. Дипломирал во првата генерација студенти на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1964 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобил во 1972 год., а во 1977 год. го стекнал и звањето примариус. Д-р Јордан Стојаноски се вработил во 1965 год. на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1968 год. бил избран за асистент по дентална патологија и терапија, а во 1971 и 1974 год. бил преизбиран во истото звање. Во 1980 год., на Катедрата за дентална патологија и терапија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, бил избран за универзитетски предавач, а во 1983 год. за виш универзитетски предавач. Во 1991 год. го напуштил Факултетот и отворил сопствена приватна стоматолошка ординација во Скопје. Д-р Јордан Стојаноски бил на стручни усовршувања во траење од по еден месец: во Белград, кај проф. Бергер (1969), во Загреб кај проф. Њемировскиј (1969), поранешна СФР Југославија, и во Варшава, Полска, кај проф. Шевицки (1975). Истражувачки интерес на д-р Стојаноски биле ендемските флуорози, некои генетски аспекти поврзани со оралната патологија, а бил жесток поборник за воспоставување ергономски услови за работа во стоматолошката ординација и за усвојување на тие начела во едукативниот процес на студентите и лекарите стоматолози. Публицистичкиот опус на д-р Јордан Стојаноски опфаќа 36 статии објавени во домашни списанија. Во периодот 1974-1980 год. д-р Јордан Стојаноски бил раководител на Одделот за ендодонција при Клиниката за дентална патологија и терапија. Од 1975 до 1977 год. бил заменик директор на Стоматолошките клиники во Скопје. Во тој период бил особено ангажиран и заслужен е за изградбата и опремувањето на објектот на Стоматолошките клиники во Скопје. Бил и претседател на Советот на ООЗТ Стоматолошки клиники (1977-1978) и претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет (1985-1986). Д-р Јордан Стојаноски бил еден од најголемите поборници за афирмација на македонската стоматологија, па, во рамките на тогашната СФРЈ бил генерален секретар на Сојузот на стоматолошките здруженија на Југославија (1969-1973) и секретар на Конгресниот одбор на 5. Конгрес на стоматолозите од Југославија што се одржал во Охрид во 1972 год. Тој е еден од основоположниците на првото македонско стоматолошко списание Македонски стоматолошки преглед и бил секретар на Редакцискиот одбор на списанието од 1977 год., кога излегол неговиот прв број, сe до 1990 год. Д-р Стојановски бил прв наставник по предметот вовед во стоматологијата (19811992) и е креатор на наставниот план по предметот. За својата дејност д-р Јордан Стојаноски бил многупати одликуван. Носител е на Орден на трудот со сребрен венец што го доделил Маршалот на тогашна СФРЈ (1973), плакета по повод 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет (1989), плакета по повод 40-годишнината на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (1989) и признание по повод 50-годишниот јубилеј на Македонското лекарско друштво (1995).