Васков проф. д-р Илија е роден на 31 декември 1934 год. во Велес, Р. Македонија. Средно образование, гимназија, завршил во Велес. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал во 1959 год. Во 1968 год. дипломирал и на Медицинскиот факултет во Скопје. Со звањето специјалист по орална и максилофацијална хирургија се здобил во 1969 год. Во 1972 год. одбранил хабилитационен труд на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов “Терапија на долновилични фрактури”. Во 1981 год. одбранил докторска дисертација на Военомедицинската академија во Белград, под наслов “Примена на компресивна остеосинтеза во терапијата на долновиличните преломи” и се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа максилофацијална хирургија. Работната кариера на проф. Васков започнала по дипломирањето, во 1959 год., во Велес. Потоа, во 1960 год. се вработил во Домот за народно здравје “Идадија” во Скопје. Во 1961 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет и истата година бил избран во звањето асистент по предметот максилофацијална хирургија. Во 1965 год. бил избран во звањето универзитетски предавач на истиот предмет. Во звањето доцент бил избран во 1972 год. Во 1977 год. бил избран во звањето вонреден професор, а во 1982 год. бил преизбран во истото звање на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Изборот за редовен професор на д-р Илија Васков бил извршен во 1983 год., а преизборот во истото звање во 1993 год. Се пензионирал во 2000 год. Во 2000 год. бил избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Својот стручен и научен профил проф. д-р Илија Васков го изградувал и го потврдувал и во повеќе центри во Европа. Во седумдесеттите години бил на осуммесечен стручен престој на Клиниката за максилофацијална хирургија во Љубљана, а потоа, исто толку, на Клиниката за максилофацијална хирургија во Западен Берлин, поранешна Сојузна Република Германија, кај проф. Шелмах. Во 1977 и 1978 год. престојувал кај високо ценетиот експерт за максилофацијална хирургија од светски формат, проф. Обвегезер, во Цирих, Швајцарија. За публицистичкиот опус на проф. д-р Илија Васков, за жал немаме целосен податок, освен дека до 1999 год. тој опфаќа над 120 статии, објавени во домашни и странски публикации. Уште како ученик, проф. д-р Илија Васков бил мошне активен член во Младинската и во Студентската организација. Во два изборни мандата бил секретар на Болничкиот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија. Бил член на Комисијата за економски односи во здравствотои директор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Бил и претседател на неговиот Управен одбор. Бил директор на Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје во два мандата (1983-1987). Негова исклучителна заслуга е изградбата на објектот на денешните Стоматолошки клиники и современото опремување на работните места и заботехничките лаборатории. Не помал е неговиот придонес во изградбата на клиниките за кардиологија, педијатрија, инфективни и хируршки болести. Од 1972 до 1998 год. бил директор на Клиниката за максилофацијална хирургија. Континуираниот стручен развој на Клиниката е непосредно поврзан со проф. Васков. Поставувајќи ги темелите на современата македонска максилофацијална хирургија, тој ја афирмира во европски размери. Проф. д-р Илија Васков е автор на самостојниот научноистражувачки проект под наслов “Остеосинтезата во третманот на мандибуларните фрактури” (1985). Тој е, исто така, автор на повеќе учебници, атласи и монографии: “Трауматологија на лицeвовиличните коски”, (1983), “Остеосинтезата во максилофацијалната хирургија” (1990), “Расцепи на усната и непцето” (1993), сите во издание на НИО “Студентски збор”, “Хируршки атлас на заболувањата на максилофацијалната регија”, во издание на “Просвета” од Куманово (1994), “Стоматохируршки практикум”, (1995), “Рендгенолошки атлас на болестите во максилофацијалната регија” (1997), двете во издание на “Студентски збор” од Скопје, а коавтор е на учебникот “Современа неврохирургија”, во издание на “Македонска книга” одСкопје (1988). Автор е на “Тумори во максилофацијалната регија” (1998), “Амбулантски стоматохируршки интервенции”, двете во издание на “Студентски збор” (1999), “Трауми во лицевовиличната регија” и Дентогени синузитиси, обете во издание на Македонска академија на науките и уметностите (2005 и 2006). Бил член во редакциските одбори на Македонски медицински преглед и на Македонски стоматолошки преглед. Бил претседател на Секцијата за пластична и максилофацијална хирургија при Македонското лекарско друштво. Меѓу другите, како најдобар студент на генерацијата, во 1959 год. му била доделена “Октомвриска награда”. Понатаму, за плодната и самопрегорната сестрана дејност проф. Васков е одликуван со Орден на трудот со златен венец од прв ред (1964) и со Орден заслуги за народ со сребрени зраци (1978). Тој е добитник на наградите “11 Октомври”, за животно дело, “13 Ноември”, награда на град Скопје, “Гоце Делчев”, награда за наука. Македонското лекарско друштво, по повод денот на здравјето, му ја доделило повелбата “Д-р Трифун Пановски”, за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развој на здравствената заштита. Професор Васков е добитник на плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1989, 1999 и 2004).