Бајрактарова (Лазар) проф. д-р Бона е родена на 25 септември 1946 год. во Ново Село, Струмица, Р. Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје во 1965 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1973 год. Со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија се здобила во 1978 год.Со одбраната на доктроската дисертација под наслов “Развиток, алвеоларна и клиничка ерупција на трајните заби кај децата од централното подрачје од СР Македонија” во 1988 год. се здобила на Стоматолошкиот факултет во Скопје со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа детска и превентивна стоматологија.Веднаш по дипломирањето,како стипендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, на Клиниката за детска и превентивна стоматологија, во траење од две години, работела на темата “Влијание на исхраната врз структурата на забите”. На Клиниката за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошките клиники се вработила во 1975 год. Во 1977 год. била избрана за помлад асистент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1986 год. за асистент. Во 1983 и 1986 била преизбрана во истото звање. Во звањето доцент на истата Катедра била избрана во 1989 год., а во звањето вонреден професор во 1994 год. Изборот за редовен професор на д-р Бона Бајрактарова бил во 1999 год, а во 2004 година била преизбрана во истото звање.Професор Бајрактарова ги збогатувала своите искуства преку повеќе студиски престои во странство. Во 1985 год. била на двомесечен престој на Стоматолошкиот факултет при универзитетите во Бон, кај проф. Нолден и во Берлин, кај проф. Невезели, поранешна Сојузна Република Германија. Во 1993 год. била на двомесечен студиски престој на Стоматолошкиот факултет при Фраје Универзитетот во Берлин, кај проф. Виол. Во 1994 год. две недели престојувала на Научниот стоматолошки центар во Амстердам (ACTA), Холандија, кај проф. Прал Андерсен, а во 1997 год. еден месец, во истиот Центар, кај проф. Давидсон. Од овие престои проф. д-р Бајрактарова секогаш се враќала збогатена со нови созанија во доменот на науката, практиката или во организациона смисла, применувајќи ги во професионалните кругови – во секојдневната практика и едукација. Особен предмет на интересирање за професор Бајрактарова се: денталниот развиток, денталната трауматологија, естетските дентални реконструкции и здравствената стоматолошка едукација. Што се однесува за стоматолошката превентива, нејзината активност е насочена кон јавно просветување преку настапи на радиото и телевизијата и едукативна публицистика. Во 1998 год. иницирала републичка кампања насловена “За подобро орално здравје – за поздрави заби”. За кампањата се предвидени повеќе активности, меѓу кои е објавен и постер со едукативна содржина (1998).Публицистичкиот опус на проф. д-р Бона Бајрактарова опфаќа над 100 статии, објавени во домашни и во странски публикации.Проф. д-р Бона Бајрактарова била член на: Советот на Стоматолошкиот факултет (1988-1990), Извршниот одбор на Советот на Стоматолошкиот факултет (1988-1990), Здравствениот одбор на Советот на Факултетот (1988-1990). Во повеќе мандати била избирана за член или претседател на разни комисии на Наставно-научниот совет: била член на Кадровскиот одбор во 1991, 1997 и 1998, член на Комисијата за постдипломски студии во два изборни периоди (1992-1994, 1996-1998), претседател на Библиотечниот одбор (1996-1998); секретар е во Комисијата за реформа на наставата при Стоматолошкиот факултет од 1998 год. Како експерт за надворешна евалуација на високото образование, била претседател на Комисијата за надворешна евалуација на Медицинскиот факултет (УКИМ) во Скопје и член на комисиите за евалуација на Факултетот за ветеринарна медицина и Високата медицинска школа во Битола. Била член во националниот Комитет за унапредување на здравјето. Како резултат на особената ориентираност кон научноистражувачката работа проф. Бајрактарова била раководител на самостоен проект под наслов “Развиток и ерупција на трајните заби кај децата од Македонија”, чии резултати ги објавила во 1991 год. Проф. д-р Бајрактарова била раководител на научниот проект под наслов “Проценка на имунолошкиот одговор на пулпното ткиво кај некариозни и кариозно променети заби во детската возраст: клиничка, морфолошка и имунохистохемиска студија”. Исто така, била член на работната група на научниот проект на програмата Темпус: “Развивање систем за вреднување на квалитетот на образованието во македонските универзитети”. Како раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија иницира и реализира низа активности за унапредување на практичната настава на студентите по стоматологија и за организацијата на вкупните активности на Клиниката.Автор е на прирачникот “Млечни и трајни заби”, објавен во 1994 год., и на поглавјето “За млечните и трајните заби на детето” во периодичната публикација на УНИЦЕФ од 1997, “Факти за животот”. Автор е на книгата “Трајна дентиција. Дентална ембриологија и хистоморфологија” во издание на “Скенпоинт” во 2000 год. Проф. Бајрактарова е еден од авторите на учебното помагало ,,Хистолошка градба и ембрионален развиток на усната празнина’’ (Медицински факултет, Скопје, 2004). Во 2006 година, проф. Бајрактарова ја објавила книгата-учебник под наслов ,,Дентална трауматологија’’, а во 2011 година ја објавила книгата “Аномалии на забите”. Богата и плодна е активноста на проф. Бајрактарова во општествениот живот. Уште како младинка и потоа како студент активно учествувала во средношколската, односно студентската организација. Во 1958 била член на делегацијата од Македонија на традиционалната средба на младите што во тоа време, секоја година, се одржувала на Белиот двор во Белград, поранешна Југославија. Потоа, во академските денови, била член на Претседателството на Здружението на лекарите на град Скопје (1994-1996) и на Советот на Македонското лекарско друштво (1994-1996). Била претседател на Секцијата за стоматолошка заштита при Црвениот крст на Македонија. Во периодот од 1999-2002 и 2006-2009 год. била раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје.За својата севкупна дејност проф. д-р Бона Бајрактарова била повеќе пати наградувана. Добитник е на плакета од Македонското лекарско друштво (1984), благодарница и значка од Црвениот крст на Македонија (1985), диплома на Македонското лекарско друштво (1986) и повелба од Стоматолошкиот факултет по повод одбележувањето на 30-годишнината (1989) и 40-годишнината од неговото формирање. Проф. д-р Бајрактарова е добитник и на државната награда Климент Охридски, општествено признание за особени остварувања во здравството од интерес на Република Македонија.