Белазелкоска проф. д-р Златанка е родена на 26 март 1948 год. во Скопје, СР Македонија. Средно образование завршила во Скопје, во 1968 год. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје дипломирала во 1973 год. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1977 год. Со одбраната на магистерскиот труд под наслов “Активноста на алкалната и киселата фосфатаза, глутамат оксалат трансаминаза, глутамат пируват трансаминаза и лактатдехидрогеназа кај пациенти со прогресивна пародонтопатија”, во 1981 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, се здобила со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа болести на устата и пародонтот. Во 1989 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје одбранила докторска дисертација под наслов “Биохемиска верификација на хидролитичната ензимска активност кај заболени од прогресивна пародонтопатија” и се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област.Веднаш по дипломирањето, како стипендист на Републичката заедница за научни дејности, во траење од две години (1973-1975), на Клиниката за болести на устата и пародонтот, проф. д-р Златанка Белазелковска ја изработила темата под наслов “Измени на ензимската активност на алкалната и киселата фосфатаза кај болни со прогресивна пародонтопатија”. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, на Клиниката за болести на устата и партодонтот, се вработила во 1975 год. Во 1977 год. била избрана во звањето помлад асистент по предметот болести на устата и пародонтот на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет. Во 1979 год. била избрана во звањето асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје и уште три пати била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент на истата Катедра била избрана во 1990 год. Изборот во звањето вонреден професор на д-р Златанка Белазелкоска бил извршен во 1995 год. За редовен професор били избрана 2000 година, а реизбрана во истото звање во 2005 година. Научноистражувачкиот афинитет на проф. д-р Златанка Белазелкоска се насочил кон проследување на улогата на ензимите во етиопатогенезата на прогресивната пародонтопатија.Публицистичкиот опус на проф. д-р Златанка Белазелкоска опфаќа над 120 статии, објавени во домашни и во странски публикации.Проф. д-р Златанка Белазелкоска е активно вклучена во дејноста на Стоматолошкиот факултет и на стоматолошките клиники. Во неколку изборни периоди била избирана за секретар на Кадровскиот одбор при Наставно-научниот совет на Факултетот, од 1992 наваму. Проф. д-р Златанка Белазелковска била и раководител на Катедрата за болести на устата и пародонтот како и на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон’’ во Скопје. Проф. д-р Златанка Белазелкоска била соработник во изработката на научниот проект под наслов “Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија кај населението во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми”, чии резултати биле објавени во 1979 год.Добитник е на повеќе награди: Повелба – Стоматолошки факултет 1993 г., Плакета по повод 40- годишнината на Стоматолошкиот факултет, Плакета од Македонското лекарско друштво во 1995 година и други награди и признанија.