Велески (Александар) проф. д-р Драгољуб е роден на 20 ноември 1946 год., во с. Селце, Крушево, Р. Македонија. Средно образование завршил во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1965 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1971 год. Во 1978 год. се здобил со звањето специјалист по стоматолошка протетика. Во 1982 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранил магистерскиот труд под наслов “Биофункционални аспекти на протетичкото лекување кај суптотална беззабност” и се стекнал со научниот степан магистер на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Евалуација на вредноста на џвакопритисокот и реакцијата на потпорните ткива кај суптотални протези”, во 1988 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област. Во 1975 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет и истата година бил избран за асистент на Катедрата за стоматолошка протетика. Во 1978, 1983 и 1986 бил преизбиран во истото звање. Во 1989 бил избран за доцент на истата Катедра, а во 1994 год. за вонреден професор. Изборот за редовен професор на Катедрата за стоматолошка протетика на проф. Велески бил извршен во 1999 год.За проширување на своите професионални афинитети, во 1965 год., професор Велески бил на едномесечен престој во Варшава, Полска, кај професор Крицман; во 1987 год., во Берлин, Германија, исто така, на едномесечен престој, кај професор Ајхнер, а во 1984, во Белград, Југославија, 15 дена поминал кај професор Грковиќ на Военомедицинската академија.Посебен интерес на стручното и научното ангажирање на професор Велески се состојбите на парцијалната беззабност и разрешувањето на научно фундираните креации на протетичката терапија кај суптоталната беззабност. Тој дава акцент на реализацијата на протетичките зафати кај споменатите состојби со примена на современ гнатодинамометриски метод, од сопствена креација. Своите резултати тој ги применува при вградувањето на системите во протетичките изработки, како што се: атачмените, телескоп системите, функционално и биолошки компатибилни со носечките ткива.Публицистичкиот опус на професор Велески опфаќа над 100 статии објавени во домашни и 33 во странски публикации.Професор Велески бил носител на научноистражувачкиот проект “Реакција на потпорните ткива кај парцијални протези во корелација со конструкциската изведба на врската меѓу протезите и забите” во 1991 г. Бил и соработник во изработката на други два проекта: “Протетички стоматит: студија за откривање на неговата етиологија и за откривање начини за превенција” (1986) и “Примена на биокерамички ендоосеални имплантати” (1991).Проф. д-р Драгољуб Велески бил раководител на Научноистражувачкиот институт при Стоматолошкиот клинички центар од 1994 до 1996 год. и раководител на Клиниката за мобилна стоматолошка протетика од 1996 до 1998 год. Во 1999 год. е назначен за раководител на Клиниката за мобилна стоматолошка протетика при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје.Професор Велески е член на Советот на Балкан Stomatological Society со седиште во Солун, Грција, од 1996 год. Бил претседател на Стоматолошката комора на Македонија од 1996.За својата севкупна дејност професор Велески добил плакета од Македонското лекарско друштво (1995) и плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет (1989).