Македонски стоматолошки преглед (анг. Macedonian dental review) е списание кое го издава Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” Скопје Стоматолошки факултет во Скопје и Македонското стоматолошко друштво (МСД). Во печатена форма, списанието излегува од 1977 година, а од 2013 година започнува да се издава во електронска форма, на CD. Во 2017 година, по повод 40 годишнината од излегувањето на првиот број на списанието, се изврши дигитализација на сите изданија на списанието и истите се јавно достапни на веб страницата на Стоматолошкиот факултет.
Списанието има задача да оствари централна врска помеѓу науката и практиката, помеѓу македонската и светската стоматологија, а негова основна мисија е унапредување на оралното здравје во Македонија. Неговата улога и репутација се нераскинливо поврзани со предизвикот за перманентна трансформација на визијата за тоа што се очекува од стоматологот денес. Содржински, Македонски стоматолошки преглед претставува пресек на научно-истражувачката и апликативната стоматологија во Македонија. Списанието е трибина за разрешување актуелни проблеми од областа на стоматологијата. Самостојниот и амбициозен развој и долгогодишниот континуитет на списанието се потврда на потребата за меѓусебна комуникација на стоматолозите од земјава, па, и пошироко, од странство.
Во 2017 година, списанието го одбележа својот 40-годишен јубилеј. Во тој 40-годишен период времињата се менуваа и, веројатно, за движењата и за напредокот на македонската стоматологија во голем дел придонеле и објавените страници во нашето списание, разменетите истражувачки и практични искуства и пренесувањето на новите сознанија од светската наука.