Проф. д-р Владимир Силјановски – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Силјановски (Ристо) д-р Владимир е роден на 14 јули 1938 год. во с. Растојца, Демир Хисар, Р. Македонија. Средно образование завршил во Средното медицинско училиште во Скопје, Отсек за забари и забни техничари, во 1957 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1966 год. Во 1971 год. се здобил со звањето специјалист по стоматолошка протетика, а во 1980 год. и со звањето примариус. Д-р Владимир Силјановски ги стекнал првите работни искуства уште по завршувањето на средното образование, како забен техничар (1957-1959). Потоа, по дипломирањето на Стоматолошкиот факултет, во 1966 год, се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1967 год. бил избран за асистент на предметот клиничка стоматолошка протетика. Во текот на неговото работење на Катедрата за стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје повеќе пати бил преизбиран во истото звање (1971, 1975, 1980, 1987). Во 1991 год. го напуштил Факултетот и преминал да работи во приватна стоматолошка ординација. Починал во 1999 год. Д-р Владимир Силјановски бил на повеќе стручни усовршувања, меѓу кои, во 1970 год., во траење од два месеца, на Стоматолошкиот факултет во Загреб, поранешна СФР Југославија, во 1977 год. еден месец на Стоматолошкиот факултет во Будимпешта, Унгарија. Публицистичкиот опус на д-р Владимир Силјановски опфаќа 29 статии објавени во домашни публикации. Во општествениот живот д-р Силјановски се вклучил уште како студент, активно учествувајќи во работата на Студентската организација (19641966), а бил и претседател на организацијата на Црвениот крст на Медицинскиот факултет. Како член на колективот на ООЗТ Стоматолошки клиники бил избиран за претседател на Работничкиот совет и на Синдикалната организација. Бил член на Наставно-научниот совет на Медицинскиот, а потоа и на Стоматолошкиот факултет и член на Советот на Стоматолошкиот факултет. Од 1981 до 1990 год. бил член на Редакцискиот одбор на Македонски стоматолошки преглед. За својата севкупна дејност д-р Владимир Силјановски е добитник на Орден на трудот со сребрен венец и, по повод 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет, добитник е на плакета (1989).