Оваа лабораторија целосно е реновирана во 2018 година, и денес се состои од 10 работни места подготвени за изведување на вежбите од предметот Орална биохемија на студиската програма за доктори по дентална медицина, вежбите од предметот Орална биохемија и физиологија на студиската програма за стручни стоматолошки сестри-орални хигиенолози и вежбите од предметот Орална физиологија од студиската програма за стручни забни техничари. Строгото почитување на посебно изготвените упатства за работа во лабораторијата се основен предуслов за секој поединец кој работи во лабораторијата, во текот на вежбите или за научно-истражувачки цели.
Лабораторијата, по заминувањето на биохемичарот во 2009 година, беше ставена во мирување. Во последниве 5 години, благодарение на ентузијазмот и макотрпната работа на вработените од Катедрата за болести на устата и пародонтот, повторно беше ставена во функција. Причина за активирање на лабораторијата беше за изведување на практичната настава на повеќе предмети од Катедрата. Но, по ставањето на апаратите и опремата (спектрофотометар, центрифуга, водена бања и др.) во употреба, се создадоа услови и за научно-истражувачка работа. Основна цел и предизвик во истражувањата е плунката како дијагностички медиум, не само за орални заболувања, туку и за системските заболувања. Оваа година за лабораторијата се набавени современи апарати за биохемски и микробиолошки истражувања, како и опрема за клиничка примена.
Опременоста на лабораторијата со соодветни апарати овозможува во неа да се анализира саливата и нејзините компоненти (протеини, електролити, ензими, деградациони продукти, рН вредноста и др.), не само во текот на вежбите, туку и во текот на изработката на бројни магистерски и докторски трудови, научни истражувања ефектуирани во трудови објавени во еминентни списанија, како и значителен број на студентски теми.
Несомнено, современите постапки за добивање PRP плазма во лабораторијата на Стоматолошкиот факултет овозможуваат, покрај нејзината клиничка примена, и примена во текот на специјалистичката едукација за следење на ефектите во научните истражувања од различните области на стоматологијата.
Фактот дека со помош на BANA тестот, прецизно, ефикасно и брзо се детектира присуството на дел од пародонтопатогените ѝ дава дополнителен кредибилитет на лабораторијата. Во неа постои можност да се детектира и присуството на Candida albicans, што е придобивка за пациентите и терапевтите.
Иако мала просторно, засега скромно опремена, лабораторијата од ден на ден, сѐ повеќе се опремува следејќи ги барањата и потребите на наставно-научниот кадар и сигурно прераснува во значаен сегмент каде што ќе се одвива научно-истражувачката дејност на Факултетот.